„Ах Владе.. многу брзо замина, без збогување“: Елена Ристеска со зборови полни со емоции за Владо Јаневски
Македонската јавност и музичката сцена се во неверување по смртта на легендарниот Владо Јаневски. Неговите безвременски хитови и генијални текстови засекогаш ќе останат врежани во многу срца, но празнината која ја остава зад себе е ненадоместлива, особено за оние кои имаа чест да го познаваат лично.
Меѓу бројните колеги и пријатели кои со нескриена тага се простуваат од него е и Елена Ристеска. Познатата пејачка сподели емотивна порака придружена со нивни заеднички стари фотографии.
Низ спомените за нивните разговори за уметноста, неговиот специфичен хумор и меѓусебната почит, Елена се прости од својот драг колега:
🖤🙏🏽💔Ќе ми недостигаш Владе, ќе ми недостигаат нашите разговори за книги и автори, за музика, за животот, за нашата професија, нашите дружби…
Ќе ми недостигаш таков терсене каков што беше и баш заради тоа уникатен.
Ќе ми недостига хуморот кој ретко го прикажуваше пред други.
Иако се видовме на кафе пред неколку месеци, пак останавме недоречени, ама договорени да се доискажеме на следна средба која очигледно нема никогаш да се случи. :(((
Фала ти за сѐ, за секој совет, за секој збор и мудрост, за секоја средба, за секоја книга споделена, за секоја песна…
И која песна да ја ставам сега кога секој текст ти е генијален и совршен… Можеби Булки е правата за овој момент.
За жал многу музичари се собравте на таа страна, а многу болка оставивте на оваа…
Ах Владе.. многу брзо замина, без збогување.П.С.Никогаш не ти споделив дека како дете “Корпичка” ми беше омилена песна. :)