Почетна » Семејство » Бебе » Зошто вашето бебе одеднаш одбива да цица и што да преземете?

Зошто вашето бебе одеднаш одбива да цица и што да преземете?

Конечно влеговте во ритам со доењето, ги оставивте зад себе отечените гради и испуканите брадавици, и сè течеше добро неколку месеци, кога одненадеж вашето бебе започна да одбива да цица. Во ваква ситуација новите мајки често чувствуваат вина и фрустрации, проследени со прашања од типот „Што направив погрешно?“, „Дали бебето е болно?“, „Дали ќе прекине со доење?“, „Дали нешто не е во ред со моето млеко?“... Но, најверојатно не станува збор за ништо од тоа.

Во периодот кога бебето одбива да цица, многу мајки, особено оние чие бебе е постаро од 6 месеци, започнуваат да размислуваат за прекинување на доењето, што е голема грешка. Наглото одбивање на бебето да цица најчесто е само моментална состојба, нарекувана и „штрајк“. Ова е период кој трае кратко, најчесто неколку дена, и е начин на кој бебето сака да покаже дека нешто не е во ред.

Мајка и бебе

„Моето бебе одбива да цица. Дали се работи за прекин на доење?“

Најверојатно не. Бебе кое е навистина подготвено да прекине со доење речиси никогаш не го прави тоа одеднаш, туку постепено, во период од неколку седмици или месеци и не е несреќно поради тоа. Најчесто тоа се случува откако детето ќе наполни една година. Од друга страна, бебе кое му „објавува штрајк на доењето“ го прави тоа наеднаш и речиси во сите случаи е несреќно поради тоа, па на родителите им е тешко да го смират.

Оваа состојба на одбивање на доењето најчесто се појавува кај бебиња на возраст помеѓу 3 и 8 месеци и трае неколку дена (околу 2 до 5 дена), а во ретки случаи повеќе од една седмица. Иако овој период е фрустрирачки за сите членови во семејството, сепак тој бара најголема трпеливост и посветеност од страна на мајката доколку таа сака да продолжи да го дои своето дете.

Причини поради кои може бебето да одбива да цица

Можните причини за одбивање на бебето да цица се многубројни. Најчесто тоа е негова привремена реакција на надворешен фактор. Во некои случаи причината за „штрајкување“ останува неоткриена.

Вашето бебе можно е да одбива да цица поради:

  • Болка предизвикана од никнувањето на запчиња, инфекција на увото или усната празнина (кандидијаза или соор). Болката се појавува кога бебето се обидува да цица, што го прави доењето непријатно искуство.
  • Болка при доење во одредена положба предизвикана од повреда или имунизација.
  • Настинка или затнат нос. Отежнатото дишење го оневозможува цицањето кај бебето.
  • Намалена количина на млеко или бавен проток на млекото низ каналите. Количината на млеко може да се намали поради различни причини како внесување адаптирано млеко во исхраната на бебето и давање на цуцли-лажалки. Причина за намаленото млеко може да биде и бременост.
  • Неодамнешно патување, преселба, враќање на мајката на работа, промена на работното време или подолго разделување од едниот или од двата родители. Секој настан што предизвикал поголемо нарушување во распоредот на доење може да биде причина за одбивање на доењето од страна на бебето.
  • Стрес доживеан за време на претходен подој. Дали некогаш бурно сте изреагирале кога вашето бебе ве гризнало за брадавицата? Дали сте се скарале со партнерот за време на подој? Дали можеби поголемо братче или сестриче ненамерно го исплашило вашето малечко додека цицало?
  • Промена во козметичките производи кои ги користите или во начинот на кој се храните. Новиот сапун, парфем или дезодоранс може да го промени природниот мирис на вашето тело и да го „убие“ интересот за доење кај вашето бебе. Исто така, зачинетата храна, зголемениот внос на кофеин, новите лекарства, па и хормоналните промени (на пример за време на бременост или менструација) можат да го променат вкусот на мајчиното млеко и да го намалат интересот на бебето за него.

Што да преземете кога бебето одбива да цица?

Одбивањето на доење може да биде непријатна ситуација како за вашето бебе, така и за вас. Можно е да се чувствувате отфрлени и фрустрирани, но мора да имате на ум дека тоа е само привремена состојба, а за да остане таква, мора да покажете упорност и трпеливост.

Еве некои совети кои ќе ви помогнат да го надминете побрзо овој проблем и да ја одржите лактацијата, со цел повторно да го вратите вашето малечко на градата откако штрајкот ќе заврши:

  • Обидете се да доите додека бебето е во полусон. Многу бебиња кои додека се будни одбиваат да цицаат, ја прифаќаат градата кога се поспани или пак многу уморни.
  • Обидете се да ја промените положбата на доење или пак дојте го додека се движите и го лулате.
  • Дојте го во тивка и затемнета просторија. Потрудете се да ги сведете на минимум нештата кои можат да му го одвлечат вниманието на вашето бебе.
  • Или пак, направете го сосема спротивното. Ако претходниот совет не помага за вашето бебе, свртете го со лицето кон она што му е интересно.
  • Избегнувајте ја козметиката која го менува начинот на кој мирисате.
  • Користете компресии за да го стимулирате протокот на млеко низ каналите пред да му ја понудите дојката на вашето бебе, со цел тоа веднаш да ја добие својата храна.
  • Измолзувајте се исто толку пати колку што го доевте вашето бебе додека нормално цицаше. Целта е да ја одржите лактацијата, да го избегнете отекувањето на градите и затнувањето на млечните канали и да му обезбедите на бебето мајчино млеко. Давајте му го млекото преку чаша, капалка за очи, шприц или лажичка. Избегнувајте ги шишињата, тие можат да предизвикаат збунетост кај бебето и да ја влошат состојбата, па тоа да не сака да се врати на цицање од дојка.
  • Не го потценувајте контактот кожа на кожа. Кога сте во можност, дојте го бебето без блуза за да ја чувствува вашата блискост. Допирот на неговата кожа на вашата може да му го обнови интересот кон доењето.
  • Во никој случај не се насочувајте кон адаптираните млека. Тоа ќе го намали количеството на млеко во вашите гради.
  • Ако веќе воведовте цврста храна во неговата исхрана, намалете го количеството кое му го давате. Можеби вашето бебе јаде премногу цврста храна, па тоа му го намалува апетитот за млеко.
  • Посоветувајте се со медицинско лице за да се уверите дека не станува збор за здравствен проблем.

Како да препознаете дали бебето добива доволно млеко?

За да откриете дали количеството млеко кое стигнува до вашето бебе е доволно за тоа нормално да напредува, набљудувајте ги неговите пелени. Бебе кое добива доволно течности треба да има најмалку 5-6 мокри пелени за еднократна употреба или 6-8 памучни пелени дневно.

Ако одбивањето на доењето трае повеќе од една седмица и/или бројот на мокри пелени кај вашето бебе се намали, консултирајте се со матичниот доктор на вашето бебе или со друго медицинско лице.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11085 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.