Фризерка од Струмица прави добро дело достојно за почит. Маре Поп-Зафирова доби само пофалби за одлуката да им понуди бесплатни фризури на матуранти и полуматуранти од социјално загрозени семејства.
За Femina.mk, Маре изјави дека била трогната од девојче кое не можело финансиски да си ја дозволи посакуваната фризура за специјалната ноќ, па ја замолила да ѝ ја снижи цената.
Во тој момент на вештата фризерка ѝ се родила идејата да израдува тинејџери од социјално ранливите категории и да измами насмевка на нивните лица со тоа што ќе им овозможи бесплатно стилизирање на косата за матурската прослава.
„Во салонот дојде девојче кое ќе биде матурант, ме праша колку ќе ја кошта матурската фризура и да закаже термин. И ја кажав цената, а таа срамежливо ме праша дали може да ѝ намалам. Ја погледнав поубаво и сфатив дека девојчето не може да ја плати фризурата, па решив без пари да ѝ ја направам.“

„По нејзиното заминување од салонот решив да го напишам статусот. Си помислив дека можеби не е само ова девојче што нема и од срце и душа го напишав статусот“ – изјави Маре.
Маре вели дека не очекувала да привлече толку големо внимание со хуманиот гест, бидејќи го направила тоа што во моментот ѝ го кажувало срцето.

