Почетна » Новости » Занимливости » „30 животни лекции кои ги научив до 30-тата година“

„30 животни лекции кои ги научив до 30-тата година“

Сузи Мур е авторка која живее во Њујорк, со дефинирана цел да ги охрабрува жените да го живеат животот за кој си фантазирале, користејќи стратегии во чии корени стојат љубовта кон себе, духовната исполнетост и личниот развој. Нејзината листа на 30 животни лекции кои ги научила пред да влезе во четвртата деценија од животот вреди доволно за да ѝ посветите неколку минути.

30 роденден
  1. Никогаш не е важно од каде ќе почнете. Јас доаѓам од мал град, од хаотичен и сиромашен дом. Ако сте во слична ситуација, фокусирајте се на иднината. Визуализирајте го она што го сакате и она што можете да го направите во сегашноста и преземете мали чекори кон него. Секој мал чекор додава смисла на животот.
  2. Читајте како манијак – особено биографии. Постои стара изрека која вели „нема ништо ново под сонцето“. Сите грешки кои можете да ги направите веќе биле направени од некој друг. Учете од другите.
  3. Најдобри начини да ги потрошите парите се на патување и за минување повеќе време со семејството и пријателите. Откако неодамна заштедив одредена сума, за мене беше огромно задоволство да ѝ купам на сестра ми авионски билет (од Велика Британија) за да ме посети во Њујорк. Ништо материјално не може ни приближно толку да ме усреќи.
  4. Љубезноста е најважна од сè. Не е важно колку привлечна е една личност, колку е образована, страсна или интересна. Сето тоа е безначајно ако не е љубезна.
  5. Времето го лекува скршеното срце. Ништо друго. Или како што рекла Реџина Брет: „Дајте му време на времето.“
  6. Престанете да мислите дека среќата е надворешна состојба. Не е. Сè – задоволството, мирот, радоста – доаѓа однатре.
  7. Подобро да направите нешто несовршено отколку да не правите апсолутно ништо.
  8. Живејте во моментот. За тоа е потребна пракса, но сегашноста е сѐ што имаме. Рака под рака со тоа оди способноста да не потрошите ниту една секунда на вина (живеејќи во минатото) или на грижи (живеејќи во иднината). Ја обожавам јидишката поговорка: „Ние правиме планови, а Бог се смее“.
  9. Штедењето пари е од суштинско значење. Инвестирајте во имот ако имате можност. Инвестирајте во квалитетни модни додатоци, не во скапа облека. Можете да потрошите повеќе на нештата кои ќе ги носите со години – чанта, часовник, зимски чизми. Не, не ви е потребна блуза од 220 долари. Одете во H&M.
  10. Начинот на кој зборувате за другите е рефлексија на она што го чувствувате за себе. Всушност, вашата перцепција за светот е одраз на тоа што чувствувате за сопствениот живот.
  11. Состанувајте се со намера. Триесеттата година доаѓа побрзо отколку месечната сметка за кирија. Изберете партнер со добар карактер, кој ќе ве поддржува и не ги прекинувајте врските поради површни причини. Познавам многу жени кои ја преминале 30-тата и велат: „Пребрзо ги одбивав мажите поради глупави причини. Мажите кои ги одбив сега се во брак со навистина прекрасни жени.“
  12. Во ред е да изгубите некои пријатели во текот на животот. Јас ја прекинав врската (со љубов) со некои пријателки. Ако сте посреќни без нив, тоа е вистинскиот избор. Не ја трошете својата енергија на врски кои не ви служат.
  13. Негувајте ги своите најблиски пријателства. Доживотните, добри пријатели се ултимативниот луксуз кој можете да си го подарите себеси. Изберете пријатели кои ги следат сопствените соништа и кои веруваат во вашите.
  14. Сфаќајте ги сериозно своите соништа. И дозволете си да сонувате за големи нешта.
  15. Ние сме мошне прилагодливи суштества. Човекот по природа е флексибилен, издржлив и многу посилен одошто си замислуваме.
