Селин Дион ги изненади присутните на Греми кога се појави на сцената за да ја додели финалната награда.
Ова беше прва голема свеченост за 55-годишната музичка ѕвезда по дијагнозата со реткиот синдром на вкочанета личност (Stiff Person Syndrome) кој ги претвора луѓето во живи статуи.
„Кога велам дека сум среќна што сум тука, навистина го мислам тоа од срце“ – рече Дион, која носеше креации од Валентино.


Дион беше дочекана во салата со громогласен аплауз. На сцената нејзе ја придружуваше синот Рене-Чарлс.




„Оние кои се доволно благословени да бидат тука на Греми наградите не треба никогаш да ги земаат здраво за готово љубовта и радоста кои музиката ги носи во нашите животи и во животите на луѓето ширум светот“ – рече Селин во својот говор.
Таа ја додели наградата за најдобар албум, која и оваа година ѝ припадна на Тејлор Свифт.





Celine Dion makes a surprise appearance to present Album of the Year at the 2024 #Grammys pic.twitter.com/oNT4zmBTyk
— The Hollywood Reporter (@THR) February 5, 2024
Селин за првпат со јавноста ја сподели својата дијагноза во декември 2022 година, по што ги откажа сите концерти од својата турнеја. Оттогаш, таа е повлечена од сите јавни случувања.
Синдромот на вкочанета личност е неизлечива невролошка болест која ги напаѓа мускулите со карактеристики на автоимуно заболување. Симптомите вклучуваат мускулни грчеви, неможност за наведнување, болка и хронична анксиозност. Мускулните грчеви можат да бидат толку силни што да доведат до изместување на зглобови и дури и кршење на коските. Пациентите може да завршат во количка или да бидат неподвижни, често не можат да работат и да се грижат за себе.
Нема лек за овој синдром, но постојат третмани кои помагаат за ублажување на симптомите.
