Замислете ноќевање во снежната хармонија на далечните северни краишта, завиткани со топли прекривки во мек кревет, а додека уживате во зимската тишина и полека тонете во сон, над вас се простира најпрекрасниот поглед на светот. Арктичкиот ресорт Какслаутанен во Финска ви овозможува незаборавно доживување: ноќ под еден од најубавите феномени на природата, поларната светлина позната како аурора бореалис.



Сезоната за време на која можат да се видат магичните северни светла трае од август до април. Тие се појавуваат и исчезнуваат сосем неочекувано веднаш по зајдисонце и траат во текот на целата ноќ, сѐ до раната зора. Ресортот нуди 65 традиционални северни игло-куќички изработени од стакло низ кое посетителите можат да ги набљудуваат северните светла додека лежат во топлите кревети. Некои од нив се комбинација од класично игло и дрвена колиба.








За идиличниот одмор и уживањето да бидат уште поголеми, интернетот е достапен само во лобито на рецепција, но не и во одделните сместувања. Наместо тоа, ресортот нуди вариетет од дневни активности, како на пример лизгање со санки влечени од хаски, возење со моторни санки, прошетки и средби со ирваси, риболов во замрзнатата река, посета на еден од најголемите национални паркови во Финска, скијање, сноубординг... А вистинската забава доаѓа по зајдисонце, кога започнува волшебната игра на поларната светлина.







Финскиот ресорт официјално започнал со работа во 1999 година, а оттогаш досега се доизградил до перфекција која не останала незабележана од оние кои можат да си го дозволат ова уживање. Резервацијата на сместување за двајца чини 435 евра, а цената се зголемува во зависност од тоа дали сместувањето нуди и приватна сауна, раскошна бања и идиличен камин.





