Почетна » Семејство » Дете » За сите родители: 10 опасности кои му се закануваат на вашето мало дете во лето

За сите родители: 10 опасности кои му се закануваат на вашето мало дете во лето

Летото им е омилено годишно време на многу деца. Кога ќе се покачат температурите, најмалите обожаваат да се забавуваат под отворено небо, но тоа значи дека се изложени и на одредени опасности.

Убоди од инсекти, изгореници, дехидратација, давење во вода... летото си носи ризици кои треба да ги знаат сите родители, бидејќи нивна е одговорноста да ги штитат малечките.

Опасност во лето

Еве дел од причините поради кои летото е исто толку опасно, колку што е и прекрасно:

Давење во вода

Спасувачите низ светот секогаш потенцираат дека давењето воопшто не изгледа како на ТВ и дека е тивок настан. „Мавтањето, шлапањето, врескањето кои ги гледаме на ТВ ретко се среќаваат во вистинскиот живот“ – објаснуваат тие.

„Во реалноста, децата потонуваат и едноставно се дават. Сум гледал деца кои се удавиле во базените на надувување. И во кофа со вода, додека родителите си ги миеле автомобилите со кофа полуполна со вода ако детето падне во кофата прво со главата и не може да излезе. Клучно е доколку надвор има каква било количина на вода, задолжително да го набљудувате вашето дете. Не можете ни за момент да го тргнете погледот“ – изјавил еден спасувач.

Опасност во лето

За да добиете претстава колку е тивко давањето, земете го предвид фактот дека околу половина од сите деца кои за жал ќе се удават оваа година, ќе се удават на растојание не поголемо од 22 метри од нивните родители или од друга возрасна личност. Во 10% од случаите возрасните ги гледаат децата како се дават без воопшто да знаат што се случува. Давењето не изгледа како давење.

Доволно е мало дете да не дише само 90 секунди за нивото на кислород во мозокот да падне на опасно ниско ниво.

  • Секогаш набљудувајте го вашето дете кога е во или околу вода.
  • Не играјте карти, не читајте книга, не зборувајте на мобилен телефон... не правете ништо што може да ви го одвлече вниманието од вашето дете, макар и на пет минути.
  • Научете го детето да плива.
  • Научете CPR или КПР (Кардио-пулмонална реанимација) или барем изгледајте видео кое може да ви помогне во случај на несреќа.

Видео за CPR кај бебиња

Видео за CPR кај деца од 1-8 години

Видео на хрватски јазик

Бројот за Брза помош во Македонија е 194.

Второстепено и суво давење

Иако се случува многу, многу ретко, второстепеното и сувото давење се реална опасност за детето и можат да се случат одненадеж. Иако овие два термини не се медицински, тие се фокусираат на многу реални ситуации кои можат да се случат како компликација на давење во вода.

Кај т.н. суво давење не стигнува вода до белите дробови, туку кога детето се обидува да дише под вода додека се дави, неговите гласни жици се собираат и се затвораат. Тоа му ги блокира дишните патишта и го оневозможува вдишувањето. Првите знаци дека нешто се случува со вашето дете ќе ги забележите веднаш.

Второстепено давење може да настане доколку за време на давењето влезе вода во белите дробови и ја иритира внатрешната обвивка, при што настанува собирање на течност и состојба наречена белодробен едем. И во овој случај, симптомите на отежнато дишење ќе се појават веднаш, но може да се влошат во текот на следните 24 часа.

Симптомите на второстепено давење, кои се појавуваат во период до 24 часа по вдишувањето на водата, се:

  • отежнато дишење,
  • болка во градите или кашлица,
  • нагла промена во однесувањето и летаргија (екстремен замор).

Експертите се едногласни дека најдобрата превенција е внимателно набљудување на децата додека се во вода.

Пред четири години, вниманието на светската јавност го привлече текстот на блогерката Линдзи Кујава, која го сподели искуството на нејзиниот син со второстепено давење.

Крлежи (Лајмска болест)

Крлежите се реална опасност за децата која најчесто се крие на места каде што има висока трева. Овие инсекти можат да предизвикаат разни заболувања кај луѓето, меѓу кои е и Лајмската болест.

