Почетна » Новости » Животни стории » „Штом ја преживеав смртта на мои деца, ќе преживеам сè“: Животните премрежја на Ивана Лескароски, чија сила ѝ е синот-чудо Роман

„Штом ја преживеав смртта на мои деца, ќе преживеам сè“: Животните премрежја на Ивана Лескароски, чија сила ѝ е синот-чудо Роман

Ивана Лескароски е олицетворение на тивка храброст, безгранична љубов и вера што не се руши ни пред најжестоките бури. Жена која низ најдлабоките бездни на болката го пронајде блесокот на надежта и чија духовна одисеја ја тестирала секоја клетка од нејзиното битие.

Низ години исполнети со неизмерна тага, болнички ходници и тешки дијагнози, Ивана не се претвори во жртва, туку во симбол на надеж за многу мајки кои ја следат и се инспирираат од нејзиното издигнување како феникс. Животот ѝ е сведоштво дека постои светлина и во најтемниот тунел, дека секоја молитва има своја тивка енергија и дека љубовта на мајката не познава граници.

Денес, нејзината најголема инспирација е синот-чудо Роман, детето кое ѝ ја врати светлината во очите и смислата во секој здив. Нивната приказна е незаборавен пример како од најголемата загуба може да се роди љубов што нема граници и како верата, кога е чиста и длабока, може да го надмине и невозможното.

Во искрено интервју за Фемина, инспиративната мајка, која е во брак со поранешниот фудбалер Дејан Лескароски, си ја отвори душата, зборуваше за болката, за победата над болеста, за нејзината верба во Бог и за малото момче со ретка болест кое секој ден ја потсетува дека животот, и покрај сè, е благослов.

Ивана Лескароски со семејството

Вашиот пат до мајчинството беше исклучително долг и исполнет со незамисливи предизвици. Би споделиле ли подетално како започна?

- На свои 20 години стапив во брак со својот сопруг, но тоа не го промени фактот дека наш сон беше да станеме родители. Така, за првпат во улога на мајка се остварив на 21 година, што гледано од денешен аспект, би рекла „дете да гледа дете“, но навистина не беше така. Бевме толку зрели и спремни за родители што во ниту еден момент немав паника, ни страв, знаејќи го фактот дека во тоа време мојот сопруг професионално играше фудбал и често менувавме средина на живеење, што значеше дека тоа бебе ќе го гледаме сами.

Толку силно вриштев, што до ден-денес вресокот е врежан во таа соба и тие ѕидови.
Ивана

Паоло беше нашата прва радост, нашиот почеток, нашата иднина, со нетрпение го очекувавме. Бременоста се одвиваше како по книга и сè беше во најдобар ред до 8-ми месец кога добив породилни контракции. Тогаш првпат смртта ја погледнав во очи. Додека ме спроведуваа со Брза помош на клиника во Скопје, мислам дека почнав да губам свест и се сеќавам дека единствена мисла ми беше Дејан да не остане сам и или јас или бебето да останеме со него. ГАК - траума за мене до ден-денес, со исклучок на доктор Ливринова и доктор Татјана Гуржанова, кои во тоа време беа на клиника и беа единствена светла точка и на неколку сестри на кои до ден-денес се сеќавам во убава смисла. Сè друго - хорор филм.

Да се оградам и да се надоврзам на темава – ГАК сега има прекрасна директорка за која имам само пофални зборови и се надевам дека ГАК ќе продолжи да биде сигурност на секоја жена, а не мојот хорор од минатото.

Паоло се роди со царски рез и живееше неколку дена. Почина од респираторен дистрес, а начинот на кој ми беше соопштено беше исто така хорор. Влезе болничарка и ми се обрати со следните зборови: „Ќе те преместиме на патологија, твоето дете почина“. Мислам дека светот ми се урна. Толку силно вриштев, што до ден-денес вресокот е врежан во таа соба и тие ѕидови.

