Почетна » Новости » Животни стории » „Син ми се удави пред три дена“: Мајка со порака и фотографии од синот кој беше оживеан ја подигнува свеста за давењето

„Син ми се удави пред три дена“: Мајка со порака и фотографии од синот кој беше оживеан ја подигнува свеста за давењето

Мајка на 4 деца раскажа за моментот кога пред неколку дена нејзиниот син се удави во базен за да ја подигне свеста за давењето. Петгодишното момче беше оживеано од пријателка со помош на CPR (КПР - Кардио-пулмонална реанимација) и во моментов е надвор од животна опасност.

Марибет Лисон во емотивна објава на Facebook сподели фотографии од синот по давењето и објасни дека го споделува ова за да спречи други родители да ги направат нејзините грешки. Најтрагичното нешто е што инцидентот се случил во базен во кој имало возрасни личности за да ги надгледуваат децата.

Дете Дете Дете

Имено, Лисон му дозволила на нејзиниот син да влезе во базенот без безбедносна опрема додека таа да ѝ го стави костимот за капење на ќеркичката зашто сметала, дека тој ќе биде добро во базенот во кој веќе имало возрасни личности. Но, ниту еден од нив не видел дека момчето се лизнало од преградата која ги делела плиткиот и длабокиот дел од базенот и дека неуспешно се обидувало да излезе над водата и да викне по мајка си. Сите тие си мислеле дека Адам си игра.

Марибет е категорична дека давењето не изгледа како на филмовите, дека нема шлапање во водата и викање и дека може да му се случи на секого.

Еве ја нејзината приказна во целост заедно со нејзините совети за безбедност во вода:

Син ми се удави пред 3 дена. Неговото опуштено, сиво, безживотно тело беше извадено од базенот и тоа е најлошиот кошмар на секоја мајка. Тој беше мртов. Слушнав вресок и по една минута сфатив дека врескањето доаѓа од мене. Гледав во забавена снимка како луѓето трчаат кон него додека го легнуваа на бетонот и започнаа да му прават CPR.

Милиони мисли прелетуваа низ мојата глава додека јас трчав наоколу врескајќи, не знаејќи што правам. Го видов моето мртво бебе на земјата. Помислив на неговиот брат близнак и како би можел неговиот живот да продолжи без неговиот близнак. Го видов мојот 10-годишен син како липа хистерично во неговиот син костум за капење. Неговиот живот беше уништен, бидејќи тој штотуку виде како неговиот брат умира, удавен во истиот базен каде што и тој си играше. Ја видов мојата енергична 3-годишна ќерка во нејзиниот розов костим за капење со еднорог, која само ме гледаше збунето. И како ќе му кажам на мојот сопруг дека дозволив нашиот совршен 5-годишен син да се удави??? Беше исто како кога други луѓе ги опишуваат моментите на несреќа: Мислев дека е сон, еден од оние соништа од кои ќе се разбудиш препотена без здив, бидејќи бил толку многу реален. Разбуди се! Разбуди се! Но, јас веќе бев будна. Тогаш писокот стана уште полош. Ова навистина се случува.

Мојот забавен, будалест, сладок, згоден, артистичен, грижлив мал русокоско беше мртов.

Конечно бев способна да се принудам себеси да престанам да врескам и отрчав до местото каде му се правеше КПР на моето скапоцено бебе. Немав поим колку време помина. 10 секунди? 3 минути? Не знам. Но, дотрчав до него и гледав и плачев и му зборував додека мојата пријателка неуморно и безмилосно продолжуваше да прави КПР. Изгледаше ужасно и совршено истовремено. Гледав како вода и повраќаници протекоа од неговата уста, очите му беа отечени и наликуваа на гума. Тогаш се случи чудо! Не се сеќавам што беше прво, но покажа некои знаци на живот, бидејќи неколку луѓе истовремено воскликнаа: „Ете го!“ и ме охрабрија да продолжам да му зборувам. Мојата пријателка продолжи да работи, јас продолжив да зборувам. Син ми започна да ги отвора очите и имаше уште еднаш воскликнување. Мојата пријателка рече дека може да почувствува пулс и одлучија да го преместат од бетонот во куќичката покрај базенот. Милиони мисли продолжуваа да прелетуваат низ мојот мозок. Бев сигурна дека беше предоцна и покрај тоа што беше спасен. Бев сигурна дека машини ќе треба да го одржуваат во живот. Бев сигурна дека помина предолго време.

