Почетна » Новости » Занимливости » „Драга мамо, немој да го правиш тоа“: Емотивен текст напишан од гледна точка на детето

„Драга мамо, немој да го правиш тоа“: Емотивен текст напишан од гледна точка на детето

Босанска авторка склопи прекрасен и емотивен текст за да им покаже на мајките што навистина им е важно на нивните деца.

Јована Кешански за сајтот „Lola“ напиша колумна во која потенцира дека на децата не им се важни ни парите, ни скапите колички, ни одморот на море... туку дека им е важна само љубовта која ја добиваат од својата среќна и насмеана мајка.

Прочитајте го текстот кој освои илјадници срца на Балканот:

Мајка и бебе

Драга мамо, немој да го правиш тоа

Ти си мојата мајка. Ме носеше и чуваше во себе девет месеци, внимаваше што јадеш, како и колку дишеш, каде се движиш, на која страна спиеш, кого слушаш, а од кого се држиш подалеку. Во тебе растев.

Се трудеше, повеќе од кога било, да бидеш среќна и кога ти се плачеше, за јас да ја осетам таа среќа. Трепереше секојпат кога докторот ќе поминеше преку твојот желатинест стомак и кога ќе го видеше моето мало срце како чука на екранот.

Ги обиколуваше продавниците, гордо избирајќи уште во петтиот месец што ќе ми облечеш на денот кога конечно ќе се запознаеме. Се навикнуваше на твоето ново проширено тело. На забавените движења. На отежнатото дишење. Ме галеше и ми зборуваше. Раката ти срасна за стомакот.

И ме донесе на овој свет, никогаш посилна, никогаш похрабра, прекрасна, никогаш поубава, добра, најдобра, моја.

Те гледам денес. Повторно ги правиш истите нешта. Се трудиш да бидеш најдобра, толку многу се трудиш што веќе гледам како гориш од таа желба. Влечеш сила од уморното тело како утре да нема да ми требаш. Ќе се умориш, ќе се скршиш, ќе се растажиш, ќе почнеш да се мразиш себеси зашто ќе осетиш и самата дека пропаѓаш.

Грубо се запоставуваш себеси поради мене. Многу често се смееш со сила, а знам дека понекогаш плачеш скриена во оној твој агол и креваш раце од сè. Ти го гледам тоа во очите. Го чувствувам тоа преку допирот, мене не можеш да ме излажеш.

Биди искрена со чувствата, оти ако ги спречуваш во еден момент ќе те пробијат како слаба брана. И кој тогаш би можел да знае како ќе се справиш со таа поплава?

Оди на фризер, оди на кафе, прошетај се сама, купи си костим за капење, налакирај си ги ноктите, запиши се на аеробик, па скокај. Сето тоа не значи дека си помалку пожртвувана, дека си ти побитна, дека не се грижиш за мене. Твојата среќа се прелева на мене. Исто како и твоето незадоволство.

Трчаш низ дома, трчаш в продавница, трчаш на работа, по работа трчаш на пазар, од пазар трчаш до пекара. Го проколнуваш животот што не ти даде повеќе раце и нозе. Толку многу товар си ставила на твојот грб, лудо верувајќи дека сè „најдобро можеш сама“. И дека мораш сè сама. А не мораш. Светот нема да исчезне, ниту твојата љубов кон мене ако еден ден ги кренеш нозете на маса. Ќе ни биде добро, ќе ни биде најдобро.

И не мораш да правиш сè што прават другите мајки. Зашто другите мајки не се мојата мајка, тие родиле некои други деца, а ти ме роди мене. А тие други деца не се јас. Она што нив ги радува, мене можеби ме растажува, она што тие го отфрлаат, јас можеби би го прегрнала.

Немој да ме одгледуваш по книга, одгледувај ме според твоето срце. Според она што го слушаш во него, што ти го шепоти твојот инстинкт.

Немој да бидеш тажна што ме возиш во позајмена количка, чие предно тркало прави осмица. Секогаш секаде сме стигнувале цели и на време. Немој да се растажуваш кога покрај тебе ќе помине мајка со бебе во некоја прекрасна количка. Таа сакала и можела да има таква, ти не си сакала и не си можела и тоа е во ред. Ни една количка, ни позајмена ни ганц нова, не може да ја замени удобноста на твоите раце и тоа е единствената вистина.