Втората бременост – уредна, исто како и првата, сè до 8-ми месец. Јас бев навистина случај кој не беше секојдневен. Јас, освен контракции за кои единствено решение беше породување, не постоеше друго решение. Аритон беше посебна приказна, за жал – иста клиника, иста соба, иста сала. Ноќта пред да се породам, му се јавив на Дејан и му реков дека го слушам за последен пат. Сестрата која беше дежурна спиеше и ми велеше дека така мајка не се станува, а јас падната на под и не можев да се вратам во кревет. Утрото повторно доктор Ливринова се појави и таа итно ме внесе во сала. За двете породувања на ГАК што јас сè уште сум жива, заслужна е само таа.

Аритон имаше критични периоди, но некако со сè се избори и веќе нè подготвуваа за дома. Ни даваа насоки за понатамошно лекување, како ќе треба да го носиме на контроли во Козле. Ние спремни за сè што следува. Одеднаш почна да потекува во стомакот, работите тргнаа во еден хаос од кој ни сами не знаевме што се случува. Еден доктор ни се обрати и ни рече: „Носете го детето оттука, овде нема да се спаси.“

Аритон дефинитивно мислам дека беше предозиран – првенствено со антибиотици. Друга работа која беше застрашувачка беа пелените во инкубаторите, кои од бели беа црни и не знам дали воопшто ги менуваа кога преместуваа бебиња во нив. Имавме право да го посетиме два пати неделно, немаше право да пие мое млеко и имавме одреден период во денот кога можевме да се јавиме да прашаме како е.

Последниот ден кога се јавив – значи нагласувам, јас се јавив да прашам како е – ми кажаа: „Дојдете, вашето дете умира, не знам дали ќе стигнете да го видите живо.“

Повторно ќе повторам: ова е период пред 15 и 13 години, период кога смртноста кај деца на ГАК беше алармантна. Одговорно тврдам дека работите сега се сменети, иако јас не знам кога ќе имам храброст да поминам таму покрај таа клиника. За мене, тоа е хорор кој времето никако не го излекува.

Ивана Лескароски со семејството

Што ви даваше најголема сила кога животот ви ги нанесуваше најтешките удари – смртта на предвреме родените бебиња?

По смртта на Аритон, животот ни се промени. Болката иста до ден-денес, но сега сме навикнати да живееме со неа
Ивана

- По смртта на Аритон, животот во целост ни се промени. Кога за последен пат го видовме, беше заспан и единствено нешто што му функционираше беше срцето. Тоа лавовски се бореше, но условите во кои беше, го победија и ја изгуби битката. Болката иста до ден-денес, но сега сме навикнати да живееме со неа, научивме да зборуваме со нив, без разлика што ги нема. Последиците беа страшни, на свои 23 години втора загуба, за мајка нема ништо поболно. Од таа болка понатаму во животот не успеа ништо да ме порази – кога го преживеав тоа, тогаш јас ќе преживеам сè друго. Господ некако ми го зачува разумот, ми даде сила за да продолжам да живеам. Бев на работ од животот, но ете денес успевам да сум поттик и поддршка на многу мајки кои не се толку храбри да го искажат она за кое јас собрав храброст јавно да зборувам. Денес имам траума, од тоа кога ќе се роди бебе и нели се слави и се оди на мекици - за мене тоа е траума и пред да одам, прво психички се подготвувам, затоа што ние ни за едно од трите деца немавме прослава и за мене тоа е како сол на рана. Јас толку се радувам на секое бебе и сите кои ме познаваат знаат што значи за мене дете, но има трауми кои си ги влечкам со себе до ден-денес, дури и по толку години.

Следуваа периоди на абортуси, сите се случуваа во четврт месец, само еден абортус ми беше по сопствен избор затоа што имав интервенции на бубрези, носев сонди, бев под силни антибиотици и силни лекарства, и тогаш тоа беше разумна одлука од нас и мојот тим, затоа што загуби ми беа доста.

