Почетна » Забава » Слободно време » Како да ја зачувате вашата приватност на Facebook?

Како да ја зачувате вашата приватност на Facebook?

Сè поретко можете да најдете човек кој нема профил на Facebook. Тоа и воопшто не е чудно, имајќи во предвид дека над 30% од популацијата во Македонија веќе е дел од Facebook-манијата. Бројот на корисници од нашата држава изнесува високи 710 000. Од нив, 290 000 се жени.

Но, најголемата социјална мрежа сè почесто е мета на критики поради (не)приватноста на личните податоци на корисниците. Не е тајна дека Facebook сака што поголем дел од вашиот профил да биде достапен за сите. Неговата Полиса за приватност веќе содржи неверојатни 5830 збора. Тоа е дури повеќе од Уставот на САД, кој содржи 4543 збора, па разбирливо е што ретко кој од корисниците има време и желба да ја прочита. А на последната Facebook конференција за програмери, беа објавени низа нови промени што по подразбирање прават дел од вашиот профил достапен за јавноста.

Марк Цукерберг - FacebookМарк Цукерберг, основачот на Фејсбук, е силно критикуван поради зачестените промени на приватноста на податоците на корисниците.

За да спречите некоја непожелна личност да дојде до ваши лични податоци, Facebook сепак ви дава можност да си вратите дел од приватноста назад, но за да го направите тоа ќе треба да ги засукате ракавите и да се фатите за работа: постојат 50 различни прилагодувања и 170 различни опции поврзани со приватноста на вашите информации. Голем дел од корисниците тешко ќе успеат да се преборат со бројните прилагодувања, па веројатно ќе ги остават работите онака како што се. За да не бидете и вие дел од луѓето што ја ризикуваат сигурноста на своите податоци, подолу следуваат најважните промени што треба да ги направите на својот профил.

Ако пак решите да преземете подрастични мерки, имате две можности: деактивација и бришење на вашиот профил. Да, добро прочитавте, постои можност и да го избришете вашиот профил, иако најголем дел од луѓето сметаат дека единствено нешто што можете да го направите е да го деактивирате. Подолу ќе дознаете и која е разликата помеѓу овие две опции.

Мерки за зголемување на приватноста

Групирајте ги пријателите во различни списоци

Сигурно не сакате да споделувате исти работи со вашата најдобра пријателка, со вашата тетка од Австралија, со вашиот шеф и со некоја случајна личност која штотуку сте ја запознале. Facebook ви овозможува да ги разделите вашите пријатели во неколку листи и да имате различна верзија на профилот за секоја листа.

На пример, можете да создадете четири листи: „Семејство“, „Блиски пријатели“, „Познаници“ и „Работа“. Со членовите на листите „Семејство“ и „Блиски пријатели“ би споделувале повеќе лични информации, би го ограничиле пристапот до вашите чувствителни податоци за членовите на „Познаници“, а за членовите на листата „Работа“ би имале посериозен профил.

За да го направите ова, кликнете тука (или одете во Account » Edit Friends » Lists/Friends). Кликнете на копчето „Create New List“. Воведете го името на листата, изберете кои членови да бидат дел од таа листа и кликнете на „Create List“. Новосоздадената листа ќе се појави во левото мени (долу, кај Lists). Користејќи го копчето „Edit List“, во иднина ќе можете да додавате или бришете пријатели од листите.

По создавањето на листата, одете во Account » Privacy Settings. За секое делче од вашиот профил, сега ќе можете десно да изберете Customize (наместо опциите Everyone, Friends of friends, Friends) и да го контролирате пристапот за секоја од вашите листи на пријатели. На пример, можете да им дозволите само на членовите на листата „Блиски пријатели“ да ги гледаат постовите испратени од пријателите на вашиот Ѕид (Privacy Settings » Personal Information and Posts » Posts by Friends). Или пак можете да им забраните на членовите на „Познаници“ да коментираат на вашите постови, да го гледаат вашиот роденден итн.

Блиски пријатели - Facebook ЅидПример: само членовите на листата „Блиски пријатели“ да можат да ги гледаат постовите испратени од други корисници на вашиот Ѕид.