Сè што се случуваше подоцна изгледаше како вечност.

Изгледаше како да помина вечност додека да дојде амбулантно возило. Се обидоа да му најдат вена за инфузија на местото, но не можеа. Возењето до болницата беше болно долго. Но, моето бебе започна да се освестува. Ја подигна раката со иглата за инфузија! Заплака! Кашлаше! Некако, моето бебе беше сè уште со мене!

Ги поминавме последните три дена во болница. Тој е сè уште покрај мене во кревет и си игра со плишено мече кое му го купи една пријателка и по 70-ти пат го гледа „Сунѓерот Боб“. Тој не е повеќе на кислород. Веројатно денес ќе си дојде со мене дома. Со мене дома три дена по неговото давење. Наместо денес да го закопаме, тој ќе дојде дома за да живее среќно со своето семејство.

Причината зошто го споделувам ова? Ова се случи во базен полн со луѓе. Базен полн со ВОЗРАСНИ.

Сум читала премногу приказни за деца кои им се мушкаат на родителите и влегуваат во базен, а подоцна ги наоѓаат удавени. Никогаш не сум ја земала предвид можноста дека мое дете може да се удави пред очите на луѓе кои го гледаат како скока горе-долу кревајќи се од дното на базенот до површината, но кои не помислуваа дека тој се дави затоа што изгледаше како да си ИГРА. Кога го видов, тој беше на половина метар од возрасни личности кои беа во базенот и си помислив дека не е тој, дека е нечие друго дете кое проверува колку долго време може да издржи без здив. Потполно можам да разберам зошто возрасните кои беа ТАМУ не препознаа дека тој се дави. Бидејќи кога го видов, и јас си помислив дека тој е само дете кое си игра. Она што ме сепна беше тоа што детето носеше маица, а Адам влезе во базенот со маица. Тој не знае како да го задржи здивот. ИЗВАДЕТЕ ГО НАДВОР!!! ТОА Е АДАМ!!!

Ова 100% можеше да се спречи. Вината беше МОЈА. Тој е голем 5-годишник. Тој има брат кој постојано бара внимание и кога сум со него, многу лесно можам да заборавам дека и Адам сè уште има 5 години и дека има потреби како секој друг 5-годишник. Тој не е самостоен, иако понекогаш си мислам дека е затоа што е многу способен. Не му реков да влезе во базенот без неговото безбедносно елече, но бев свесна дека го направи тоа. Едноставно му реков да остане во плиткото додека да ѝ го облечам костимот за капење на сестра му и додека да се вратам. Си помислив дека ќе биде ОК пет минути, бидејќи тој го допираше добро дното на крајот од базенот, а и не беше сам, имаше неколку возрасни личности во базенот, а и јас бев покрај базенот и ѝ го облекував костимот за капење на ќерка ми.

ЗГРЕШИВ. Никогаш не сум згрешила толку многу.

Тој помни што се случи. Рече дека се лизнал од работ. Според местото на кое го најдовме, тој мислеше на преградата помеѓу плиткиот и длабокиот дел од базенот. Рече дека постојано одел од дното на базенот до површината, обидувајќи се да викне „Мама!“. Ме убива кога го слушам тоа. Ме убива да знам дека неговите последни мисли биле дека мама не дојде да го спаси. Но, Бог одлучи да ми даде уште една шанса да бидат подобра. Ми го врати моето бебе. Сега тој знае дека јас ДОЈДОВ по него.