Со оглед на траумата од повеќето спонтани абортуси, дали некогаш помисливте да се откажете од забременување и да посвоите дете?

- И кога животот мислиш дека нема смисла, тогаш Роман се појавува сосем непланирано. Веќе решена за посвојување и тргнато од умот дека некогаш пак ќе бидам мајка која ќе роди, веќе се гледав како мајка на посвоено дете која се имаше помирено дека не е мајка онаа што ќе роди, туку онаа што ќе го изгледа и порасни. Дејан беше на натпревар во Кипар и како сега се сеќавам, циклусот ми каснеше еден ден, а јас штом не добијам точно и прецизно на денот, значи сум бремена. Правам сама тест и тестот позитивен – нема возбуда, нема емоции. Го чекам Дејан да се врати од Кипар за ние да одиме да абортирам, затоа што јас немав сила да раѓам деца и тие да умираат. Баш вака во мислата – ни помалку, ни повеќе.

Раскажете ни за третата успешна бременост. Како се чувствувавте кога конечно си отидовте дома со бебе во рацете?

Цела бременост бев во кревет, до крај на 6-ти месец кога Роман се роди
Ивана

- Во тоа време, Миа Костова беше баш активна на Фејсбук, во тоа време таа беше тазе мајка и јавно зборуваше за сè, па го имаше спомнато доктор Дракулевски од „Систина“. И сосем случајно ѝ пишав, и тоа беше чудо – немаше објаснување, само ми рече: „Во недела се чекаме пред стадион, поточно пред „Сител телевизија.“ Седнавме на ручек - јас, таа и Дејан, и само ми кажа: „Утре одиме кај Дракулевски сите тројца“. Јас само ја слушав, можете да го замислите оној нејзин посебен речит глас кај што немаш право на избор – само слушаш.

Утредента ние тројца кај Дракулевски. Влегуваме внатре, Миа зборува, таа одлучи - Роман ќе се роди. Јас не знаев каде се наоѓам. Тогаш Дракулевски ме гушна и ми рече: „Од 'Систина' нема да си одиш без бебе, јас тоа го гарантирам. Затоа Миа и Дракулевски, заедно со „Систина“, се нешто посебно за нас. Миа за нас е и ќе биде дел од нас, посебно од светот на Роман. И секогаш кога пишуваме, ја потсетувам дека секогаш ќе е дел од нашите молитви - таа го направи тоа што нема цена.

Дракулевски знаеше дека Роман ќе се роди предвремено, но исто така беше сигурен дека сè ќе биде во ред. Цела бременост бев во кревет, до крај на 6-ти месец кога Роман се роди. Роман 35 дена беше на интензивна нега во болница, а доктор Фидановски и целиот тим беа негова фамилија, тоа се и до-денес. „Систина“ за нас е како дома.

Кога Роман го зедовме дома, не верувавме и не бевме свесни дека тоа е вистина. До ден-денес ноќе проверувам дали дише, тоа се тие трауми кои и пред малку ви ги спомнав. Едноставно тука се, но навикната сум да живеам со нив и не ми пречат.

Ивана Лескароски со семејството Ивана Лескароски со семејството

Како изгледа еден ваш „типичен“ ден со синот Роман?

- Деновите со Роман се посебни, бидејќи секој поминат нов ден за нас е благослов. Роман е дете со своите години, но со умот е возрасен и позрел од нас. Јас не работам и 24 часа сум посветена на него. Денот го започнуваме со гушкање и подготовка на секојдневната терапија која ја прима поединечно за секоја дијагноза. Секогаш кога не сме во болница, тој е на школо, на тренинзите на пливање, на англиски, германски, математика… Кога е ОК и кога не сме во болница, Роман се однесува како да е најздраво дете на целиот свет. Полн е љубов – тоа е она што ни го полни срцето, дете кое има љубов за цел свет.

