На првиот училиштен ден, Лиса Баута Шаќири сподели моќна порака за емпатијата на Facebook.
Во текстот во кој му се обраќа на малото синче, познатата сопруга на пејачот Бени Шаќири вели дека не ѝ се важни ниту петките, ниту првите места на натпреварите ако нејзиниот син не научи пред сè да сочувствува со другите деца.
Таа додаде и емотивна фотографија која брзо се шири на социјалните мрежи од детенце кое наместо училиштен ранец, на својот грб носи најлонска кеса со книги.

Дете мое,
Не ми е важно дали ќе научиш да множиш и делиш, дали ќе си подобар по математика од синот на комшивката!
Не ми е важно дали твоите учители ќе бидат горди за освоените први места по натпревари со тебе, додека ти не знаеш да дадеш лист од средина на другарчето кое заборавило да си понесе тетратка.
Не ми е важно дали ќе добиеш 5-ка по англиски, албански, турски или македонски ако ти не научиш да најдеш заеднички јазик со другите дечиња.
Не ми е важно дали ќе бидеш добар фудбалер ако не знаеш да клекнеш и да му врзуваш патики на брат ти или некое друго дете што е помало од тебе.
Не ми е важно дали ќе научиш да пееш, до срцето на другите се стигнува и само со насмевка.
Не ми е важно колку 5-ки ќе ми донесеш, туку колку пријателства ќе сочуваш во наредните 20-30 години!
А сликава подолу, нека биде најголемата лекција за тебе, кога ќе ти текне да ми кажеш дека згреши што не купи ташна „Star Wars“!
Знам дека си мало, ама ќе пораснеш додека да трепнам, а тогаш ќе е касно да ја стекнеш најбитната особина, а тоа е ЕМПАТИЈА!
Нека е среќен првиот школски ден

