Почетна » Новости » Занимливости » „Елена денес остана сама“: Трогателен текст на мајка на девојче со посебни потреби од Загреб за првиот училиштен ден

„Елена денес остана сама“: Трогателен текст на мајка на девојче со посебни потреби од Загреб за првиот училиштен ден

Трогателен текст на мајка на две деца со посебни потреби го обиколува Балканот.

Скршеното срце на нејзината ќеркичка, која не доби можност да се запише во прво одделение на првиот училиштен ден, ја натера Ана Вујновиќ да напише порака која инстантно се распространи на социјалните мрежи и стигна до надлежните институции.

Имено, на првиот школски ден малата Елена возбудена и среќна отишла на школо да ги запознае своите нови другарчиња и учителката и воедно да добие распоред и книги од кои ќе учи. Но, за жал, 7-годишното девојче не било запишано во списокот на нови ученици и немало планирана програма за деца со посебни потреби.

Девојчето скршено од тага останало надвор од училишните клупи, а нејзината мајка даде сè од себе за повторно да ја направи среќна.

Елена и Ана

Прочитајте го писмото:

Елена денес остана сама.

Во дворот на „нејзиното“ основно училиште. Во нова облека, со нова чанта. Во неверување, паника и солзи.

Поради вас.

Цело утро, а и во изминатите неколку недели, Елена го чекаше првиот училиштен ден. Прваче е. Нервозна е, во исчекување, но трпелива. Велеше дека ќе си облечи фустанче. Велеше дека ќе ја запознае учителката. Во нејзиното посебно главче, веројатно ја замислуваше во лик на принцеза или добра вила. Рече дека ќе добие книги и распоред. Рече: 'јас сум голема девојка и ќе одам во школо'. Гордост, среќа, исчекување...

Елена денес остана сама.

Во големиот двор по приредбата за добредојде ('децата ми пеат мене, мамо') и прозивањето на првачињата од нивните учители. Чекаше трпеливо да ги повикаат сите деца, го чекаше своето име, чекаше за и таа да стане и да отрча кај својата учителка. Но, не дочека.

Елена денес остана сама.

Со одлуката од општинската канцеларија за образование која одлучи дека таа ќе оди во школото каде сега стои сама, во големиот двор, со новата розова чанта со пеперутки и паника во малото срце и главчето.

Не дочекавме да ја испратиме во одделението со гордост и солзи радосници во очите, како останатите родители. Мама, тато, поголемиот брат, баба и дедо. Дочекавме прашален поглед од раководството на училиштето кое не знаеше кои сме, од каде сме и што правиме тука. Додека ги прегледуваа моите документи кои никогаш не ги добиле од Општината, заклучија дека освен тоа што немаат место, немаат ни програма која ќе биде наменета за Елена. А, од Општината одлучија дека таа ќе оди токму во ова училиште. Не она во кое оди нејзиниот брат, кој исто така е дете со посебни потреби, туку баш во ова. Бидејќи, ни објаснија, дека тоа е во интерес на детето. Училиште кое НЕМА програма за нејзиниот тип на потешкотии.

Елена денес остана сама.

Потполно и апсолутно, напуштена и заборавена од луѓето и од системот, дете со посебни потреби за кое никој овде нема слушнато, за кое нема место на првиот училиштен ден, за кое нема програма во нашиот главен град. Директорот е беспомошен. Не е тој крив... Дури денес, од мене, дозна за тоа Решение.

Велат дека нема пари. Нема луѓе. Нема простор... Одлуката на општината е дека во посебно одделение во некои школи за деца со посебни потреби може да има максимум 5 ученици. А потоа, истите тие луѓе запишуваат 8 ученици. Но, нема пари за да се прегради и направи уште едно мало одделение.