Кои се моментите што најмногу ви го полнат срцето? На што е најгорда мама Ивана? Какво дете е Роман?

Роман е чудо и секој ден позитивно нè изненадува
Ивана

- Горди сме што е наше дете и горди што ни покажува како се сака животот. Роман е дете на кое често не знаеме да дадеме одговор на неговите прашања, Роман е дете од кое ништо не криеме и Роман е дете со кое болката ја претвораме во радост. Ние во болница играме, се смееме, снимаме видеа, бара сам вени за боцкање. Ако постои навистина чудо, тогаш ова дете е чудо и секој ден позитивно нè изненадува со некој негов новитет и некое ново прашање.

Ивана Лескароски со семејството Ивана Лескароски со семејството

Мајчинството не беше единствениот предизвик за вас кога е во прашање здравјето. Бевте соочени со рак на тироидна жлезда. Како ја примивте дијагнозата и каква е вашата состојба?

Канцерот јас го прифатив најлесно, но тие околу мене - хаотично
Ивана

- Да, канцер на тироидна, проблем со бубрези и состојба пред сепса, мал мозочен удар и што уште не (се смее). Верувајте дека ни еднаш не помислив дека ќе ја загубам битката. Во текот на разговоров ви спомнав дека најстрашното го преживеав – смртта на моите деца, значи ништо друго не може да ме победи. Баш сега има некои промени на матката, но тоа сѐ го имам препуштено на Дракулевски и не обрнувам никакво внимание. Знам да испаничам, ама тоа трае кратко. Канцерот јас го прифатив најлесно, но тие околу мене - хаотично, и наместо тие да ме тешат, јас ги тешев нив.

Роман е дете со ретка болест. Би споделиле ли со какви здравствени предизвици се соочува моментално?

- Роман е дете со многу дијагнози: тумор на хипофиза, дијабетес, епилепсија, инсипиден дијабетес (кој е ретка болест), проблеми со нозете за кои следуваше операција. Колку и да сме силни, сè е толку исцрпувачки, што некогаш чекам да заспие за јас добро да се исплачам.

Ивана Лескароски со семејството Ивана Лескароски со семејството

Како последица на здравствените проблеми, двете стапала му беа оперирани и пред извесно време, тој не можеше воопшто да оди. Велите дека неговата сила и верба во Бог го вратија да застане пак на нозе. Каков беше тој процес?

- Да, по успешно направената операција од страна на професор Камнар, Роман беше прво во кревет, па во количка, па почнавме чекор по чекор. Сега оди сам, далеку сме од убаво одење, но важно оди сам и не сака воопшто помош. Професор Камнар направи повеќе од можното и навистина тука е за нас во секое време.

Роман неодамна успеа да истрча дел од Детската Боград трка, посветена на ретките со ретки болести и тоа по ноќ со асматични напади и болки во нозете. Што го мотивира на овој подвиг? Како реагиравте вие?

Не беше планирано да трча, но Роман почна да трча и се врти, ме гледа и ми вели: „Не трчам јас, Господ трча со мене.“
Ивана

- Роман е дете кое премногу верува, има духовник Отец Макариј кој има голема улога во животот на Роман и за Роман, денот почнува и завршува со Господ. Роман и татко му имаат посебно смирение, па така мојот немир и нивниот мир се одличен баланс. Роман многу е сентиментален на болни деца, деца со здравствени проблеми. Тој сам не се сожалува никогаш, но за другите се потресува. Оваа трка беше посветена на децата со ретки болести и се договоривме јас и тој патеката од 300 метри да ја изодиме заедно. Не беше планирано да трча, но Роман, моето чудо од дете, почна да трча и се врти, ме гледа и ми вели: „Не трчам јас, Господ трча со мене“. Сето тоа беше толку емотивно, никој не остана имун и сите со солзи го дочекаа на целта. За нас, како родители, нема поголема победа од тоа што Роман победува секој ден.

