Почетна » Новости » Животни стории » „Барем да те гушнев уште еднаш“: Емотивна порака од мајката на Ивона која загина во пожарот во Кочани

„Барем да те гушнев уште еднаш“: Емотивна порака од мајката на Ивона која загина во пожарот во Кочани

Стојка Иванова Антова со емотивна порака за покојната ќерка Ивона расплака илјадници лица.

Мајката на убавата девојка, која во цутот на младоста го загуби животот во пожарот во „Пулс“ во Кочани, напиша дека посакува да можеше да ја гушне уште еднаш и дека ќе ја сака засекогаш.

Ивона Ивона

Еве ја нејзината порака во целост:

Ќерко моја, Ивона, ќе ти пишувам, иако те нема.

Ќе ти зборувам како некогаш —со тивок глас, со треперлива душа, како кога спиеше покрај мене, а јас те гледав и си велев: „Благодарност е што те имам.“

Зошто замина прерано, душо? Зошто не ми кажа: „Ќе одам“?

Барем да те гушнев уште еднаш, барем да ти кажев колку те сакам —не само еднаш, туку илјада пати. Сега само сликите ме гушкаат, песните што ги пееше ми ѕвончат низ тишината, а планините… тие сè уште ја носат твојата сила. Секој врв е твоја победа, секој цвет покрај патот е твоја насмевка.

Се сеќавам, Ивона, на денот кога првпат рече „Ќе бидам моден креатор“. Со тие очи што сјаеја како ѕвезди, со срце што никогаш не одбиваше никого.

Ќерко, ми недостигаш. Недостига твојот мирис, твојата коса, начинот на кој велеше „Мамо, не грижи се“ или „Тато, ќе биде сè во ред“.

Сега јас зборувам со ѕвездите. Гледам во небото и велам: „Онаа најсјајната – таа е мојата Ивона.“ Те носам во секој здив,во секоја солза, во секое утро и секоја ноќ.

Љубовта не умира, ќерко. Таа живее, во мене, во сите што те сакаа, и ќе те сакаат… засекогаш.

16.03.2025 НЕПРЕБОЛ

Ивона

Стојка е дел од секој Марш на ангелите, со кои се бара правда за жртвите.

Ужалената мајка повеќепати има споделено дека нејзината ќерка не починала од изгореници во дискотеката, туку дека не добила навремена помош во болницата. Нејзиниот сопруг ја пронашол Ивона мртва на болнички кревет.

„Ивона не умре веднаш од пожарот. Таа беше до вратата за излез, чекајќи се бореше, снимаше цело време и сликаше како ја бутаат другарите, се молеше за помош, но беше оставена од сите. Не доби помош кога најмногу ѝ требаше“ – напиша Стојка.

Ивона Ивона

За својата ќерка, Стојка пишува:

Ивона беше девојка што живееше со срце полно на сонце и радост. Од мали нозе, таа секогаш беше онаа што прва го започнуваше секое дружење, секоја забава. Се смееја со неа, ја сакаа заради нејзината искрена насмевка и ведар дух, што ги носеше како топол ветар во студен ден.

Беше планинарка, љубеше ги височините и чувството на слобода што го даваше секоја нова патека. Во нејзините очи светлеше љубопитство и желба да ги освојува световите – не само планините, туку и луѓето околу себе. Пишуваше песни што ги изразуваа нејзините чувства и соништа, зборуваше повеќе јазици, и секогаш беше подготвена да помогне, да пружи рака. Никогаш не знаеше да каже „не“ — затоа сите ја сакаа и ценееја.

Секој ден за неа беше нова можност да биде поблиску до својот сон – да стане моден креатор, да создава убавина што ќе допре многу срца. Нејзината енергија беше заразна, и сите кои ја познаваа го почувствуваа тоа.

Но животот понекогаш е суров, и таа замина многу рано, оставајќи празнина што е тешко да се опише. Но љубовта што ја остави зад себе е вечна. Во секој спомен, во секоја песна, во секој зрак сонце што го чувствуваат оние што ја сакаа — Ивона живее.

Таа е светлина што никогаш не згаснува.

Ивона Ивона Ивона Ивона

ФОТО / Facebook Stojka Ivanova Antova

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 14%
  • 24%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 27746 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.