  16. Секогаш ослободувајте се од непотребното. Плакарите, документите, пријателите, апликациите... Вашето време и смислата за едноставност во животот се важни.
  17. Не ги слушајте премногу другите кога станува збор за донесување одлуки – вклучително и мислењето на вашите родители. Вашиот внатрешен глас, кога навистина ќе му дозволите да излезе на површина, е најмудар од сите. Тој ги има сите одговори кои ви се потребни. Во врска со прашања како брак, преселување и избор на кариера, многу сум среќна што си верував себеси и што не дозволив плашливите мислења и мисли да надвладеат (вклучително и моите).
  18. Бидете самоуверени во врска со вашите таленти. Тогаш и другите ќе веруваат во нив. Самодовербата е најважниот квалитет на патот кон успехот, а не талентот, образованието или врските.
  19. Дарежливоста е важна. Давањето е една од најголемите работи кои можеме да ги направиме за другите и за нас самите.
  20. Живејте онаму каде што сакате да живеете. Сум живеела во Велика Британија, Канада, Франција, Австралија и сега во САД и сум многу помудра и поинтересна личност поради тоа. Колку помлади сте, толку е полесно да бидете флексибилни. Ако вашиот сон е да живеете во Лондон, Парис, Сан Франциско – само напред!
  21. Опростувајте им на другите независно што ви направиле. Ова е потешко од сѐ наброено, но како резултат на тоа ќе станете смирена, слободна, „Зен“ личност.
  22. Грижете се за своето тело. И зборувајте љубезно за него. Ограничете ги своите пороци – 20-тите години од животот се години за оформување навики. Создајте си здрави навики. Посакувам да се потрудев повеќе околу тоа.
  23. Не мора (долго време) да работите за шеф кој го мразите. Ако сте несреќни, трпете го само додека да најдете друг.
  24. Развивајте ги своите таленти. Сакате да скијате, да зборувате италијански, да свирите гитара? Научете! Кога имав 18 години живеев во Јужна Франција за време на летото и работев „au pair“. Сега, кога и да одам на одмор во Европа, со задоволство зборувам француски. Исто така, за првпат отидов на скијање на 27-годишна возраст. Лоша сум во тоа, но уживам кога правам нешто ново, а и го усреќувам мојот сопруг.
  25. Чувствувајте се удобно во својата кожа. Ова мислам дека доаѓа само со годините. Со своите 30 години, јас многу послободно го правам она што го сакам и кажувам она што го мислам. За мене сега е ОК да не ѝ се допаѓам на некоја личност (и чувството е прекрасно).
  26. Не можете да ги задоволите сите, па задоволете се себеси. Вашите потреби треба да ви се приоритет. Или како што рекла Марта Бекс: „Кога треба да кажете „да“ или „не“ некому или за нешто, изберете го одговорот кој ви дава чувство на слобода“.
  27. Знајте ги своите силни страни. Фокусирајте се на нив. Усовршувајќи ги силните страни ќе стигнете многу подалеку отколку подобрувајќи ги слабостите. Дозволете им на силните страни да блеснат и не се извинувајте за нив!
  28. Не дозволувајте луѓето да ве заплашат. Луѓето се само луѓе.
  29. Неуспехот не е решавачки. Бев отпуштена од мојата прва работа како администратор. Не ме биваше. Агентот кој ме постави на таа позиција го препозна мојот талент за продажба (ја занемарував работата од која бев отпуштена за да ги набљудувам и да им помагам на продавачите). Таа ми даде работа како помлад консултант во нејзината фирма. Тоа беше почетокот на мојата кариера во областа на продажбата која трае една деценија и која ја обожавам!
  30. Во ред е да не следите конвенционален пат и да отфрлите план кој сте го имале на ум. Всушност, најнетрадиционалните одлуки кои ги носиме се оние кои неочекувано нè катапултираат кон нови искуства и кон успеси кои ги надминуваат нашите очекувања.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11492 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.