Ивана Лескароски со семејството

Што би рекол Роман, каква мајка е неговата мама Ивана?

- Ако го прашате Роман, ќе ви каже дека мајка му е најдобрата чистачка, ќе ви каже како позирам на слики затоа што знае дека сликањето ми е оаза на мирот и тоа е некое мое хоби во кое си уживам за себе. Ќе ви каже дека мајка му е најсилна мајка, ќе ви каже „бидете тивки, мама малку спие“, ќе ви каже дека тој, мама и тато се права љубов, и буквално ќе ви каже и тоа што треба и тоа што не треба. Не знае да сокрие, кај него нема лага (се смее). Пред некој ден, кога Дејан го возел до училиште, му рекол: „Размислувам што ќе правам кога вие ќе умрете, јас без вас не можам“. Ви објаснувам баш онака како што навистина е Роман и следно би сакала со него да разговарате, затоа што ова дете навистина не се објаснува, само се доживува.

Како реагирате во ситуации кога Роман е тврдоглав или има тежок ден?

Не дозволуваме Роман да е разгалено дете кое ќе ја користи болеста за свои „хирови“
Ивана

- Роман пред и по операција за првпат доби малку надразлива психичка состојба за која веднаш вклучивме стручно лице — доктор Елена и доктор Ксенија во Охрид, ги имаме на располагање, а Роман одлично соработува. Кога е тврдоглав или прави грешки, тоа навистина е ретко, но добива соодветни казни: одземање на телефон или пак нема да се игра играта која најмногу ја сака. И навистина, со сите проблеми кои ги има, Роман не дозволуваме ни во еден момент да е разгалено дете кое ќе ја користи болеста за свои „хирови“. Го учиме на вистинските вредности и сè што има е заслужено, а не му е дадено од сожалување.

Ивана Лескароски со семејството Ивана Лескароски со семејството

Кое е најважното нешто што сакате да му го пренесете?

- Ние му ги пренесовме љубовта, верата и надежта – тоа е најголемото богатство кое ќе го наследи од нас. Тоа никогаш не може да го купи со пари.

Што вие сте научиле од него?

- Од него секој ден учиме како се сака животот, како се живее животот и како се бори со животот. Научивме да ги исфрлиме сите негативни личности од животот, бидејќи Роман со толку многу проблеми, болки и искушенија, ни во еден момент не се пожалил на животот, и баш тоа го научивме, дека не секој има привилегија да е дел од нашиот живот.

Која особина ја имате кај себе како мајка, а сте ја наследиле од вашата мајка?

- Уф, за мајка ми треба малку повеќе да се каже, таа е жениште, таа е наш спасител и секогаш кога на социјалните мрежи се гледа време во кое сум средена или за миг избегана од секојдневието, задолжена е таа. Единствена е што знае да му даде терапија, ја имаме одлично обучено и никогаш не сме ја запрашале дали нешто може, навикнати сме секогаш да може и тоа е одговор и на вашето прашање. Од неа научив дека можам и кога не можам. Мајка ми имаше болно дете, тоа дете бев јас кога бев мала. Јас се борев со пострауматска епилепсија која беше од најлош степен со исход кома, па некако во секоја смисла е соживеана со мене и се плашам до кога ќе може да го следи моето темпо.

По толку тешки моменти, постојани препреки и предизвици кои ви ги задава животот, кој е вашиот „издувен вентил“? Кој е пак вашиот најголем страв?

Секогаш успевам во најцрното да најдам светла точка и молитвата е наше спасение
Ивана

- Го сакам животот, имам луѓе околу мене кои се енергични и позитивни, сакам да се средам и да изгледам убаво. Никогаш не дозволувам болката која ја имаме да влијае на нас и да сме запоставени без желба за живот, тоа нема ништо да смени, само ќе нè однесе до работ на пропаст. Секогаш успевам во најцрното да најдам светла точка и молитвата е наше спасение. Сѐ што е од Бога ќе дочекаме и испратиме.