Нема финансии? Јас би рекла НЕМА ФИНАНСИСКИ ИНТЕРЕС... бидејќи, колку пари се потребни за да се прегради едно одделение во кое собира 25 ученици и да се направат две одделенија? Не треба да бидеш математичар, изминатава зима ја преградувавме собата со 7m кнауф. 3.500 куни. Колку чини новата фонтана во градот? Колку чини преместувањето на статуа? Колку небулозно и апсурдно е распределувањето на НАШИТЕ пари? Се разбира дека треба и да се вработат уште луѓе, да се опреми училницата, голем трошок е кога сето тоа ќе се насобере... Дури пола од новиот автомобил од возниот парк на нашите политичари.... Ако е и толку.

Денес Елена остана сама.

Поради вас. Поради апсурдот на нашиот град, нашата држава.

Колку вреди скршено седумгодишно срце? Колку чини секоја огромна солза која се истркала на најмилите образи? Колку ја проценувате родителската немоќ и беспомошност додека мораат ќерката да ја гледаат во очи и да ја лажат, да ја лажат најдобро што знаат, зошто нема одделение, ни учителка, ни книга, ни распоред за неа? Колку чини??? Кажете, па да продадам бубрег за да платам, само за да не морам да ја погледнам во очи во овој момент!!!

Откако ѝ го уништија здравјето и ја направија ваква без никакво извинување и преземање одговорност, после сите погрешни дијагнози и две сепси во две недели кога имаше само еден килограм и 800 грама во породилиштето поради нечии валкани раце, после животната борба овие седум години со помош на прекрасните луѓе во центарот и градинката, кои се, благодарение на вас, срамотно платени за буквално да спасуваат животи на цели семејства. Кажете, која е цената на овие нејзини очајни солзи?

Елена денес остана сама.

Напуштена и заборавена бидејќи е дете со посебни потреби.

Би сакала барем за момент вие и вашите најмили да ја почувствувате оваа немоќ, тага, разочарување и паника, која нашата принцеза и ние ја почувствувавме денес во 14 часот во едно училиште во Загреб. Само за момент да ви се скрши срцето на милиони остри парчиња додека гледате во тие мили очи кои бараат решение и утеха. Само за момент и вие да останете сами. Од срце тоа ви го посакувам. Не поради тоа што сум злобна и сакам одмазда, туку затоа за нешто да ве шутне и да ви ја разбуди емпатијата и одговорноста кон друштвото и граѓаните, бидејќи тоа ви е единствена работа. За тоа сте платени неспоредливо повеќе од овие прекрасни души кои со срамотна плата живеат на работ на егзистенцијата со тие деца, не само во градинка и во школо – живеат со нив 24 часа дневно. И ни ја држат главата на нас родителите, да не се откажеме од борбата со чудовишта во фотелји и нивната политика и систем.

Елена денес остана сама.

Ама само за момент. Оној момент кога нејзината мајка за малку не падна на колена, речиси поразена од ужасот во очите на нејзината принцеза. Но нема. И овој пат, не знам кој по ред, ќе ја соберам целата снага која ја имам, а ја имам благодарност на дванаесетгодишната борба со вашиот систем, и ќе ги превртам небото и земјата да го заштитам своето дете од вашите неправди и апсурд. Повторно. Бидејќи минавме низ многу слична драма со синот пред некоја година. Тој сега е во петто одделение, а вие по четири години одлучивте да му го укинете асистентот. И тоа баш во ваков прелаз, од одделение со една учителка, во клас каде има 11 професори. Со сите свои потврдени дијагнози и потешкотии, кои според вас, исчезнаа преку летото. Е не исчезнаа. Но тоа според вас веројатно не е толкава драма, кога сестра му ја оставивте без школо и без одделение и без учителка. Па, зошто да е драма детето да остане без асистент?

Елена нема да остане сама.

Ви се колнам, додека има снага во мене, нема да остане сама.

А вам, кои сте одговорни за оваа траума, ви посакувам да ви се врати сè што заслуживте и ни направивте нам.

Јавниот апел на мајката на Елена стигна до бројни одговорни институции и малото девојче вчера официјално стана прваче.

Елена и Ана Елена и Ана Елена и Ана Елена и Ана

Интервју со мајката на Елена

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11128 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.