Даниел Кајмакоски го заврши музичкото патување во „X Factor Adria“ со голема победа.
Македонецот, кој ја освои балканската публика со моќниот глас, позитивноста, скромноста и ентузијазмот на сцената, доби најголема поддршка за време на неколкучасовната манифестација одржана во белградската „Комбанк арена“.

Со неизмерна радост и солзи во очите 30-годишниот пејач ја дочека конечната одлука на гледачите на музичкото шоу и ја понесе титулата победник во првата сезона на музичкиот натпревар за таленти.
Во првиот круг Даниел ја „запали“ сцената со „Sex on Fire“ од Kings Of Leon, во вториот круг ги разнежни гледачите со „Angels“ од Роби Вилијамс, додека во третиот круг ја исполни емотивната балада „The Hardest Thing“ на незаборавниот Тоше Проески, како и „Red“ од Даниел Мериведер.

Вечерашниот натпревар Даниел го започна заедно со Тамара Милановиќ, Маид Хеќимовиќ, Лукијан Ивановиќ и групата „Доктори“.
Откако Лукијан, „Доктори“ и Маид не ја добија неопходната поддршка од гледачите, најважниот двобој остана за Даниел и Тамара.
Мнозинството од публиката гласаше за Даниел, прогласувајќи го за победник на првиот „X Factor Adria“ и отварајќи ново поглавје во неговата музичка кариера.