Сега мора да бидам искрена, страв... единствениот страв ми е Роман да не ја изгуби битката. На ова никогаш не помислувам, но мора да бидам искрена и кога сме кај страв, тоа е единствен страв. Против сѐ друго можам и светот да го превртам и срце од гради би извадила само Роман да успее.

Од ваше искуство, колку е значајна поддршката од партнерот и поширокото семејство за време на деликатни животни поглавја?

- Поддршката е најважното нешто. Дејан е човекот на мојот живот и само да е до мене, тогаш јас и невозможното го можам. Хармонијата во семејството, неговите и моите родители, моите браќа и сестрата на Дејан и нејзиното семејство имаат голема улога и сите сме како една целина. Но, не можам да ги заборавам и пријателите. Имаме такви пријатели кои верувајте тука се секогаш без да побараме да се тука и тоа е благослов. Фала му и слава му на Бога за сите што ги имам во животот и сите што ни ги тргнал, оние кои немаат кредибилитет да се дел од нашиот живот.

Успевате ли да најдете време за себе? Како го користите?

- Да, кога се сака, сè се може. Дејан со тренинзи е премногу зафатен, но јас сум 24 часа посветена на Роман и Дејан и секако дека имаме време кое максимално го користиме ние. И кога патуваме од болница до болница, знаеме да си го претвориме тоа во вистинско патување и да уживаме во истото. Ниш е наш втор дом и таму имаме фамилија, не по крв туку по душа, оној најважен вид на фамилија која сам ја одбираш. Семејството Радиќ буквално ни го дадоа домот и кога сме во Ниш, ние имаме дом, а тие се најголемата причина што Роман доби шанса да се бори.

Ивана Лескароски со семејството

Што би им порачале на жените кои сè уште чекорат по трнлив пат кон мајчинството, но и на мајките кои се борат за животот и здравјето на своите деца?

- Верувајте секој ден добивам пораки на кои одговарам со толку емоции и дополнително се потресувам. Би им препорачала, дури и да знаат дека утре е нивниот последен ден, ни тогаш да не се откажат, да веруваат силно, да се надеваат од дното на душата, да љубат секој ден како последен. Оние кои не можат да се остварат како мајки, да знаат дека има многу деца кои чекаат да имаат родители. Оние со болни деца, да знаат дека нема откажување до последен здив. Оние кои не се храбри, да зборуваат, нека соберат сила нека не забораваат дека заедно сме посилни, и на крајот од денот, кога можеме ние, можете и сите вие, сите болки и искушенија ги доживеавме и никогаш ама баш никогаш не се откажавме.

Не постои поголема партија од болката на една мајка
Ивана

Апел до надлежните државни институции – немојте да дозволите болните деца да се заборавени од државата. Секој ден добивам пораки од мајки кои не се задоволни со сензорите за дијабетес, тоа е проблем со кој се соочуваме. Ретките болести да не се заборавени, ако не сме способни тука, отворете ги границите, а пасош нека биде фондот. Не секој може да се бори со сопствени финансии, нека политичките кампањи ви започнуваат и завршуваат со деца, затоа што баш тие деца се наша иднина. Приоритет да ни е здравствениот систем и на оваа тема можам да дебатирам уште многу и ќе бидам гласна сè додека барем децата не добијат третман како што доликува. Ни едно дете на овој свет не заслужува да е болно, но кога ќе дојде до тоа, заслужува третман достоен за дете. Јас сум само мајка која секој ден се бори за животот на своето дете, јас сум гласот на сите мајки, јас сум гласот на сите деца кои секој нов ден ни е подарок од Бога, јас сум гласот на секоја тивка мајка која нема поддршка, и сѐ дури Бог ми ја чува силата нема да застанам, затоа што не постои поголема партија од болката на една мајка. И немој да заборавите, нас нè има многу.

Автор: Даница Караташова Илиоска

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 24%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 30088 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.