Почетна » Новости » Занимливости » 20 најчудни професии на светот

20 најчудни професии на светот

Заборавете на обичните, нормални професии како правник, економист или професор. Ви ги претставуваме најчудните професии кои може да се сретнат низ светот, a изненадувачки се платени многу добро. Се вели дека потребата е мајка на инвентивноста, а овие интересни и необични професии се вистински доказ за тоа.

Дегустатор на сладолед

Сладолед

Оваа слатка професија можеби вклучува секојдневна дегустација на најразлични вкусови на сладолед, но задачата е мошне сериозна. За успешно оценување на деликатните вкусови, професионалниот дегустатор на сладолед мора да биде на строга диета, која подразбира апсолутно никакви зачини, со цел да не се оштети сетилото за вкус – јазикот.

Терапевт за смеење

Овие професионалци се задолжени да предизвикаат насмевка на лицето на пациентот. Со оглед на фактот што регуларната дневна доза смеа го редуцира стресот, го подобрува имунитетот, ги намалува знаците на стареење, го зајакнува моралот и едноставно внесува оптимизам во животот на секој човек, не е ни чудо што овие терапевти се многу барани.

Дегустатор на храна за кучиња

Да, некој мора да го работи и тоа. Всушност „ако не можете да го ставите в уста, не очекувајте вашето куче да го јаде“. Покрај дегустацијата на најразлични видови храна за кучиња, оние кои се одлучиле за оваа професија мора да ги испробаат и сите „лажалки“, односно гумени коски и играчки кои се наменети за најверниот пријател на човекот. Но, не сожалувајте ги, многумина од нив покрај солидната заработувачка се согласиле и дека храната за кучиња е многу повкусна во споредба со дел од нормалната храна која се нуди на пазарот.

Чоколаден инженер

При самото споменување на поимот инженер, првата мисла што ви паѓа на памет се секако огромни машини и алатки за работа, меѓутоа чоколадниот инженер има само една вкусна задача – да дизајнира и создава нови чоколадни вкусови кои ќе го освојат светот.

Слично како и дегустаторот на сладолед, чоколадниот инженер мора да обрати посебно внимание на зачувување на сетилото за вкус во топ форма.

Професионален спијач

Ако сте од оние вечно ненаспани луѓе кои постојано го пролонгираат станувањето од кревет и покрај петтото ѕвонење на алармот, ова е вистинската професија за вас. Голем број на доктори и научници кои спроведуваат истражувања во врска со соништата постојано вработуваат „професионални спанковци“. Освен што конечно добро ќе се наспиете, воедно не мора да се грижите за кодексот на облекување кој е секако неформален - пижами. Постојат и професионални спијачи чија задача е да спијат во креветите на хотелите со цел да дадат совети за максимално пријатен престој на гостите.

Јога инструктор за кучиња

Doga

Уште една чудна професија каде што акцентот е ставен на овие слатки животни.

Часовите кои вклучуваат јога за вас и вашето милениче се апсолутен хит во Лондон и Њујорк. Doga (dog-yoga) е името на овој популарен тренд кој овозможува опуштање и релаксација на умот и телото со помош на најразлични техники во друштво на вашето куче.

Писател на пораки во кинески колачиња

Убаво е да се знае дека постојат професионалци кои се грижат да ги добиеме сите оние убави, но и предупредувачки пораки скриени во кинеските колачиња за среќа. Професионалните автори на овие пораки тврдат дека „мислите мора да доаѓаат природно“, а не изнасилено и дека е потребна многу креативна имагинација.

Детектив за миленичиња

Eјс Вентура сепак не поседува измислена професија специјално проектирана за филмското платно. Ова е идеална професија за сите љубители на животни со развиени детективски инстинкти. Со оглед на фактот што секојдневно многу миленичиња се украдени или изгубени, ова е верувале или не мошне профитабилен бизнис.

Чувар на тропски остров

Веста го обиколи светот во 2009 година: британскиот хуманитарец Бен Саутхол ја доби „работата од соништата“ – чувар на тропски остров во Австралија. Огласот со работните задолженија беше доволно интригантен да привлече внимание, вклучувајќи истражување на островите на коралниот гребен, повремено хранење на рибите, собирање на поштата и чистење на базенот, за плата од неверојатни 110 илјади долари.

Исцедувач на змиски отров

Дали некогаш сте се запрашале како се прават змиските противотрови? Всушност, самиот змискиот отров е една од главните состојки на противотровите, но за да се направи, потребни се храбри волонтери кои имаат за задача да го исцедат отровот од опасни видови на змии. Негативната страна на оваа професија – повремени гризнувања од страна на овие смртоносни влекачи.

