Почетна » Новости » Животни стории » Приказната на тинејџерката бездомничка која влезе на Харвард

Приказната на тинејџерката бездомничка која влезе на Харвард

Дон Логинс е девојка која навистина инспирира. 18-годишната Американка со години се селела од дом во дом, менувала различни училишта, учела на свеќи, живеела без вода и на крајот била и напуштена од родителите, но и покрај сето тоа останала на вистинскиот пат кој ја однесе до Харвард.

Дон ЛогинсДон Логинс

Младата амбициозна средношколка станува секој ден во 5 ч. наутро, оди на училиште во 6 ч. и два часа ги чисти училниците во кои подоцна ги поминува училишните часови. По завршувањето на часовите, уште два часа расчистува пред да се прибере дома и да учи до полноќ, а понекогаш и до 2 ч. по полноќ.

Моментално Дон живее со служителка која работи во нејзиното училиште, бидејќи нејзините родители ја напуштиле без да ѝ кажат ниту збор за тоа.

Дон ЛогинсДон по четири часа дневно работи како чистачка на училиште

Приказната на Дон

До 12-годишна возраст Дон живеела заедно со брат си и баба си. На училиште редовно децата вербално ја малтретирале и исмејувале, бидејќи не одржувала хигиена. Куќата каде што живеела била полна со ѓубре и лебарки. Понекогаш поминувале и по два-три месеци без Дон и нејзиниот брат да се истушираат и секој ден ги носеле истите алишта на училиште.

„Таа никогаш не ни објасни мене и на брат ми колку е важно редовно да се тушираме. Нашата куќа беше навистина одвратна. Насекаде имаше лебарки. И купишта ѓубре по кое моравме да газиме за да минеме некаде. Кога бев мала, тоа ми изгледаше нормално. Не сфаќав дека другите семејства не живеат на таков начин. Поради тоа ме исмејуваа, децата ми викаа дека сум валкана. Се враќав дома плачејќи, бидејќи задевањето беше толку лошо“ – раскажува Дон.

Потоа, таа започнала да живее со мајка си и очувот, кој бил дилер на дрога. „Секогаш кога мојот очув ќе го уапсеа се селевме. Или мајка ми ќе ги искористеше парите за кирија за да му ја плати кауцијата. На некои места во кои живеевме немаше струја и вода“ – продолжува Дон. Заедно со својот брат, Дон често одела до блискиот градски парк за се истушира и да наполни вода за готвење. Во една прилика таа споделила со вработена во училиштето дека ѝ се потребни свеќи за да може да учи во вечерните часови.

Дон Логинс

Во наредниот период од училиштето им дозволиле на Дон и брат ѝ да ги користат тушевите за да ја одржуваат хигиената.

И покрај тоа што живеела во лоши услови, Дон секогаш постигнувала успеси на училиште. Изминатово лето таа била испратена на летен камп за понапредни ученици. Педагогот на училиштето заедно со неколку други лица ја однеле Дон на шопинг и ѝ помогнале да собере сè што ѝ е потребно. Додека била во кампот, нејзините родители ја посетиле еднаш. Разговарале со неа околу половина час и си заминале. „Тоа беше само обичен разговор“ – се присетува Дон. Во наредните недели таа се обидувала да се поврзе со нив, но телефонската линија била исклучена. „Кога се вратив, баба ми беше однесена во центар за бездомници, брат ми имаше заминато, а ги немаше ни моите родители. Подоцна дознав дека се преселиле во Тенеси. Никогаш не очекував моите родители да заминат туку-така. Не им сум лута. Мајка ми и мојот очув сметаат дека го направиле она што е најдобро за мене“ –рекла таа.

Откако останала без дом, вработените во училиштето не ја пријавиле во социјалните служби, бидејќи таа набрзо требало да наполни 18 години и да стане возрасна личност која законски може да се грижи сама за себе. На почетокот живеела по неколку дена кај свои пријатели, шетала од дом во дом, за подоцна да започне да живее со вработена во училиштето.

Проблемите не ја спречиле Дон да напредува на училиште. Кога се приближил крајот на последната година, таа аплицирала во неколку факултети. Нејзиниот професор по историја ѝ напишал препорака за да може да аплицира во Харвард.

Дон Логинс

„Не знам колку пати го започнав писмото за препорака. Како да ја собереш нејзината приказна во две страници? Како да објасниш дека ова е млада дама која заслужува шанса, но немала можност?“ – изјавил професорот. Неколку месеци подоцна пристигнало писмо од Харвард во кое пишувало дека Дон ќе биде примена, дека ќе добие финансиска помош и дека ќе може да си најде работа на факултет.

Дон ЛогинсДон со писмото од Харвард

Приказната на Дон допре многу срца низ светот и започнале да пристигнуваат донации отсекаде. Но, таа вели дека не ги сака парите и дека ќе може доволно да заработува откако ќе започне да работи на Харвард. Со паричните средства планира да создаде непрофитна организација која би им помагала на други тинејџери кои имаат пречки при стекнувањето на образование.

Гледајќи го животот на своите родители, Дон одлучила дека нема да заврши како нив и дека ќе се бори со сите сили за нешто подобро. И навистина, таа е на добар пат да си ги исполни своите соништа.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11488 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.