„Ова беше најдолгиот ден во мојот живот“ – изјавила Амбер Милер откако истрчала маратон, а неколку часа подоцна родила девојче.
27-годишната Американка била скоро во 39-тата недела од бременоста кога им се придружила на 45 000 други ентузијасти за да учествува во маратон во Чикаго. Додека наближувала до целта, започнала да чувствува контракции, а само неколку часа по завршувањето на трката од 42 километри, Амбер ја држела во рацете својата здрава ќеркичка Џун.
Амбер со нејзиниот сопруг и малата Џун
Милер се запишала за учество во маратонот уште пред да дознае дека е бремена и воопшто не очекувала дека ќе успее да го заврши.
„Разговарав со моите родители и им реков: Знаете што? Немам намера да го завршам“ – раскажала Амбер.
Но, во текот на трката плановите на храбрата Амбер се промениле. Заедно со неа, за поддршка, маратонот го трчал и нејзиниот сопруг. Дел од маратонот го истрчале, но дел поминале со одење. Им биле потребни 6 и пол часа за да ја завршат трката.
Веднаш потоа, Амбер си купила сендвич и се упатила кон болницата. Малата Џун дошла на свет само неколку часа откако нејзините родители ја поминале целта.
„Трката дефинитивно беше полесна од породувањето“ – изјавила среќната мајка.
Досега Милер има завршено осум маратони, три од нив додека била бремена. Таа истрчала еден кога била бремена со Џун во 17-тата недела, а еден претходно додека била бремена со првото дете Кејлеб.
Пред да започне со маратонот, Амбер се консултирала со доктор, кој ѝ дозволил да учествува во трката, но под услов да го истрча само половина маратон. „Добив ОК од мојот доктор да го истрчам половина маратон, а мојот сопруг трчаше цело време со мене за да ме поддржува. Го истрчав половината, а на другиот дел пешачев, така стигнав до целта. Сите зјапаа во мене додека ги одминував“ – изјавила таа.
Маратонот не претставувал проблем за физички подготвената Амбер, но го исцрпила нејзиниот сопруг Џо Милер. Тој се надевал дека Џун ќе се роди пред почетокот на маратонот и дека Амбер нема да бара од него заедно да трчаат, па не тренирал доволно. „Бев целосно истоштен. Се надевав дека Џун веќе ќе биде родена“ – признал тој.
