Иако правото на заштита на личните податоци е уставна категорија и основно човеково право, практиката покажува дека најголем број на повреди на ова право се резултат на недоволно развиена свест и непознавање на основните начела за заштита на личните податоци
Генерациите родени и пораснати со електронски уреди суверено владеат со интернет просторот и супериорно ги користат новите технологии. Сепак многумина од нив забораваат дека во светот на интернетот и мобилната телефонија, треба да ги почитуваме истите правила како и во секојдневниот живот или со други зборови, воспоставените правила во реалниот свет, мора да се применуваат и во дигиталниот свет.
Во таа насока, сите мерки што ги превземаме за заштита од малициозни активности кон нас, треба да ги применуваме и во дигиталниот свет; висока информираност и свест за опасностите што нè демнат, како и одговорни, одмерени и внимателни постапки што ќе го намалат ризикот од потенцијални злоупотреби на нашите податоци и ширење на овој вид на криминал.

За жал, не само локално туку и глобално, податоците врзани за сајбер-криминалот се комплетно поразителни. Само во третиот квартал од 2016 година биле пресретнати 18 милиони малициозни пораки, односно 200.000 малициозни пораки дневно откриени само од една компанија. Malware продолжува да расте и да се развива и ги заобиколува сите антивирусни и други нивоа на заштита, што им отежнува на ИТ тимовите да бидат во чекор со промените кои што се случуваат постојано.
Дека расте бројот на сајбер криминалот потврдуваат и податоците кои што ги пласира FBI. Имено, повеќе од 4.000 напади се детектирани во еден ден, што е покачување од 300% во однос на 2015 година, кога се детектирале по 1.000 спамови дневно. Нападите се зголемуваат од еднаш на секои 2 минути до еднаш на секои 40 секунди според Kaspersky.
Во третиот квартал од 2016 година, количината на „фишинг мејлови“ пораснала на 97.25%, за разлика од првиот квартал кога изнесувала 92% од вкупниот интернет сообраќај.
Овие бројки, несомнено говорат дека корисниците на паметни телефони постојано се мета на сајбер криминалот. Според последните истражувања 78% од корисниците на паметни телефони се свесни за ризиците од сомнителни содржини, е-маилови, линкови, фотографии и други фајлови на кои наидуваат. Но за жал, дури 45% од нив сепак кликнуваат на тие содржини.

Веројатноста да кликнеме на сомнителна содржина преку паметните телефони е три пати поголема отколку преку компјутерите токму заради нивната предност; нивната лесна достапност и голема процесирачка моќ што ги прави извор на најголем ризик за безбедноста на личните податоци.
Факт е дека опасностите на интернет демнат со секоја нова веб-страница што ја отвораме, кога сме на социјалните мрежи, форумите, четовите, но и кога имаме отворена Bluetooth конекција или сурфаме преку јавна, бесплатна wi-fi мрежа. Затоа најдобрата заштита е внимателно и паметно користење на интернетот во комбинација со антивирусен софтвер, редовно ажурирање на системските и други апликации и секако високо ниво на свест при користење на интернет мрежата во приватната и во деловната комуникација.
Комерцијален текст