МОРБИЛИ – мали сипаници
Почетна » Здравје » Заболувања » МОРБИЛИ – мали сипаници

МОРБИЛИ – мали сипаници

Малите сипаници (морбили) се акутно вирусно заболување предизвикано од РНК вирусот Morbillivirus, кое се манифестира со карактеристичен осип, висока температура и респираторни симптоми и знаци.

Пред ерата на вакцинирањето, според Светската здравствена организација (СЗО), ова заболување било причина за 2,6 милиони смртни случаи годишно. Епидемиите на морбили се јавувале на секои 2 до 5 години, со сезонски варијации од есен до пролет. Со воведување на живата атенуирана вакцина, ова заболување е невообичаено за поголем дел од развиените земји.

Појавата на миниепидемии во ерата на вакцинацијата e резултат на лошата имунизација, правејќи го ова заболување причина за зголемување на морталитетот кај децата.

Морбили

Како се пренесува?

Луѓето се единствени носители на вирусот, па според тоа, малите сипаници се заболување кое се јавува само кај човекот. Станува збор за една од најконтагиозните инфекции со индекс на контагиозност речиси до 100%.

Вирусот се пренесува преку респираторни секрети, најчесто по изложување на аеросоли. Изворот е човек заболен од морбили во период 1 до 2 дена пред појавата на симптомите и најдоцна до 4-иот ден по појавата на осипот. Временскиот интервал од инфицирањето до појавата на симптомите е 10-14 дена.

Кои се симптомите и знаците?

Клиничката слика на ова заболување вклучува 3 стадиуми и тоа:

Прв стадиум (Продромален стадиум)

Првиот стадиум е во времетрање 3-4 дена, а со оглед на тоа што симптомите и знаците во оваа фаза се неспецифични, често може погрешно да нè насочат, па да помислиме дека станува збор за друго заболување како што е инфлуенца (грип).

Се манифестира со:

  • Висока температура до 40 ⁰С;
  • Зарипнатост;
  • Воспаление на грлото;
  • Сува, надразнителна кашлица;
  • Назален исцедок;
  • Koнјуктивитис (воспаление на очите пропратено со солзење и печење);
  • Копликови дамки.
Копликови дамкиКопликови дамки

Копликовите дамки се јавуваат непосредно пред почетокот на вториот стадиум. Тие се карактеристичен знак за морбили и не се поврзуваат со ниту едно друго инфективно заболување.

Копликовите дамки претставуваат мали, ситни, белузлаво-сивкасти дамки поставени на црвеникава основа (налик на зрнца од гриз) и типично се локализирани на образната слузокожа најчесто во височина на горните катници.

Во поретки случаи воспалението може да ја зафати целата образна слузокожа како и слузокожата на внатрешниот дел од усните.

Втор стадиум (Еруптивен стадиум)

Во вториот стадиум се јавува карактеристичен густ, светлоцрвен, макулопапулозен осип. Осипните единици се со големина од еден до неколку милиметри и често се слеваат меѓусебе. Ерупцијата на осипот e oд горе надолу „како налевање со вода под туш“.

Tипично започнува позади ушите, потоа на влакнестиот дел од главата, па го зафаќа лицето и вратот и продолжува надолу по трупот и екстремитетите сè до стапалата. По 3-4 дена од манифестацијата на осипот, осипните единици бледнеат по истиот редослед по кој се прошириле, а на нивно место се јавуваат хиперпигментирани дамки.

Макулопапулозен осип карактеристичен за морбилиМакулопапулозен осип карактеристичен за морбили

Со почетокот на вториот стадиум температурата прогресивно опаѓа.

!

ВНИМАНИЕ: Доколку температурата сè уште перзистира, тоа може да алудира на можни компликации.

Трет стадиум (Реконвалесцентен стадиум)

Во последната фаза се повлекуваат сите претходни симптоми и знаци. Хиперпигментираните дамки може да се задржат од 1 до 2 седмици. Тие постепено исчезнуваат со процес на десквамација (првутење на површинскиот дел на кожата).

Времетраењето на болеста е од 10 до 20 дена доколку не се појават компликации.

Компликации

Компликациите се јавуваат како резултат на директна последица од вирусната инфекција со Morbillivirus или на секундарна суперпонирана бактериска инфекција. Најчесто копликациите ги афектираат органите на респираторниот, гастроинтестиналниот и централниот нервен систем.