Немој да веруваш во приказните и советите кои ги слушаш. Верувај ми мене. На мојот сон, мојот апетит, мојата насмевка и плач. На мојот развој и движење. Тоа нека ти биде единственото мерило дали сум задоволно дете. Никој подобро од тебе не може да ги знае моите потреби, што сакам и што е она што ме растажува.

Немој да се натпреваруваш со мајките и нивните деца.

Немој да очајуваш што јас кажувам само „мама“, а другите деца веќе викаат „дај млеко“, „дојди ав-ав“. Не ми го префрлувај тоа. Не ме сакај помалку поради тоа. Можеби си мислиш дека јас уште не ги разбирам твоите зборови, но јас ги чувствувам. А тоа е многу полошо. Не сакам да се претворам во несигурно дете зашто секогаш ме споредуваш со некое друго дете.

Немој преку мене несвесно да исправуваш некои твои минати грешки, да се докажуваш, покажуваш или одмаздуваш. Да тераш правдина преку мене.

Немој да се оправдуваш за моето плачење пред случајни минувачи. Да велиш „ѝ излегуваат заби“ кога ќе се побунам дека некој ми се доближува премногу до лице. Не мора секој да ми се допаѓа и тоа не е причина за да се срамиш, да те облева ладна пот и да ме оправдуваш со милион и една погрешна причина. Ниту тебе не ти се допаѓа секого. И јас тоа го почитувам.

Немој да мислиш дека си лоша само затоа што не си член во ниту една група „Мајка и бебе“. Затоа што немаш време да дискутираш во нив или затоа што не си објавила ни една фотографија од мојот суперхранлив оброк. Не си помалку добра ни поради тоа што вчера ми издроби кифла во јогурт.

Немој да се нервираш што не ме одведовте на море на пет месеци. Ќе дојде време и за тоа, морето никаде нема да истече.

Немој да си ги нарушиш мерилата за тоа колку добра мајка си, бидејќи тогаш и мене ќе ме научиш дека успехот за некои луѓе е погрешно нешто. Некој да мислиш дека сум помалку среќно дете, затоа што ги немам сите нешта што гледаш дека ги имаат другите деца. Мене не ми треба инстант, готов свет, јас сакам мојот сама да го створам, од ролни тоалетна хартија, кутија, кеса, врвци. Научи ме да фантазирам и да правам чудо од ништо, ќе ми биде полесно и поубаво во животот. Не ме ограничувај, туку храбро следи ме.

Немој да се „јадеш“ затоа што немаш голема помош. Што ти се чини дека сите се само луѓе кои малку ќе ме поиграат, насмеат, штипнат за образот и ќе си одат. Тоа е добар филтер за да знаеме кој е во мојот и твојот круг, а кој е надвор од него. Немој да си огорчена или бесна поради тоа, бидејќи така и мене ме учиш на горчина и бес.

Немој да им завидуваш на другите мајки, зашто така и мене ме учиш на завист. Немој да бидеш несигурна, ќе ме направиш и мене несигурна. Ако не ти е добро, немој да остануваш поради мене. Пред нас има долг пат, потребна ми си силна, а не тажна и слаба. Немој никој и ништо да трпиш за мое добро, затоа што тоа можеш да го голташ само одредено време, а долгорочно тоа ќе те убие тебе, па и мене.

Мамо, можеш да ме носиш в раце како некое „сираче“ и да плачеш што не можеш подобро и повеќе, и можеби ќе си префрлаш себеси што немаш доволно пари да ми обезбедиш нов душек, сув ѕид, голема соба, автомобил на батерии, кукла која не престанува да зборува, солена морска вода, свеж планински воздух, секој месец нови чевли, голем двор, пожртвуван татко, повеќе време... Но, единственото нешто што јас ќе го паметам е твојата љубов. И сила. Не бројот на часови кои си ги поминала со мене, туку како си ги поминала.

Тоа е единственото што можам и сакам да го почувствувам, тебе насмеана, искрена и среќна, тебе како ме скокоткаш на каков било душек, во каква било соба. Без грижа на совеста дека некаде си погрешила.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11999 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.