Почетна » Здравје » Заболувања » Пневмонија – воспаление на белите дробови

Пневмонија – воспаление на белите дробови

Белите дробови се „сунѓерести” органи исполнети со воздух, чија најважна функција е размена на гасовите, односно дистрибуција на кислородот од атмосферата до крвотокот и ослободување на јаглеродниот диоксид од крвта во атмосферата. Главна улога во процесот на размена на гасовите играат алвеолите - мали структури во форма на меурчиња кои кај здрава индивидуа се исполнети со воздух. Во случај на воспаление на белите дробови, алвеолите се исполнуваат со гној и течност поради што се компромитира процесот на размена на гасовите.

Пневмонијата претставува воспаление на белите дробови, здравствена состојба која индицира итен третман бидејќи може да има фатална последници особено кај помладата популација. Имено, пневмонијата е водечка причина за смртност кај деца до 5-годишна возраст.

Пневмонија

Причини и ризик фактори

Во човековиот организам постојат низа одбранбени мeханизми (кивање, кашлање, специјална клеточна градба на респираторниот систем, имунолошкиот систем) со кои се заштитува од инфективните честички и спречува појава на пневмонија. Во моментот кога патолошките микроорганизми ќе ги надвладеат одбранбените механизми, се јавува инфекција.

Пневмонијата може да биде предизвикана од разни микроорганизми како бактерии, вируси, рикеции, микоплазми, паразити, фунги и сл. Најчесто станува збор за: Streptococcus pneumoniae, Haemophilus influenzae, Mycoplasma pneumoniae, Legionella pneumophyla, Chlamydia pneumoniae, Influenza вирус, CMV (цитомегаловирус) итн.

Пневмонија може да се јави кај кoja било индивидуа, но постојат одредени категории на лица кои се поранливи како:

  • Лица кои имаат некое хронично заболување (астма, ХОББ, дијабетес, кардиоваскуларни болести итн.);
  • Лица кои се над 65 години;
  • Деца до 2-годишна возраст;
  • Пушачи;
  • Лица кои поради професијата често се изложени на хемикалии, прашина, токсични гасови и сл.;
  • Лица со намален имунитет (лица заразени од ХИВ);
  • Лица кои се хоспитализирани, особено на интензивна нега.

Како се пренесува?

Навлегување на патогените микроорганизми во белите дробови може да биде преку:

  1. Внесување на микроорганизми од орофаринксот. Аспирацијата на пулмонални патогени микроорганизми е најчест механизам за настанување на пневмонија.
  2. Вдишување на инфективни аеросоли. Тоа се честички кои се помали од 3-5 микрони кои содржат микроби. Овие инфективни аеросоли се многу мали, па затоа може да навлезат длабоко во дишните патишта и да предизвикаат инфекција. Може да биде доволна и само една инфективна честитка за да се предизвика воспаление.
  3. Пренос на инфекцијата преку крвта. Расејување на патогените микроорганизми во белите дробови преку крвта најчесто се случува кај зависници од дрога, пациенти со венски катетери, заболени од ендокардитис итн.
  4. Стекнување на инфекција од убодни рани во бели дробови или при одредени медицински интервенции. Медицинските интервенции како трахеална интубација и трауматски повреди на белите дробови може да бидат причина за развој на пневмонија.
  5. Ширење на инфекцијата од околни ткива. Доколку е присутно воспалително жариште на органи и органски структури анатомски блиски до белите дробови, може да настане директен пренос на инфекцијата и да се развие пневмонија.

Симптоми и знаци

Во зависност од симптомите и знаците, разликуваме два клинички синдроми на пневмонија: типична и атипична, иако најновите истражувања покажуваат дека не може да се постави остра граница меѓу двете клинички форми.

Пневмонија

Типична пнеумонија

Кај овој тип пнеумонија симптомите се јавуваат ненадејно, за краток временски период. Клиничката слика најчесто вклучува:

  • Треска;
  • Покачена телесна темпратура;
  • Болка во градите која се потенцира при кашлање;
  • Продуктивна кашлица со беличест, жолтеникав или зеленкаст искашлок;
  • Замор и малаксаност;
  • Чувство за недостиг на воздух.

Атипична пневмонија

За разлика од претходната, клиничката слика кај атипичнатa пневмонија се развива постепено. Карактеристични се следните симптоми и знаци:

  • Кашлица најчесто без или со мало количество на искашлок;
  • Главоболка;
  • Субфебрилна телесна температура или лесно покачена;
  • Замор и малаксаност;
  • Воспалено грло;
  • Гадење и повраќање;
  • Болка во мускулите.

Дијагноза

Со цел дијагностицирање на пневмонија, докторот зема детална анамнеза и прави комплетен физикален преглед. Најчесто потребни се и дополнителни испитувања како:

  • РТГ на бели дробови – Со помош на РТГ на белите дробови се овозможува потврдување на присуството на инфекцијата и локализирање на воспалителниот процес. Дополнително, доколку е веќе дадена терапија, со оваа дијагностичка постапка може да се следи дали има тераписки одговор.
  • Испитување на спутум – Секретот од долните дишни патишта добиен со јако искашлување, се испраќа на микробиолошко испитување со цел детекција на причинителот на пневмонијата. За жал, спутумот е често контаминиран од потенцијално патогени бактерии кои ги колонизираат горните дишни патишта, поради што се намалува дијагностичката специфичност.
  • Трансторакална белодробна пункција – Со помош на тенка игла се зема примерок од регијата на белодробниот воспалителен процес за понатамошно иследување.
  • Бронхоскопија – Со помош на фибероскоп се овозможува директна визуелизација на дишните патишта и добивање на секрет од долните дишни патишта кај тешко болни.
  • Хемокултура – Се зема примерок венска крв за микробиолошко испитување. Позитивните хемокултури служат како дијагностички вредни во разјаснување на причинителот на пневмонијата.
  • Серолошки испитувања – Титарот на IgM и IgG антителата може да помогне во поставување на дијагнозата.

Лекување и превенција

Антимикробната терапија треба да се започне веднаш, бидејќи станува збор за сериозно заболување. Ако е потврдено кој причинител ја предизвикал инфекцијата, се дава специфична терапија. Тоа значи дека доколку станува збор за бактериска пневмонија предизвикана од Streptococcus pneumoniae, докторот препишува антибиотска терапија ( Co – amoxiclav, trimethoprim-sulfamethoxazole, Erythromycin, Cefuroxime, Doxycycline, Ciprofloxacin итн.) на која конкретната бактерија е сензитивна.

По потреба, може да се земе антипиретик со цел намалување на температурата и лекови за смирување на кашлицата.

Доколку имате воспалено грло и интензивна кашлица, може во домашни услови да пробате некој од природните лекови.

Пневмонија

Покрај придржување до советите од вашиот лекар и редовно примање на препишaната терапија, со цел побрзо да ја победите пневмонијата, консумирајте повеќе течности и добро одморете се.

!

ВНИМАНИЕ: Доколку имате дел од горенаведените симптоми, не земајте лекови на своја рака. Јавете се кај Вашиот лекар.

Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 8879 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.