Почетна » Новости » Занимливости » „Да се почитуваме и сакаме себе, а да имаме почит и толеранција кон другите“

„Да се почитуваме и сакаме себе, а да имаме почит и толеранција кон другите“

Интервју со Деспина Стојановска, терапевт и семеен советник од област на психологија и психотерапија

Деспина Стојановска

Оваа недела ја имавме честа да се запознаеме и да поразговараме со Деспина Стојановска, која долги години ја гради својата професионална кариера како терапевт, системски семеен советник, предавач, фацилитатор и модератор на фокус групи во областа на психологијата и психотерапијата. Како што вели самата, ова за неа е активен период и работи на две програми: во ХОПС во рамки на Центарот за Рехабилитација и Ресоцијализација на корисници на дроги и во Прв Семеен Центар на град Скопје со жртви на семејно насилство. Покрај нејзинот професионален ангажман, таа е исто така активистка за заштита на маргинализираните лица, љубител е на природата, здравиот живот и возењето велосипед.

Поттикнати од моќта на нејзините предавања каде таа го користи својот глас да ги пренесе позитивните пракси во комункацијата, заедно со Септолете Тотал и нивното мото „Твоето грло е твоја моќ“, решивме да го направиме ова интервју токму на тема како луѓето го користат своето право на глас на социјалните медиуми.

Интернетот и страниците за социјално дружење станаа место каде секојдневно се состануваме и го искажуваме нашето мислење, став, вкус за музика и храна, незадоволство, револт... понекогаш работите излегуваат од контрола и луѓето го злоупотребуваат овој простор користејќи говор на омраза, булинг и други типови на негативна вербална размена која не само што го девалвира квалитетот на комуникацијата, туку може да остави и трајни последици кај поединци. Но, тоа не значи дека стихијно ќе им се препуштиме на лошите навики, напротив корективот е неопходен и употребата на гласот како можно средство за пренесување позитивни и мотивирачки мисли треба да биде наша алатка. Токму овде Септолете Тотал го најде заедничкиот именител со Деспина, па отворено пораговаравме за моќта на нашето грло и моќта на нашиот глас.

Живееме во време кога индивидуализмот веќе одамна ја зазеде сцената и во последно време е дополнително охрабрен со експанзија на социјалните медиуми, каде секој може да го искаже сопственото мислење. Ставот на поединецот се брои и е важен, што од една страна е добро, но од друга, виртуелниот простор стана бојно поле, каде си ги одмеруваме зборовите, честопати користејќи разни форми на булинг, навреди и спинување на вистината. Како професионалец во својата бранша, како вие гледате на ова?

- Индивидуализмот и не е така лоша работа, имајќи ги предвид потребите на индивидуата за личен развој кој неретко не е поддржан од колективот, напротив, најчесто колективот е тој кој упросечува, а со тоа може и да уназадува. Најголемите умови на човештвото биле индивидуалци и тоа е сосема во ред сè додека ги реализираат своите потенцијали. Во овој контекст би спомнала дека градејќи ја својата индивидуалност, луѓето понекогаш забораваат да го негуваат заедништвото што од друга страна пак, влијае на нарушување на природниот баланс помеѓу „јас“ и „ние“. Феноменот на социјални медиуми е една интересна алатка на современото живеење која ја дава вистинската слика на човештвото. Исто е како во реалниот живот, само многу забрзано. Оној кој има потенцијал за лажење, тоа ќе го прави сеедно и секаде, оној кој нема храброст да застане зад својата кауза во реалниот живот нема да успее ни виртуелно. Истото важи и за булингот, навредите и извртувањето на вистината. Единствената разлика е што виртуелниот живот полесно и побрзо ја разоткрива индивидуата, дури и да се работи за некој кој го затскрива својот идентитет. Но, има едно универзално правило што важело од дамнина, а важи и во ова доба на интернет, е тоа е дека секој ја има слободата да избира што прима како информација. Порано важеше максимата „не е важно само да читаш, туку и што читаш“. Во денешницата, само заменете ја книгата со достапните медиуми и ете го решението. Секој човек е одговорен пред себе за сликата која ја гради во сопственото живеење. Како ќе ја изгради и што ќе дозволи да се втемели во неа зависи исклучиво од неговите потреби, гледишта, желби, очекувања, емоции, воспитување, карактер и сл. Дали ќе дозволите да влезе Цеца или Колтрејн, зависи од сензибилитетот на вашето уво. Затоа, гледајте го како добра можност морето од достапни информации бидејќи ни нуди поголем избор.

