Три слатки дечиња кои се соочуваат со пречки во развојот имале иста желба - да станат полицајци. Па, кога добродушна фотографка барем на еден ден им го остварила големиот сон преку фотосесија, нивните лица блескале од среќа.

Фотографката Кери Луис се обратила за помош во локална полициска станица и барањето веднаш ѝ било прифатено. Неколку полицајци зеле учество во нејзиниот ангажман и за потребите на фотосесијата донеле четири полициски возила и го запреле сообраќајот во една улица.

Инспирацијата на Луис да фотографира дечиња со посебни потреби доаѓа од нејзиното сопствено синче кое боледува од невролошко нарушување што сѐ уште не е дијагностицирано. Во текот на нејзината фотографска кариера повеќе пати имала чуено од родители на деца со посебни потреби дека има фотографи кои одбиваат да ги фотографираат ваквите дечиња. Поради тоа, таа испратила јавен повик по повод Ноќта на вештерките за фотосесија на деца со посебни потреби маскирани во нивните костими. Наскоро била исконтактирана од родителите на Зејн, Овен и Елиот и таа веднаш прифатила да соработува.

13-годиншниот Зејн има Даунов синдром, 11-годишниот Овен - Ангелманов синдром, а 7-годишниот Елиот страда од неколку нарушувања, меѓу кои и церебрална парализа. Кога родителите ги донеле на местото каде што биле пречекани од полицајците и фотографката, децата биле пресреќни. „Тие се насмевнуваа. Едно од дечињата не можеше ниту да погледне во мене. Гледаше во светлата и во полицајците и неговото лице светеше“ – раскажува Луис.


„Им беше дозволено да седат на предните седишта во автомобилите, да ги облечат полицајските јакни и да се фотографираат со полицајците. Нивните лица светеа и беше прекрасно да се гледа како соништа оживуваат пред твоите очи. Се надевам дека фотографите ќе бидат поотворени во однос на фотографирање деца со посебни потреби и дека нема веќе да се плашат од нив“ – напишала Луис во своја објава на Facebook.


Хуманата фотографка им била неизмерно благодарна и на полицајците кои несебично ѝ излегле во пресрет за реализација на овој проект и активно се вклучиле во него. „Сакав на овие полицајци да им се даде признание за тоа што го направија за децата. За овие деца тоа значеше сѐ. Не е тешко да се направи разлика, само обидете се“ – вели таа.



Според Луис, чувството дека толку ги усреќила дечињата било бесценето и затоа одлучила да продолжи со слични проекти и во иднина. „Дури и кога не можат со зборови да искажат како се чувствуваат, за мене е доволно да го видам тоа на нивните лица. Би сакала да продолжам да работам со деца и да им го давам на луѓето она за кое сонуваат“ - вели таа и уште еднаш им порачува на другите фотографи да се обидат да го следат нејзиниот пример.
