Почетна » Новости » Занимливости » Колку чини просечна македонска свадба?

Колку чини просечна македонска свадба?

Свадба во Македонија сè уште е традиционална церемонија од која ретко кој се откажува. Напротив. Ние сме поднебје во кое и последниот денар се „дава“ за свадба.

Ако идните младенци направиле груба естимација на трошоците за свадба, веројатно не се израдувале премногу, но има начин како главоболките што претстојат да ги гледате од поведрата страна.

Просечна македонска свадба

На прво место се венчаницата, чевлите и костумот

Денешните невести ја имаат таа среќа да не се пресоблекуваат по неколку пати како што тоа некогаш се правело. Доволна е една венчаница што ќе ви послужи и за црквената церемонија и за регистрацијата во матично. Изнајмувањето на венчаници во Скопје се движи помеѓу 200 до 1.000 евра во поелитните продавници, но нека не ве боли главата, во оваа сума се вкалкулирани и велот, дијадемата, болеро или некоја кратка бундичка. Шминката и фризурата секако се неизбежен детаљ на секоја идна невеста. За шминка на свадбата треба да издвоите од 30 до 80 евра. Чевлите мора да бидат гламурозни, но и удобни, а најефтините примероци чинат околу 50 евра. Па така, минималната сума што секоја невеста треба да ја одвои за својот најубав ден е 230 евра.

Младоженците не треба да одвојат 50 евра за фризура, но затоа мораат да купат костум, што во просек чини околу 80 евра, кошула, барем 30 евра, краватата чини околу 15 евра и чевли за минимум 80 евра. Каиш може да се најде и за помалку пари, но ако сакате да биде и малку пристоен, мора да одвоите барем 25 евра. Вкупен најнизок трошок за младоженецот е 240 евра, но ако костумот е од поскап бренд, во тој случај за него мора да издвоите околу 400 евра. Дишете, дишете!

Бурми и веренички прстени

Без веренички прстен можеби и ќе поминете, но без бурма тешко дека може. Бурмите во нашите локални златари во Скопје чинат од 50 до 300 евра. Во зависност од бојата на златото и во зависност од скапоцените камења, зависи и цената на бурмата. Ако се земе некој просек, за 250 евра може да се купат две сосема пристојни бурми. Бурмите подоцна можеби и нема да ги носите, па смислете некое брзо решение и купете ги првите што ќе ви се допаднат, без многу да се оптоварувате со нивниот дизајн.

Покани

Поканите им се еднакво важни на младоженците и тоа е она што го отсликува стилот и карактерот и на свадбата, но и на идните сопружници. Треба внимателно да се одберат. Нивната цена се движи од 15 до 55 евра, па кој колку може. Ресторанот или салата во која ќе се прославува, најчесто се бира според бројот на гости, но и според годишното време. Дали распоредот ќе биде по фенг шуи или традиционално (младоженците на чело на салата) тоа е помалку важно. Просечната цена по мени е од 15 до 30 евра по лице. Менито и пијалоците секако дека ја диктираат цената, но нека не ве боли главата, секогаш им простор да преговарате со љубезните угостители. Ако имате околу 150 гости, по просечна цена од 20 евра, за ресторанот ќе треба да издвоите околу 3.000 евра. Имајте в предвид дека декорацијата и цветните аранжмани се плаќаат дополнително.

Просечна македонска свадба

Китење и фотографии

Цвеќето за китење чини помеѓу 10 и 25 денари, додека машните за автомобилите и за китење на целата „флота“ чинат и по 50 денари од парче. Во поголем број случаи, фотографите кај нас наплатуваат по 150 или 200 денари по фотографија за гостите, но вие како младоженци ќе можете да ги купите по цена од 80 денари по фотографија. Цената за снимање е значително поскапа и таа најчесто зависи од вашите желби, но и од должината на материјалот. Снимањето и монтирањето на видео материјалот од свадбата, може да ве чини од 200 до 400 евра. Само мирно и сталожено.

Музика

Музиката, веднаш по венчаницата е најважниот детаљ за свадбата. Атмосферата и впечатокот исклучиво зависат од музиката, па така тоа не е ставка на која треба да се штедат средства. Помалку познатите бендови чинат од 300 до 500 евра, но ако сакате свадба со познати музичари, ќе мора да издвоите помеѓу 700 и 1.000 евра.

Торта

Тортата секако се остава за крај, но ако правите свадба со 150 гости, а по лице се служи околу 100 грама свадбена торта, тортата мора да биде тешка барем 15 килограми. Најдобро е да ви ја направи некоја вешта (илегална) слаткарка, бидејќи кај неа ќе поминете само со околу 500 денари по килограм. Но доколку сакате торта од реномирана слаткарница, ќе мора да издвоите барем 1.500 денари по килограм свадбена торта.

Ако добро пресметавте, просечната свадба во Македонија со околу 150 гости, ќе ве чини помеѓу 5.000 и 7.000 евра. Но, нека не ве фаќа веднаш главоболка, повеќе од пола од таа сума, ќе ја добиете во коверти, а за останатото не грижете се. Тоа е само дел од посветеноста и трошоците за убавата брачна оаза во која ќе впловите. :)

Комерцијален текст

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11405 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.