Контролирајте го споделувањето на ваши лични податоци со апликации и веб-сајтови

Сите апликации што ги користите на Facebook добиваат пристап до дел од вашите лични податоци, вклучувајќи ги вашето име, слика, пол, град, мрежи, пријатели и омилени страници. Најчесто овие апликации се изработени од трети лица и не се поврзани со Facebook. Иако до пред еден месец тие беа обврзани да ги избришат вашите лични податоци по изминувањето на 24 часа од користењето на апликацијата, сега сите можат слободно да располагаат со информациите без да има било какви ограничувања. Затоа е препорачливо да бидете внимателни и да не ѝ давате на секоја апликација пристап до вашите податоци.

Но, тоа не е доволно. Вашите пријатели постојано несвесно ги споделуваат и вашите информации секој пат кога користат некоја апликација. За да го спречите ова, кликнете тука (или одете во Privacy Settings » Applications and Websites » What your friends can share about you). Исклучете ги сите опции и кликнете на „Save Changes“.

Оневозможете го појавувањето на вашиот профил во Google

По подразбирање, секој може да го напише вашето име во Google и веднаш да го пронајде вашиот јавен профил. За да го оневозможите ова, кликнете тука (или одете во Privacy Settings » Search) и оневозможете ја опцијата Public Search Results. За поголема приватност, можете да изберете Only Friends и кај Facebook Search Results.

Заштитете ги вашите слики и видеа

Сигурно претпоставувате зошто сликите објавени на Facebook можат да ви создадат огромни главоболки. За да ја намалите веројатноста дека некоја ваша непријатна слика ќе биде видена од погрешна личност, можете да ограничите кој сè може да ги гледа сликите на кои што сте „тагнати“ – дури и да се качени на нечиј друг профил! Кликнете тука (или одете во Privacy Settings » Friends, Tags and Connections). Кликнете на копчето десно од Photos and Videos of Me и изберете Customize. Во прозорецот што ќе се отвори, можете да ја изберете опцијата листата „Блиски пријатели“, што сте ја создале на начинот опишан погоре во статијава. Ако пак не сакате да ризикувате, можете да изберете Only Me и никој освен вас нема да може да ги гледа сликите и видеата каде што сте „тагнати“.

Направете ги вашите контакт информации приватни

Експертите предупредуваат дека безгрижното јавно објавување на контакт податоци, како адреса на живеење, телефон и сл., може да ви создаде сериозни проблеми и дури да ве направи мета на криминалци. За да се заштитите, кликнете тука (или одете во Privacy Settings » Contact Information) и дозволете им само на луѓето во кои имате доверба да ги гледаат овие податоци. Сигурно и овде ќе ви се најдат различните листи на пријатели. На пример, можете да им дозволите само на припадниците на листите „Семејство“ и „Блиски пријатели“ да ги гледаат вашите телефони и адреса на живеење.

Деактивација на вашиот профил

Ако ви е преку глава од „социјализација“, можете привремено да го деактивирате вашиот Facebook профил. Деактивацијата ќе го направи вашиот профил невидлив и ќе бидете невидливи за останатите корисници. Сепак, ништо нема да биде избришано и ќе можете во секој момент да го активирате профилот и да го вратите во истата состојба како што изгледал пред да го деактивирате.

Деактивирањето на профилот е едноставно. Одете во Account » Account Settings и најдолу кликнете на „deactivate“ (можете и да кликнете тука). Посочете ја причината за деактивација на профилот, означете ја опцијата Email opt out и кликнете на копчето „Deactivate My Account“.

Ако подоцна сепак решите дека не можете да живеете без својот профил, можете лесно да го активирате со едноставно најавување на Facebook. Ќе ви биде испратен линк за активација на вашата e-mail адреса.

Бришење на вашиот профил

Иако најголемиот дел од луѓето мислат дека профилите на Facebook не можат бидат избришани, сепак постои можност да го направите ова. Но, опцијата е толку добро скриена, што ниту еден нормален корисник не би успеал да ја пронајде (закопана е длабоко во страниците за помош). Па, ако не можете да ги поднесете боцкањата, квизовите и поканите за пријателство од непознати луѓе и ако сте цврсто решени да извршите „Facebook самоубиство“, кликнете тука. Откако ќе го притиснете копчето „Submit“, вашиот профил, заедно со сите ваши информации, ќе биде неповратно избришан.

За крај...

Иако можеби изгледа комплицирано, следењето на советите за зголемување на приватноста ќе придонесе да се чувствувате посигурно на најголемата социјална мрежа во светот. Не чекајте да дојдете во незгодна ситуација за да започнете да ги правите посочените промени на вашиот Facebook профил.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11175 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.