Своја поддршка на кампањата за безбедност во сообраќајот дадоа и членовите на бендот Нокаут, Никола Перевски-Пере и Владимир Крстевски-Франц. Заради честите настапи низ Македонија, тие голем дел од времето го минуваат зад воланот или на совозачкото седиште и точно ја знаат важноста на ставањето безбедносен појас и прилагодување на брзината.
„Вашиот живот зависи од вас самите. Доколку не ги почитувате правилата во сообраќајот, не го почитувате ниту својот живот, а ни животот на другите“ – советуваат Пере и Франц, облечени во жолтата маичка со појас, која е заштитен знак на кампањата.


Причината за отпочнување на кампањата е потребата за подигнување на јавната свест, укажување на значителната бројка на жртви и повредени во сообраќајни незгоди, како и потребата од превенирање и укажување на последиците од сообраќајните незгоди.
Податоците покажуваат дека на патиштата низ нашата држава секој втор ден згаснува по еден живот. Бројот на загинати во сообраќајни незгоди минатата година достигна 198 лица. Неврзувањето на појас е една од главните причини за тешки телесни повреди на возачите или повреди кои резултираат со смрт. Често врзувањето на појасот спасува животи.
Слоганот на кампањата е „Почитувај ги правилата, почитувај го животот!“, додека централната порака е „Вози безбедно со врзан појас!“.