  • Отитис медија – воспалението на средното уво е најчеста компликација кај новороденчињата афектирани со морбили. Се јавува кај 1 случај на 10 заболени деца и може да резултира со перманентно губење на слухот.
  • Пневмонија – воспалението на белите дробови најчесто се должи на директно дејство на вирусот, а може да биде и резултат на бактериска суперинфекција (во најголем дел предизвикана од пнеумокок, стрептокок или стафилокок).
    Пневмонијата е најчестата причина за хоспитализација, но и за смртност кај децата заболени од морбили.
    Покрај пневмонијата, чести компликации кои го зафаќаат респираторниот тракт се и ларингит, круп и бронхит.
  • Гастроентеритис – ова е најчестата компликација од гастроинтестиналниот систем при инфекција со морбили. Се карактеризира со гадење, повраќање, абдоминална болка, чести проливести столици. Оваа состојба може да предизвика сериозна дехидратација на организмот, особено кај младата популација.
    Иако ретко, Morbillivirus-от може да предизвика и посериозни воспалителни процеси на разни органи од ГИТ системот како хепатитис, апендицитис, илеоколитис и мезентеричен аденитис.
  • Акутниот енцефалитис - воспалнието на централниот нервен систем се јавува во еден случај на 1.000 заболени. Причината за појава на оваа компликација е директното дејство на вирусот кој предизвикува демиелинизација на белата мозочна маса. Најчесто се јавува во втората, еруптивна фаза од болеста и се карактеризира со температура, главоболка, поспаност, кома или конвулзии. Околку 10% од заболените од оваа компликација завршуваат летално, а 20% од преживеаните имаат трајни последици (ментална ретардација, епилепсија).
  • Субакутен склерозантен паненцефалитис – станува збор за долготрајно, хронично, особено ретко и најчесто фатално воспалние на централниот нервен систем. И покрај тоа што пациентот навидум изгледа дека целосно закрепнал од болеста, оваа компликација се јавува 7 до 10 години по прележувањето на морбили.
    Според податоците на СЗО, околу 4-11 случаи на 100.000 заболени ќе настрадаат од субакутен склерозантен паненцефалитис. За жал, ризикот се зголемува доколку инфекцијата со морбили била прележана во рано детство, поточно до 2-годишна возраст.

Исклучително ретко вирусот може да ги афектира бубрезите или срцето, па да предизвика гломерулонефритис односно миокардитис.

Дијагноза

За поставување на дефинитивна дијагноза, покрај добрата анамнеза и клиничката слика, потребно е да се направат лабораториски испитувања и серолошки анализи. Типична е забрзаната седиментација на еритроцитите, како и дискретната леукопенија со предоминација на лимфоцитите во диференцијалната крвна слика.

Серолошките испитувања се корисни за дефинитивното поставување на дијагнозата. Се испитуваат примероци од серумот во период од 10 дена, и тоа од акутниот и реконвалесцентниот стадиум, користејќи eнзимска-имуно анализа. Доколку се потврди покачено ниво на специфични IgM антитела за морбили, дефинитивно се потврдува заболувањето.

Покачениот титар на специфичните IgG антитела ни укажува дека пациентот веќе имал прележано морбили.

Терапија

Третманот за морбили во најголем дел се состои од симптоматска терапија (антипиретик, зголемен внес на течности). Исто така, може да се дадат високи дози на витамин А, особено кај деца помали од 2 години кои имаат витамински дефицит и се потхранети. Истражувањата покажуваат дека витамин А има позитивен ефект во потешките комплицирани форми на морбили.

Во случај на суперинфекција на респираторните дишни патишта, потребно е да се даде антибиотска терапија, најчесто пеницилин или цефалоспорини од прва генерација.

Кај пациентите со невролошки компликации, се советува супортивна нега и опсервација.

Превенција

Eдинствен начин за превенција на морбили е преку вакцинација со жива ослабена вакцина против ова заболување. При контакт со заболен од морбили, кај одредени групи се препорачува аплицирање на имуноглобулин.

Вакцинација

Во Република Македонија се практикува задолжителна активна имунизација против морбили и тоа во две дози: давање на една доза комбинирана жива oслабена вакцина против морбили, заушки и црвенка - рубеола (MRP вакцина), како и една доза MRP вакцина со цел ревакцинација.