Гласот на поедниецот е секако важен, слободата на говорот исто така, но досегашното искуство покажува сосема поинаква слика. Социјалните мрежи понекогаш делуваат како опијати и лесно го заведуваат егото, кое пак се храни од позитивни коментари и лајкови. Дали отидовме предалеку со ваквата злоупотреба на виртуелниот свет?

- Да тргнеме од основите, зошто еден млад човек би се ангажирал на социјални медиуми? ... Да научи нешто, да ја задоволи љубопитноста, да запознае нови луѓе, да организира општествена кауза, или одејќи подлабоко би рекле, да го исфрли гневот, да се почувствува дека припаѓа, да добие потврда дека вреди и со тоа да го осмислува своето постоење. И колку и да набројуваме, ќе видиме дека нечие однесување е одлика на неговите потреби и карактер. Задоволувањето на потребите е во ред, но каде е границата помеѓу потребите и зависноста е прашање на самосвест. Несомнено на сечие однесување влијае квалитетот на животот кој го живее, па голема група несреќни млади луѓе е показател на грешка во воспитувањето, а најважно, грешка во правецот на задоволување на своите суштински потреби. Со вакво брзо темпо на живот, тешко ќе има простување на грешките или втора шанса. Затоа, секој миг во растењето и правилниот развој на децата е исклучително важен.

Деспина Стојановска

Не секој е добронамерен како што се претставува, особено помеѓу помладата тинејџерска популација, просторот за булинг и погрдни зборови е толку лесно достапен што постирањето на најобична фотографија може да предизвика лавина од негативни коментари. Колку се променети културолошките навики за дружење и комуникација меѓу луѓето?

- Изложеноста во ова време на интернет е секако поголема. Имаме можност да нападнеме, но и да бидеме нападнати. Ставот кон себе и ставот кон другите луѓе може да ни биде позитивен или негативен. Колку повеќе за себе имаме верување дека не вредиме и не сме доволно значајни, толку повеќе ќе имаме потреба да ги критикуваме другите и кон нив да гледаме со презир, ароганција и надменост. Тоа би ни помогнало да се видиме себе во победничка улога со авторитет и доминација врз нив, а истовремено ќе ни обезбеди добра заштита зад која се крие сопствената несовршеност. Ваквата илузија на сопствена вредност може да нанесе повеќе штета, отколку корист за заедничкото битисување. Градење на победничко животно сценарио подразбира да се почитуваме и сакаме себе, а да имаме почит и толеранција кон другите. Зрелоста и свесноста може да ни помогнат да ги трансформираме негативните верувања за себе и другите кон позитивни, но раните искуства се круцијални во градење на овие човекови вредности. Оттука, центарот на одговорноста се фокусира во родителскиот пристап и ангажираност. Велејќи го ова, не секој млад човек ја има среќата да се развива и расте во свесно семејство насочено кон благосостојба на неговите членови. Е, ова е моментот кога би требала да стапи на сцена емпатијата на свесните единки, припадници на реализирани успешни семејства врз чии плеќи би требало да лежи иднината на човештвото. За жал, денешницата покажува дека се малцинство, не само во Македонија туку и во светски рамки, но тој сооднос ќе се смени, пред сè поради опстанокот на човештвото. Според тоа, да, променети се културолошките навики за комуникација, но приспособувањето и отвореноста кон нови знаења ќе доведе до нова благосостојба.

Како да ја воспитуваме младината за да се создаде меѓусебна толеранција. Како да го вежбаме мускулот кој нè обединува сите? Како да се научиме да имаме различни ставови за нештата и притоа да сме ОК со тоа?

- Преку најразлични искуства, патувања, комуникација со различни луѓе, запознавање култури и различности. Македонија е мало парче земја каде луѓето знаат и да се затворат игнорирајќи го светскиот колорит на култури. Предуслов за емпатија е запознавање на другиот. Младите луѓе се најпотентните битија во едно општество и секој мудар водач би им дал централно место. Притоа мислам на најразлични можности за патувања, размена на знаења, заеднички акции, вклучување во глобални текови итн. Премногу сме мали за да си го дозволиме луксузот на затвореност. Нам ни е потребно пространство повеќе од сите. Само на тој начин ќе можеме да ги разбереме другите луѓе. Само на тој начин ќе имаме свесна и отворена младина. И да додадам, не секогаш се финансиски средства во прашање. Најчесто е вољата онаа која одлучува. И најважно, за да бидеме ок со другите треба да сме ок со себе. Тоа се вежба. Некогаш е понапорно, ама на крајот чувството е прекрасно.

