Кога австралискиот модел Џорџија Гибс објави фотографија со својата најдобра другарка Кејт Весли на Instagram, таа не ни помислила дека фотографијата ќе го обиколи светот. Зошто фотографијата стана хит? Затоа што двете пријателки имаат видливо различни фигури, односно Кејт носи 5 броја поголема облека од Џорџија.
Многу корисници на Instagram ја обвинија Џорџија дека употребила Photoshop за да го „ослаби“ уште повеќе своето тело и да покаже дека изгледа значително подобро од Кејт. Кога моделите виделе дека коментарите не престануваат, решиле нешто да преземат за да докажат дека и двете се чувствуваат добро во своите тела и немаат потреба од Photoshop.
Така дошле до идејата да направат нов, заеднички профил на Instagram кој за кратко време доби 224.000 следбеници. Овој профил, двете другарки го користат за да ја промовираат идејата дека секое тело е убаво на свој начин и дека убавината доаѓа во различни форми. Нивната позитивна кампања е веќе широко прифатена и многу жени со различна телесна тежина и различни фигури започнаа да испраќаат свои фотографии со цел да ги поттикнат и останатите да ја подобрат перцепцијата за себе.
„’Си се фотошопирала себеси послаба или другарка ти поголема, каква пријателка си ти?’ - беше еден од коментарите. Тоа ми го скрши срцето бидејќи Кејт и јас сме најдобри другарки. Зошто би го направила тоа? Фактот што едноставна слика од две личности заедно стана вирална, чисто поради нивните тела, ме шокира… Сѐ што јас гледам е две жени... Не една слаба и една со облини. Престанете меѓусебно да ги споредувате луѓето и прифатете дека секоја личност е убава на свој начин“ – пишува Џорџија во описот на фотографијата која ги поттикна да ја започнат позитивната кампања и да се борат против стереотипите за убавина.
Џорџија и Кејт продолжуваат гордо да се фотографираат една покрај друга. Тие се појавија на насловната страница на списанието Women’s Health & Fitness Австралија, а нивниот заеднички успех неодамна резултира со договор со Sports Illustrated, за чиј едиторијал моделите ќе позираат заедно. На официјалниот профил на списанието веќе се објавени промотивните фотографии.