Почетна » Новости » Занимливости » „Пораснав со лута мајка. Ја сакам до небото и назад, но не сакам да бидам таква мајка“

„Пораснав со лута мајка. Ја сакам до небото и назад, но не сакам да бидам таква мајка“

Често им викате на децата? Дозволувате лутината да надвладее кога тие ќе направат неред, беља или хаос?

Текст од соседството ќе ве натера да се запрашате дали сакате да имате таков однос со вашите деца.

мајка

Да. Јас сум едно од милионите деца кое пораснало со лута мајка. Од викање по мене затоа што сум се натурила со млеко за време на појадокот, до удирање по газот затоа што „дрско одговарам“ и повлекување на раката толку силно што ми правеше модринки.

Не можам да речам дека беше насилник. Беше само лута мајка. Лута на ситуацијата во којашто се најде. По цел ден беше на работа, дома ја чекаа обврски, деца кои ноќе се будат, а помош одникаде.

Лута на она во што ѝ се претвори животот.

А ме болеше. Ми беше тешко. И затоа, поради сето тоа, голем дел од моето детство и тинејџерските години ми беа обоени со негативност, слаба самопочит или едноставно со бес кој го излевав надвор од дома.

Затоа што дома не смеев.

А денес? Верувале или не, денес ја разбирам. Ја разбирам 100%, бидејќи и самата јас имам деца. Деца кои не спијат, деца кои не јадат, деца кои не слушаат баш тогаш кога ми е потребно да ме послушаат на прво. И затоа што сум осамена во најголемиот дел од денот. И затоа што, сега ќе ме осудите, но затоа што мајчинството е ТЕШКО. Тешко е да останеш ведар, радосен, позитивен, полн со разбирање за децата, кои тоа, ако треба да бидеме искрени, го заслужуваат.

Кога еднаш ќе се започне, многу е тешко да се запре. Многу е полесно да се препуштите, да дозволите напливот на гнев да се излее од вас. Веќе имам доживеано повеќепати таа лутина во мене да го најде својот пат и да исплива на површина и да се одрази на моите деца.

Но, не дозволувам повеќе. Не ветувам дека ќе успеам секојпат, но ветувам дека ќе ја искористам целата моја ментална сила за да успеам. Затоа што и јас некогаш бев дете. Го живеев тоа. Не сакам да го живеат моите деца. Ниту едно дете на светот не го заслужува тоа.

И да. Мајка ми беше добра мајка. Ни спремаше здрави оброци, нè носеше на тренинг и во паркот речиси секој ден. Знаеше што сакаме и се трудеше да ни го овозможи. Ни читаше приказни, ги канеше нашите другарчиња на гости и навистина добро се грижеше за нас. Од детството носам и прекрасни спомени од нас двете како се смееме заедно, како пиеме топло чоколадо, како сложуваме сложувалки, како играме карти. Чувствував дека сум сакана, искрено и длабоко.

Но, во најголемиот дел од времето беше лута и дозволуваше таа лутина да ја обземе. Не се бореше против тоа.

Не ја обвинувам. Ѝ опростувам. Ја сакам без разлика на сè до небото и назад. Но, не сакам да бидам како неа.

Лесно е да се дозволи таа лутина да ве обземе. Во тие моменти, кога викате, чувствувате и некакво олеснување. Но, тоа значи само едно мајки. Дека ни е потребна помош. Не можеме тој бес да го држиме во себе, бидејќи и тоа не е решение. Се собира и порано или подоцна се излева, а семејството страда. Мораме да побараме помош. Од мајките, од сопрузите, од другарите, од стручните лица.

Немојте да живеете во тој бес. Немојте да дозволите вашите деца да го живеат тоа.

Вашето дете ја заслужува најдобрата верзија од Мама.

Направете сè што е потребно за тоа да го добие, вреди. Ако е потребно да остане 1-2 часа подолго во градинка, вреди. Ако е потребно да одите некаде на 2-3 дена без деца, вреди. Ако е потребно еден час во денот да правите муабет со пријателите или да гледате серија која ве опушта, ВРЕДИ.

Точно е дека немаме сите баба-сервис или можност едноставно да исчезнеме цел викенд, но можеме да пронајдеме мали нешта кои ќе ни го подобрат денот.

Јас пораснав со лута мајка и одбивам моите деца да пораснат така. Не дозволувајте ниту вие.

Александра Цвјетиќ (Зелена училница)

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11588 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.