Нашето грло е наша моќ... но треба да се користи за хумани гестови, позитивни практики и љубезност. Средината во која живееме е претежно поларизирана и поделена, кога детето ќе згреши во нашата култура, казните и санкциите се сметаат за воспитна мерка, додека попродуховените култури тоа го прават со прифаќање и простување. Каде е златната средина?

- Ова е нешто кое за жал, е длабоко врежано во нашиот систем на вредности, би рекла и трансгенерациски, вклучувајќи го и образовниот систем. Кога, на пример, на писмена задача некој некому поткажува, ќе биде санкциониран наместо да биде поттикнат да помага. Учениците треба да бидат несебично наградени за таквите постапки. Механизмот на награда и казна кај нас е обратен. Ако сакаме да градиме општество со свесни и зрели млади луѓе, треба да почнеме од почеток и од најмала возраст. Вреднувањето на добро и лошо, децата го учат уште на една или две годинки и оттогаш почнува нивниот развој во некој кој е отворен и ќе знае да прифати или ќе игнорира сè што не е во склад со неговите вредности. Ако ги набљудувате децата, ќе видите дека се сите сочувствителни и отворени. Секојдневно примаат пораки кои целосни и необработени ги врежуваат во својот систем на вредности. Би сакала тие пораки секогаш да се позитивни, охрабрувачки за детето, полни со внимание и разбирање, но за жал, децата добиваат и многу погрдни пораки, почнувајќи од своите родители. Во текот на растењето, имаат потреба да ја верификуваат таа порака за себе и се поведуваат кон непосакувани поведенија. Откако ќе видат дека навистина тие се „лоши деца“ се соочуваат со дополнителна критика, казна и отфрленост. Отфрлањето ни е научен феномен и важно е да се освести дека некаде некогаш сме виделе некого и сме го усвоиле таквото однесување како добро. Но, секој има длабока потреба да се чувствува прифатен, да биде сигурен дека и во најтешки или најрадосни моменти ќе има близок до себе. Најлесниот начин да се постигне ова е објективно гледање на стварноста... каде сум, кој сум, за што сум способен, зошто го правам сето ова. Барајќи од другите за себе, би било добро најнапред да провериме што имаме ние да дадеме. Веќе во следниот миг, ќе станеме свесни за сопствената љубезност и хуманост.

На што се должи нетрпеливоста, недовербата желбата за надмоќ? Каде згрешивме попат за денес да ги согледуваме последиците од овие негативни човекови особини. Понекогаш се сомневам во предноста на слободата на говорот. Ако некој може поради таа слобода да повредува, навредува, осудува и потценува, како може воопшто да се нарече слобода?

- Алчноста е причината за ваквата очајна состојба на човештвото. А кога се појавува таа? Пред да постојат државите и другите видови територии со јасно дефинирани географски граници, природните ресурси и центрите на моќ биле дисперзирани и на групите луѓе им било лесно да го организираат своето живеење, а со тоа и да ги практикуваат своите вредности. Со окупирањето на ресурсите во рацете на помали групи се создала моќ која со себе ја носи и неправдата при поделба на истите. И започнува кругот на борба за ресурси што доведува до желба за сè повеќе и повеќе, што и до денес трае. И, во оваа ситуација ние треба да се избориме за нашата слобода и затоа, треба да разликуваме слобода во рамки на државата и апсолутна слобода, душевна слобода, ослободена од секакви влијанија. Слободата на говор ни ја гарантира државата и најдобро би било кога таа би била апсолутна, т.е. кога би се поклопувале двете, но тоа најчесто не е случај. Кога би било така ниеден говор не би бил со омраза туку со нагон за подобрување на состојбите. Би се формирал внатрешен порив за благосостојба. Би се коригирале грешките со благост. Би се учело безрезервно. Човекот има една интересна карактеристика за авто-корекција, но за да се активира некогаш му е потребно да допре до дното. Едноставно, тоа е циклус кој ќе мораме да почекаме да помине и да започчне одново со нови подобри вредности.

За крај... што би ги посоветувале нашите читатели како да го негуваат во позитивна смисла својот глас? Како да ја вежбаме меѓусебната толеранција и да постигнеме хармонија со себе и другите?

- Сакајте се себеси. Прифаќајте сè што ви се допаѓа и прилагодете се на условите. Бидете флексибилни, не се фиксирајте за ништо и запомнете дека стабилни сме само кога се менуваме. Животот носи толку убавини кои може да се пропуштат ако тврдоглаво се држиме за некои научени принципи и правила. Впуштајте се во авантури и нови искуства, запознавајте нови пространства и отворете се за љубов. Ако не умеете тоа да го направите денес, тогаш денес почнете да вежбате. Еден ден ќе бидете таму, неосетно и лесно.

Комерцијален текст

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11173 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.