Дегустатори на меден месец

Меден месец

Дегустатор на меден месец – луксузна работа од соништата со пет ѕвездички. Иако не може да се нарече професија, пред неколку години пар доби 20.000 евра за да ги „тестира“ најромантичните дестинации за свадба и меден месец. Бесплатно патување на егзотични дестинации и гостување во луксузни хотели е сон на многумина, па не беше чудно што меѓу кандидатите за работното место беа и парови од Македонија.

Порно инспектор

Многумина се всушност платени секојдневно да гледаат порно содржини. Браншата ги опфаќа сите менаџери на порно сајтови кои ја диктираат содржината на овој тип на сајтови и ги отстрануваат сите нелегални материјали или „ловење“ и означување на сите одвратни сексуални фотографии и видеа кои вклучуваат детска порнографија, некрофилија, обезглавување и ѕверска бруталност.

Консултант за бебешки имиња

Доколку сте во дилема како да го крстите вашето новороденче, слободно може да се обратите кај консултант за бебешки имиња. Комуникацијата може да се одвива и преку мејл, а сè што вие треба да направите е да одговорите на неколку прашања кои поблиску ќе му го доловат вашиот животен стил и желби на консултантот. На тој начин се генерира листа со неколку предлози и објаснувања за името на бебето, а вие треба да го одберете вистинското.

Бебиситер на ноеви

Овие птици се познати како агресивни и територијални животни, кои може да предизвикаат вистинска неволја доколку се почувствуваат загрозени. Нивната љубопитна природа ги опишува како „магнети за незгоди“, па токму поради тоа потребен е професионален чувар, односно бебиситер за овие проблематични птици. Работата вклучува постојано набљудување на нивното однесување и постапки, со цел да се одржи редот и мирот на фармата со ноеви.

Хигиеничар на местото на злосторството

Веројатно уживате во сите серии кои вклучуваат истраги на местото на злосторството, но дали некогаш сте се запрашале кој го средува нередот после истрагата? Специјализирана екипа на хигиеничари се грижи да го врати местото во првобитната состојба, отстранувајќи секакви траги и опасни материјали од локацијата на злосторството. Покрај специјален тренинг, за овој тип на професија потребен ви е секако силен желудник и способноста емоционално да се дистанцирате од вакви лоши случувања.

Етички хакер

Познати уште како „бели шапки“ овие хакери се најмуваат од страна на големи организации, а неретко и владини органи, со цел да ја тестираат безбедноста, односно да ги идентификуваат недостатоците и пропустите во сигурносните системи.

Контролор на тобогани

Ова е идеална професија за сите бестрашни авантуристи и обожаватели на водени лудории. Замислете да бидете првиот којшто ќе ги тестира сите тобогани и базени во новиот Аква парк?

Задачата е едноставна и опфаќа оценување на висината, брзината, квалитетот на водата и спуштањето низ тобоганите. Адреналин и многу забава се загарантирани, покрај добрата заработувачка.

Нуркач-специјалист за бисери

Професијата опфаќа пронаоѓање школки кои култивираат бисери, а понатаму се продаваат и одат на обработка. Најчесто нуркачите кои се занимаваат со оваа интересна професија работат на т.н. фарми за бисери, каде што школките внимателно се одгледуваат. Но, доколку сакаат да пронајдат некој редок вид на бисер, тоа значи дека нуркачката опрема мора да ја однесат многу подалеку, на непознати и опасни морски длабочини.

Лего скулптор

Замислете да можете секојдневно да си играте со омилените Лего коцки од детството и да бидете истовремено платени. Професијата подразбира дизајн, градба, поправка и сервисирање на сите лего модели и анимирани поставки во рамките на Лего Ленд Калифорнија и одредени надворешни локации. Идеална работа за сите пасионирани обожаватели на лего коцките што го негуваат детето во себе, а еден од потребните квалитети кои задолжително мора да се поседува е – имагинацијата.

Гушкач

Обожавате физичка блискост, но немате со кого да се прегрнувате. Можете да платите „професионален“ гушкач. Неодамна девојка од Њујорк си отвори своја „гушкалница“. Но, за да се релаксирате во нејзината прегратка еден час, треба да се разделите од 60 долари. Во Јапонија пак, функционира кафуле за гушкање во кое муштериите си ја избираат девојката во чија прегратка сакаат да преспијат.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10616 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.