Кристијан Бејл има суперхеројска мисија во реалноста.
50-годишниот актер, кој ја имаше улогата на Брус Вејн во „Бетмен“, планира да создаде заедница со 12 згрижувачки домови за деца без родители или родителска грижа. Целта на холивудската ѕвезда е да ги држи заедно браќата и сестрите кои влегуваат во системот на згрижување и кои најчесто се разделувани во различни згрижувачки семејства.


Тој вели дека родителството му ги отворило очите. Идејата ја добил по раѓањето на неговата ќерка во 2005 година и веќе 16 години работи на нејзина реализација.
„Се обидував да замислам што би се случило ако ние не сме наоколу. Се запрепастив и налутив кога дознав дека кај нас има повеќе деца за згрижување од каде било во државата. Се обвинував себеси што не го знаев тоа порано, но си помислив: ‘Тоа е тоа. Ајде да се фокусираме на ова’. Со сопругата одлучивме да направиме сè што е во наша моќ за да го промениме тоа“ – рекол тој.


Домовите ќе бидат изградени на површина од 650 метри квадратни, а за нив Кристијан ќе плати 22 милиони долари. Целта е заедницата да биде завршена во 2025 година.
Бејл вели дека ова е „нешто апсолутно ново и потребно“.
„Замислете си ја апсолутната болка и траума од губењето на родителите или од разделувањето со родителите. А потоа замислете си да бидете разделени и со братот или сестрата. Не треба така да се однесуваме кон децата. Се надеваме дека ова селце ќе биде првото од многуте и се надевам дека луѓето ќе ни се придружат во отворањето на нашите очи за она што се случува под нашите носови. Ова се наши деца и мораме да им помогнеме на нашите деца“ – рекол тој.
