Ако се двоумите дали оваа година да одите на семеен летен одмор со вашите деца, текстот на Вики Тејт ќе ве убеди да го направите тоа.
Тејт раскажа дека за време на погреб ја научила животната лекција да создава повеќе семејни спомени со своите деца. Сега, таа ги охрабрува родителите низ целиот свет да ги користат приликите за да патуваат со нивните малечки, макар и на неколку дена, бидејќи тие искуства се незаменливи за нив.

За оние кои се мислат да одат на летен одмор со семејството, но не се 100 % сигурни - одете на патување.
Можеби се грижите за финансиите, парите, пропуштените работни денови, однесувањето на децата итн., но немојте. Едноставно направете го тоа. Одете на патување.
Пред неколку години, за време на погреб, се сеќавам дека чекорев покрај ковчегот до ужален сопруг, пријател, татко. Се раздели со мене и со мојот сопруг со зборови кои никогаш нема да ги заборавиме и според кои живееме оттогаш наваму. Ни рече дека, без разлика на сè, кога сè е кажано и направено, потребни ти се спомени затоа што понекогаш тоа е сè што ќе ти остане. Морате да одите на тие патувања со вашите деца. На секое од патувањата за кои сте зборувале. Дури и ако треба да земете кредит (разумна сума) и подоцна да го исплатите, одете на патување.
Дури и ако е на неколку дена, одете на патување.
Ќе имате можности да заработите повеќе пари. Но, можеби нема да имате шанса да направите повеќе спомени. Кога вашите деца ќе пораснат, само спомените ќе ви останат.
На нашето патување се смеевме, се забавувавме, спиевме многу малку, ги гледавме децата како паѓаат и ги фотографиравме како прават ангелчиња во песокот, и бевме на границата да полудиме бидејќи нашите деца беа толку изморени и излезени од колосек што едвај функционираа. Дали тоа е воопшто важно? Не, бидејќи се упативме дома со спомени кои не можат да бидат заменети.
Моите деца видоа и искусија нешта што не можат да ги видат или прават дома. Видоа морска желка, ракови, риби, а 3 раи запливаа на растојание од неколку сантиметри од мојот сопруг и 4-годишното дете. Тоа е доживување што не може да биде заменето. Одете на патување.
За мене е бесценето кога моите деца се смеат и евоцираат спомени од патувањето.
Одете на патување.
Родители, ако се грижите дека не можете да имате долг одмор, на вашите деца не им е гајле, само одделете неколку дена и создајте спомени.
Времето е скапоцено и не знаеме што носи утрешниот ден.
Верувајте ми.
ОДЕТЕ НА ПАТУВАЊЕ.