Губењето на косата како последица на рак е мошне трауматично искуство. За да им помогне на најмалите кои ја видат најтешката битка, британската организација „Little Princess Trust“ започна прекрасна иницијатива за донирање на коса.
Кампањата насловена „Chop To Your Chin“ наиде на позитивен прием од страна на многу жени и девојки кои несебично донираа природна коса за да може да се направат перики за деца болни од рак.
Во склоп на кампањата се појави и хаштагот #choptoyourchin, со кој многу жени, девојки и деца ги споделија на Instagram своите трансформации. Само во текот на септември беа направени 170 перики. Сите оние кои ја донираа својата коса за изработка на перики добија и сертификати во знак на благодарност.
И британските модели Лили Кол, Амбер Ле Бон и Меди Вотерхаус ја истрижаа и донираа својата коса. Моделите го направија овој гест со цел да ги поттикнат другите луѓе да го следат нивниот пример.



„Little Princess Trust“ е добротворна организација која им помага на деца болни од рак, создадена по иницијатива на Венди и Сајмон Тарли, кои ја изгубиле ќеркичката Хана поради рак пред седум години.
Оќелавувањето било многу мачен процес за малата Хана, а на родителите им било многу тешко да пронајдат убава перика која не би се разликувала многу од природната детска коса. Поради тоа, Венди и Сајмон одлучиле да се посветат на собирањето природна коса за изработка на перики, како знак на помош и поддршка на болните деца. Досега имаат изработено и донирано повеќе од 5.000 перики.
Погледнете некои од трансформациите на оние кои воопшто не се каат што се простиле од долгата коса и ѝ дале подобра намена:
















И македонската стилистка Љупка Арсовска порача дека донирањето на косата за изработка на перики треба да се земе предвид. На својот профил на Facebook, Љупка сподели фотографии од нејзината пријателка Мариса која прва одговорила на повикот и ја донирала својата коса.