Доколку често престојувате во природа, преземете ги следниве мерки за да го заштитите вашето дете:

  • Избегнувајте ги местата на кои има висока трева.
  • Облечете му затворени обувки.
  • Ако имате девојче со долга коса, соберете му ја во плетенка, кок и сл.
  • Морате да пешачите низ трева? Облечете го вашето малечко така што да нема гола кожа на нозете. Ставете му долги тренерки прибрани во чорапите.
  • По завршување на активноста во природа, задолжително проверете го целото тело на вашето дете дали случајно има прикачен крлеж. Покрај телото, темелно проверете ја и облеката.
  • По прегледот на телото, веднаш истуширајте го. Добро измијте ја косата со шампон доколку се сомневате дека постои опасност да има прикачено крлеж.
Крлеж

Дехидратација

Децата се посклони кон дехидратација од возрасните, бидејќи нивното тело се загрева побрзо. Дехидратацијата се случува кога телото ќе изгуби повеќе вода отколку што ќе прими, на пример преку потење.

Секоја активност надвор може да предизвика дехидратација, особено ако температурите се многу високи. Ако детето не пие доволно вода додека игра, дехидратацијата е реална опасност за него.

  • Секогаш носете вода за пиење со себе.
  • Дајте му да се напие вода 30 минути пред да започне со физичка активност и нудете му вода на секои 15-20 минути за време на играта. Понудете му вода и откако ќе заврши со игра.
  • Поттикнувајте го вашето малечко да пие вода дури и кога не ви бара.
  • Ако вашето дете практикува спорт, научете го да прави паузи за да се напие вода.
  • Не чекајте детето да ви каже дека е жедно, бидејќи ако е жедно, на пат е да дехидрира.
Опасност во лето

Изгореници

Изгорениците на кожата во текот на детството не се безопасни како што си мислат многумина. Појавата на една изгореница од сонце со меур двојно ја зголемува шансата за појава на меланома подоцна во животот. Најчестите грешки на родителите кога ги мачкаат своите малечки со крема со заштитен фактор е што не нанесуваат доволно количество и што не ја повторуваат постапката на секои два часа.

  • Избегнувајте го сонцето во периодот од 10 часот наутро до 16 часот попладне.
  • Доколку престојувате надвор во тој период од денот, најдете природна сенка, облечете му на вашето дете заштитна облека, ставете му капа и очила за сонце и задолжително мачкајте го со крем со висок заштитен фактор. Повторувајте го мачкањето на два часа.
Опасност во лето

Труење со храна

Децата имаат послаб имун систем од возрасните, па труењето со храна може сериозно да му наштети на нивното здравје. Независно дали планирате да престојувате цел ден на плажа или пак планирате пикник, еве како да го спречите развојот на бактерии во вашата храна:

  • Користете фрижидер за да ја одржувате приготвената храна ладна. Таа не смее да биде на собна температура подолго од два часа, а кога температурите се многу високи, најдобро е тоа време да не биде подолго од еден час.
  • Храната треба да се чува на температура пониска од 4⁰C, па ставете колку што е можно повеќе мраз во фрижидерот за транспорт. Бактериите се размножуваат многу брзо на температури меѓу 4-60⁰C.
  • Чувајте ги пијалаците одделно од храната. Луѓето почесто имаат потреба од ладен пијалак, а колку почесто се отвора фрижидерот, толку побрзо ќе се стопи мразот кој ја чува храната безбедна.
  • Чувајте го фрижидерот далеку од сончева светлина.

Повеќе информации во врска со труењето со храна.

Пад од прозорец

Отворените прозорци за проветрување во лето претставуваат голема опасност за децата. Имајте на ум дека мрежите за инсекти се ставени за да ги држат инсектите надвор од вашиот дом, а не вашето дете во вашиот дом. Тие не се безбедносна мерка која ќе го заштити вашето малечко од паѓање.

Минатата година, неколку мајки преку свои објави на социјалните мрежи споделија дека нивните деца паднале низ прозорец за да ги предупредат родителите за оваа реална закана.