Ставот за давање на две дози се јавил во доцните 80-ти години, кога се дошло до заклучок дека првата доза може да не обезбеди доволен имунитет кај околу 15% од вакцинираните деца. По аплицирањето на втората доза, заштита се очекува кај 95%.

Имунитетот најчесто е доживотен, па ретко се случува слабеење по имунизацијата.

Морбили

На која возраст се прима вакцината за морбили?

Според препораките, првата доза од вакцинација за МRP се дава на:

  • Сите деца со полни 12 месеци, а најдоцна до навршени 15 месеци;
  • Сите деца по навршени 15 месеци до 14-годишна возраст, кои претходно не биле вакцинирани со MRP вакцина.

Ревакцинација, односно втората доза, се аплицира кај:

  • Сите деца на 6-годишна возраст, односно во прво одделение од основното образование, на почетокот на учебната година, а најдоцна до крајот на месец октомври;
  • Сите деца по 6-тата година од животот до 14-годишна возраст, ако дотогаш не биле ревакцинирани со MRP вакцина.

Децата кои од кои било причини не биле вакцинирани согласно важечкиот Календар за имунизација, потребно е да примаат две дози МRP вакцина на растојание од најмалку 30 дена, најдоцна до 14-годишна возраст.

Повозрасните лица подложни на зараза од морбили исто така треба да се вакцинираат. Во оваа група спаѓаат сите со исклучок на:

  • Лица кои имаат потврда за примени две дози вакцина MRP;
  • Лица кај кои претходно е потврдена дијагноза за прележани морбили и има лабораториски доказ за имунитет против морбили.

Контраиндикации

Вакцинацијата не се препорачува кај имунокомпромитирани лица како резултат на некое конгенитално заболување, ХИВ инфекција, леукемија или лимфом, сериозно малигно заболување, третман со високи дози на кортикостероиди, при имуносупресивна радиотерапија, кај бремени жени и лица со позитивна анамнеза за анафилактичка реакција на протеини на јајца, желатин или неомицин.

Нема цврсти докази дека лесно заболување без температура е контраиндикација за вакцинација. Но, доколку лицето има покачена температура и симптоми и знаци за сериозно заболување, се советува имунизацијата да се одложи.

Доколку лицето има претходно примено крвни продукти кои содржат антитела за морбили или бил аплициран имуноглобулин, потребно е да се одложи вакцинацијата минимум 3 месеци, а оптимално 6-11 месеци.

Компликации

Привремени комликации при аплицирање на MRP вакцината може да бидат:

  • Фебрилни конвулзии;
  • Само-ограничувачка тромбоцитопенија;
  • Алергиска реакција.

!

Направени се голем број на студии од реномирани здравствени центри, вклучувајќи ја и Американската академија за педијатрија и не е добиен ниту еден валиден доказ за поврзаност на MRP вакцината и последователното развивање на аутизмот.

Превенција при контакт со заболен од морбили

По контактот со лице заразено со морбили, исклучително е тешко да се обезбеди заштита.

Аплицирањето на имуноглобулин обезбедува профилакса после експозиција. Не постои специфичен имуноглобулин за морбили, па пасивната имунизација се спроведува со стандарден имуноглобулин. Се аплицира што е можно порано по изложувањето, бидејќи така заштитата е поефикасна. Се смета дека доколку е даден до петтиот ден од експозицијата, може да ја превенира болеста, а после шестиот, ја ублажува истата.

Примената на имуноглобулинот се советува кај лица кои имаат висок ризик за развој на тешки или фатални морбили, особено за лица кои се имунокомпромитирани, како и деца помали од 1 година.

!

ВНИМАНИЕ: Вакцинацијата и имуноглобулинот не треба да се даваат истовремено.

Eдинствен начин за превенција на морбили е преку вакцинација. Затоа, следете ги препораките на докторите и вакцинирајте го вашето дете.

Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

Анкета

Анкета
Каде ќе одите/бевте на одмор ова лето?
  • 25%
  • 6%
  • 5%
  • 6%
  • 3%
  • 3%
  • 11%
  • 13%
  • 27%
Се испраќа...

(Вкупно: 5602 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?