Почетна » Новости » Занимливости » Денес е Светскиот ден на дијабетесот

Денес е Светскиот ден на дијабетесот

Дијабетесот е галопирачка пандемија – во 2017 година едно од единаесет возрасни лица во светот имаат дијабетес, а до 2045 година секој десетти ќе има дијабетес. Во Македонија едно од девет возрасни лица имаат дијабетес во 2017 година.

12% од здравствените трошоците во светот се трошат за дијабетес (727 милијарди долари)

Светскиот ден на дијабетесот е креиран во 1991 година од страна на Меѓународната Федерација за Дијабетес (International Diabetes Federation- IDF) и Светската Здравствена Организација (World Health Organization – WHO) како одговор на растечката загриженост за ескалирачката закана по здравјето предизвикана од дијабетесот. Светскиот ден на дијабетесот стана официјален ден на Обединетите Нации во 1996 година. Секоја година овој ден се одбележува на 14ти ноември во чест на роденденот на еден од пронаоѓачите на инсулинот- Фредерик Бантинг. Годинава Светскиот ден на дијабетесот е посветен на жените и дијабетесот, а мотото е Жените и дијабетесот - нашето право за здрава иднина.

Дијабетес

Меѓународната Федерација за дијабетес (IDF) годинава го издава осмото издание на Дијабетес атласот, кој преставува авторитативен извор на податоци за глобалната тежина на дијабетесот.

Според податоците од овој атлас на IDF проценките за 2017 година се следниве:

  • Едно од 11 возрасни лица (20-79 години) има дијабетес (425 милиони)
  • Едно од две возрасни лица не знаат дека имаат дијабетес (повеќе од 212 милиони луѓе)
  • 12% oд светските здравствени трошоци се трошат на дијабетес (727 милијарди долари)
  • Едно од шест раѓања (16.2%) е засегнато од гестациски дијабетес (дијабетес во бременост)
  • Три четвртини (79%) од лицата со дијабетес живеат во земји со ниски или средни примања.
  • 1.106.500 деца и адолесценти (0-19 години) имаат дијабетес тип 1

До 2045 година, IDF проценува дека:

  • Едно од десет возрасни лица ќе има дијабетес (629 милиони)
  • Здравствените трошоци за дијабетес ќе надминат 776 милијарди долари

Преваленцата на дијабетес (процент на лица зафатени со дијабетес во однос на вкупната популација) за лица на возраст од 20-79 години на светско ниво изнесува 8.8%, а се смета дека до 2045 година ќе изнесува 9.9%. Северна Америка и Карипскиот регион имаат највисока регионална преваленца на дијабетес (13%). Преваленцата во Македонија во 2017 година изнесува високи 12.2% што соодветствува на 188.8 илјади лица на возраст од 20-79 години, или секој деветти возрасен човек во Македонија има дијабетес.

Дијабетес

Зголемената преваленца на дијабетес тип 2 е резултат на забрзаното темпо на урбанизација, стареењето на популацијата, седечки начин на живот, зголемена телесна тежина, недоволна физичка активност и поголем внес на нездрава храна.

Бројот на новооткриени случаи со дијабетес мелитус тип 1 во светот на годишно ниво изнесува 132.600.

Во светски рамки половина од луѓето со дијабетес се недијагностицирани, односно не знаат дека имаат дијабетес. Стапката на дијагностицирани случаи може да се подобри со зголемена свесност за симптомите за дијабетес тип 1 (жед, зголемено мокрење, замор, ненадејно губење на телесна тежина, глад) и зголемени можности за скрининг на лица со висок ризик за дијабетес тип 2 (напредна возраст, зголемена телесна тежина, компликации, ниско ниво на физичка активност и нездрава исхрана).

Во светски рамки, едно од шест раѓања (16%) е засегнато од дијабетес во бременост (гестациски дијабетес). Ризикот за гестациски дијабетес се зголемува со возраста на жената. Гестацискиот дијабетес може да доведе до компликации во текот на раѓањето и за мајката и за детето и кај овие жени постои зголемен ризик понатаму во животот да развијат дијабетес тип 2.

Што треба посебно да нè загрижи?

Со растот на бројот на лица со дијабетес се зголемуваат и трошоците за дијабетесот. Се смета дека на дијабетес отпаѓаат 12% од вкупните здравствени трошоци во светот (727 милијарди долари). Трошоците за дијабетес во Европа изнесуваат 166 милијарди долари.

Бидејќи се проценува дека 629 милиони луѓе ќе имаат дијабетес до 2045 година , неопходно е повеќе напори да се вложат во имплементација или подобрување на националните планови за превенција на дијабетес тип 2 и гестациски дијабетес и воведување на трошковно-ефикасни мерки за справување со дијабетес тип 1, тип 2 и гестациски дијабетес.

Во Македонија не постои национална стратегија за справување со дијабетесот.

Проценетиот број на смртни случаи предизвикани од дијабетес во светот за 2017 година изнесува 4 милиони луѓе.

Итни мерки и одржливи долгорочни стратегии се потребни за справување со оваа модерна чума на денешново живеење.

Дијабетес

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9504 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.