Утрово примив порака од мајка која е потресена од инцидент при кој нејзиниот 4-годишен син падна од прозорец во домот на нивни пријатели, од височина од речиси 4 метри. Тој си играше во градината со пријателите и сестра си само неколку секунди пред, без знаење на мајка си, да се качи за да му мавне на сестра си од прозорецот на горниот спрат каде се лизна. Сега е под седативи на болница со бројни внатрешни и надворешни повреди. Мајка му во нејзината порака рече дека засекогаш ќе го памети звукот кога неговото тело удри на земјата. Ме замоли да го објавам ова за да ја подигне свеста за опасноста од отворените прозорци... Таа рече: „Сакам сите родители да се уверат дека ги презеле сите заштитни мерки за да ги заштитат своите малечки“.

Во коментарите, друга мајка напиша: „Се надевам дека целосно ќе се опорави. Син ми падна од втор кат кога имаше 7 години и секоја година ја објавувам оваа фотографија за да ја подигнам свеста за опасноста на прозорците! Син ми целосно се опорави и сега има 13 години“. Опасност во лето Опасност во лето

Чест ми е да раскажам приказна со среќен крај заедно до лекцијата која ќе спаси животи. 11-месечната Меделин падна од прозорец на втор кат кога комарникот од него се отвори... Не им верувајте на комарниците, многу луѓе не сфаќаат колку слаби се тие. Децата паѓаат од нив секоја година.

Опасност во лето

Задушување во автомобил

Со наближувањето на летото, безбедносните органи на државите низ светот предупредуваат за реалната опасност од задушување или топлотен удар во автомобил. Тоа може да се случи многу полесно и побрзо одошто ние си мислиме.

Температурата во автомобилот може да се покачи толку брзо што детето може да умре за само 10 минути. Истражување направено во САД покажало дека во ден кога температурата е 30 степени, потребни се само 10 минути за температурата во затворен автомобил да достигне опасни 40,5⁰C. Дополнително, телото на бебињата и малите деца се загрева 3-5 пати побрзо од она на возрасните. Кога телесната температура ќе достигне 40⁰C, органите започнуваат да откажуваат, а на 41,5⁰C настапува смрт. Ова е ужасен начин на смрт, особено за беспомошно дете врзано во своето седиште.

Просечно, во САД годишно умираат по 37 деца од задушување во автомобил.

Колку и да ви звучи чудно или смешно, примери од реалниот живот покажуваа дека е сосема возможно родителите да го заборават своето бебе или дете во автомобилот. Сигурно ќе си помислите: „Како е можно родител да го заборави сопственото дете?“. Ова најчесто се случува кога се менуваат рутините во семејството, на пример, ако родител кој не ги носел децата на училиште или во градинка одеднаш преземе обврска да го прави тоа.

И во најголем дел од случаите овие родители не се неодговорни егоцентрични лица или зависници, туку се здрави и нормални индивидуи кои ги сакале безусловно своите деца.

Опасност во лето
  • Колку и да брзате, никогаш не го оставајте детето во автомобилот само.
  • Оставајте ја чантата, паричникот или телефонот на задното седиште за да погледнете назад пред да излезете. Во последните години е зголемен бројот на вакви случаи поради тоа што родителите ги ставаат децата на задното седиште од безбедносни причини.
  • Оставете нешто што му припаѓа на вашето дете на совозачкото седиште.

Видеа кои ќе ве натераат да се замислите

Метал

Доколку е изложен на сончева светлина, металот се вжештува до степен кој може да причини сериозни изгореници на нежната детска кожа. Избегнувајте ги металните лизгалки и лулашки во паркот како и играчките што содржат метални делови.

Многу е важно да внимавате на металните елементи за закопчување од безбедносните појаси доколку вашиот автомобил бил изложен на сончева светлина подолго време.

Опасност во лето

Градинарско црево

Прскањето со црево им е омилена летна игра на многу деца. Но, ова помагало за наводнување може да биде и многу опасно. Водата во цревото за наводнување може да се загрее до 50-60 степени кога цревото е оставено на директна сончева светлина. Доколку детето дојде во контакт со таа вода, може да добие сериозни изгореници.

Пред две години, мајка од Лас Вегас сподели фотографија од своето 9-месечно бебе, кое се здобило со изгореници од втор степен на 30% од телото откако таа случајно го испрскала со вода кога го вклучила цревото за наводнување. Целта на објавувањето на фотографијата беше да ги предупреди останатите родители за тоа колку жешка може да стане водата во цревото.

Опасност во лето

Па, пред да го насочувате цревото кон луѓе или животни, пуштете ја водата да истече неколку минути за да се излади.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11100 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.