Кој знае со што ќе се соочиме оттука натаму? Медицински, повеќе од несфатливо е како тој не страда од никакви последици. Нè прашува кога повторно ќе се врати кај нашите пријатели за да плива и вели: „Овој пат ќе ја чекам Мама пред да влезам во базенот“. Но, ме довикува секојпат кога ќе излезам од неговиот видик. Очигледно е дека има анксиозност каква што немаше претходно. Се молам тоа да може да се поправи со советување и со охрабрување.

Ова го споделувам бидејќи сакам да спречам ова да му се случи на некој друг.

Пред да одите во кој било базен, прво уверете се дека вашите деца знаат дека не треба да влегуваат додека не дојде возрасната личност која е одговорна за нив. Тоа ви звучи како разумно, но јас си мислев дека син ми е добро затоа што беа присутни многу возрасни. Сепак, тие возрасни не знаеја какви се неговите пливачки вештини, па воопшто не се замислија кога тој влезе под вода.

Второ, НАУЧЕТЕ ГИ ЗНАЦИТЕ НА ДАВЕЊЕ! Адам не изгледаше како да се дави! Не плескаше, не шлапаше, не врескаше. Тој едноставно беше под вода и не можеше да ја извади главата над водата.

Трето, НАУЧЕТЕ CPR (КПР - Кардио-пулмонална реанимација). Јас знам КПР. Дали можев да ја изведам во тој момент? Сакам да верувам дека ќе можев ако не видев како некој друг го прави тоа. Сакам да верувам дека ако бевме сами, моите вештини за преживување ќе се разбудеа. За среќа, не сум сигурна, бидејќи мојата неверојатна пријателка беше презафатена спасувајќи го.

Реков дека нема да споделувам што се случи. Чувствувам вина (Јас сум виновна!) затоа што му дозволив да влезе без никаква безбедносна опрема на него, а тој беше во вода пред јас да имам можност да внимавам на него. Но, одлучив да споделам, бидејќи постојано гледам родители на базен како ги прават истите овие нешта секој ден. И го споделувам ова за да ја подигнам свеста за давење.

Исто така, го споделувам ова за да ѝ се заблагодарам на мојата пријателка што го спаси, да ѝ се заблагодарам повторно и повторно и повторно. Бескрајно сум ѝ благодарна и никогаш нема да можам да ѝ се оддолжам. Иронично е тоа што јас бев нејзина медицинска сестра кога нејзиниот син го зеде првиот здив по раѓањето, а сега таа беше тука за мене кога син ми го зеде првиот здив откако умре.

Ве молам, сфатете ја сериозно безбедноста во вода. Никогаш не помислував дека ова може да бидам јас. Бев јас, но фала му на Бог и на мојата драга пријателка Кристин, мојот син е сè уште тука на безбедно. Учете од моите грешки за да не бидете вие.

Немам фотографии да ви покажам како изгледаше кога се удави. За жал, имам фотографии кои вечно ќе бидат тетовирани во мојот мозок. Споделувам фотографии од него во болница и со неговиот ангел-чувар Кристин.

Ве молам, ве молам, споделете го ова. Многу сум нервозна што го споделувам ова, но чувствувам дека ова се случи за да спаси други. Во моето срце знам дека други родители треба да го прочитаат ова.

Дете Дете Дете Дете

Адам во моментов е дома со своето семејство и е во одлична здравствена состојба.

Дете Дете Дете Дете

Објавата на Лисон како вирус се рашири на интернет за да предупреди илјадници родители за опасностите кои ги носи летото.

Ако не знаете како да правите CPR, а немате можност да одите на обука, еве неколку видеа кои можат да ви послужат:

Видео за CPR кај бебиња

Видео за CPR кај деца од 1-8 години

Видео на хрватски јазик

Бројот за Брза помош во Македонија е 194.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9498 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.