Непоканет гостин изненади брачен пар во Бразил и набрзо по првата средба, стана дел од новото семејство. Бездомно куче упадна на свадбата на Марилија и Матеус и го освои срцето на невестата, а реакцијата на парот го одушеви светот.


Свадбениот ден на Марилија и Матеус не започнал според планираното. Најпрво, неочекуваната бура ги расипала нивните планови свадбената церемонија да биде одржана на отворено и младите морале да се венчаат во шатор. Штом младенците и гостите преминале во шаторот, однадвор втрчало улично куче исплашено од силниот дожд.

Луѓето се обиделе да го избркаат за да не ја прекине церемонијата, но само што започнал свадбениот марш и Марилија тргнала кон олтарот, непоканетиот гостин повторно се вратил во шаторот.

Наврнатото куче било уште еднаш избркано надвор, но кога младенците ги кажувале своите завети, скитникот се вратил по третпат и легнал врз долгиот вел на невестата. Иако шепите му биле калливи, а крзното влажно, Марилија решила да го прифати новодојдениот гостин. „Кучето влезе, легна и заспа на мојот вел. Тоа беше пријатно изненадување за мене бидејќи многу ги сакам животните“ – вели Марилија.



Кучето било набрзо прифатено од сите гости и го добило името Снуп. Наскоро, ветрот и дождот прекинале, но на Снуп му било дозволено да остане. Сепак, во текот на вечерта, тој исчезнал. Откако свадбата завршила, Марилија и Матеус ја донеле првата заедничка одлука како сопружници и решиле да го пронајдат Снуп.


„Решивме да го посвоиме бидејќи тој беше улично куче. Ни требаше долго време за да го пронајдеме, но вчера ни се јавија и ни кажаа каде бил виден. Си дојдовме дома и јас го искапив. Си играше многу, јадеше, пиеше вода. Беше многу среќен и спиеше добро првата ноќ. Сите сме многу среќни“ – раскажала Марилија.




