Почетна » Новости » Животни стории » Текст за дамка од мастило на мајка која го изгубила малиот син поради рак нè учи на важни животни лекции

Текст за дамка од мастило на мајка која го изгубила малиот син поради рак нè учи на важни животни лекции

Мајка, која го изгуби малиот син како последица на рак, го сподели своето искуство за да ги потсети луѓето на нештата кои се навистина важни во животот.

Во објава на Facebook, Хедер Дакворт раскажа колку многу се иритирала од дамката на килимот која ја направил нејзиниот син, сè додека нè го изгубила. Таа потенцира дека не треба да се нервираме за малите незгоди во животот и дека предметите не се важни, туку луѓето.

Хедер Дакворт

Сината дамка

Сношти чистев остатоци од играчка „слајм“ која на ќерка ми ѝ се лизна низ прсти и падна на подот. Лудилото по „слајм“ е присутно во нашата куќа и честопати остава лепливи дамки. Ќерка ми исчисти најголем дел, но јас го триев местото каде што беше заглавен „слајмот“ и започнував да се нервирам. Ми се чинеше дека слајмот е насекаде! Но, тогаш одеднаш се сетив на друго време од мојот живот кога чистев дамка пред многу години, и спомените започнаа да ми се враќаат.

Пред 14 години...

Се случи пред да си легнеме. Бев целосно истоштена, обично во тој период од ноќта бев вистински хаос. Животот ми беше без пауза со 2-годишна тројка и нивниот 4-годишен брат. Воопшто немав време за себеси и мислам дека не бев туширана четири дена. Во секоја секунда од денот ги задоволував нивните потреби, и иако бев потполно истоштена, не сакав да променам ништо. Рацете ми беа полни со работа, но полно ми беше и срцето.

Само што ги завршивме вечерните ритуали со вечерање и бањање, ја собрав бандата момчиња во собата за играње за да расчистам неколку минути пред да си легнеме. Радиото беше пуштено и сите пееја и танцуваа и си ги собираа играчките.

Хедер Дакворт

Брзо ги собирав играчките, нетрпелива да ја легнам мојата банда в кревет за можеби да влезам неколку минути под туш. Тогаш слушнав едно од момчињата како вика: „Уф, оф“.

Се свртив навреме за да видам како сино мастило прска насекаде по тепихот откако пенкалото експлодира во рацете на едно од моите три помали дечиња. Тоа пискаше со возбуда додека синото мастило капеше од неговата рака и ги валкаше неговите чисти пижами.

Тешко дишев додека ги гледав сините дамки насекаде по подот и густото вирче од мастило кое се впиваше во новиот килим. Брзо му свикав на маж ми, кој ги миеше садовите, да дојде за да ми помогне. Бев многу вознемирена кога го зграпчив син ми и го носев во бањата за да го исчистам, а сопругот ги триеше светлосините дамки на килимот.

Солзи од фрустрација ми ги исполнија очите. Бев преуморена и прелута, бев навистина лута. Не му се лутев на син ми, кој беше син како штрумф, туку си се лутев себеси што го оставив пенкалото на дофат на син ми. Живеевме само 6 месеци во таа куќа, а килимот беше уништен.

Час и половина ја триевме дамката, но таа остана.

Следниот ден викнавме чистачи на килими, кои неколкупати ја третираа дамката, но таа воопшто не ни избледна. Само зјапаше во мене, светла и сина.

Се разочарував секојпат кога ќе ја погледнев таа дамка, беше грда и контрастна на нашиот килим. Што и да правевме, тврдоглавата дамката си остануваше. Таа дамка ме засрамуваше и разочаруваше. Правеше да чувствувам лутина и неуспех што го оставив пенкалото на место што можеше да го дофати син ми. Таа сина дамка беше голема негативност во мојот живот. Ја мразев.

Следниот месец, на мојот сладок син, оној кој го излеа мастилото, му беше дијагностициран рак. Тој почина две години подоцна.

Хедер Дакворт

Син ми го немаше, но таа сина дамка од мастило... Сè уште беше таму и сега е постојан потсетник на мојот син. Таа постојано ме потсетува на мојата фрустрација за нешто толку тривијално... нешто неважно во животот.

Таа сина дамка ми е постојан потсетник дека животот е хаотичен, но дека вреди да се живее.

Постојан потсетник да не се грижам за малите нешта.

Постојан потсетник дека „предметите“ не се важни, но дека луѓето се.

Постојан потсетник дека незгоди се случуваат.

Постојан потсетник да заборавам на малите работи и да цврсто да ги држам оние кои се важни.

Годините минуваа, но дамката никогаш не исчезна. Остана јасно сина на нашиот жолтокафеав килим. Научивме вешто да ја прикриваме под нашиот мебел, но секојпат кога ќе чистев темелно и ќе го поместев мебелот, таа дамка зјапаше во мене. Ми го одземаше здивот секојпат кога ќе ја видев, бидејќи ме потсетуваше на болката од мојата загуба.

Таа дамка, која толку ми ги бодеше очите и ме расплакуваше од фрустрација, сега ме тера да му се заблагодарам на Бог за тие спомени.

Ме потсетува дека животот е хаотичен, дека подот ќе биде прскан, дека ќе има крекери насекаде низ автомобилот, дека ќе има искршени прозорци, дека ќе има преполни корпи со облека за перење и дека садовите ќе прелеваат од мијалникот, дека ќе има отпечатоци од прсти на стаклото од вратата и дека масата ќе биде ичкртана со фломастери. И дека ќе има сини дамки од мастило на новиот килим.

Но тој неред? Тој доаѓа од живеењето, сакањето, растењето и учењето. Тој ме прави благодарна. Тој е прикриен благослов.

Знаете што?

Би имала милиони сини дамки на мојот килим доколку тоа би значело да имам само уште еден ден со син ми.

Ги гледам тие дамки од слајм на килимот и се потсетувам на сината дамка. Мe ежи помислата дека таму некаде има мајка која седи покрај своето болно дете во болница и посакува да е дома и да го чисти хаосот кој нејзиното здраво дете го направи – исто како што јас посакував сите тие години.

Солзи ми течат по образите додека го чистам слајмот со нова перспектива – пронаоѓање благослов во хаосот – и благодарност на Бог за шепотите да бидам благодарна и фокусирана на она што е важно во животот.

Во коментарите на Facebook многумина ѝ се заблагодарија на Хедер за животните лекции.

Хедер Дакворт

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9522 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.