Кели Дуркс е мајка на посвоено девојче со Даунов синдром. Додека пазарувала во супермаркет, од непозната жена добила критика дека не треба постојано да го носи девојчето в раце, дека премногу го разгалува и дека тоа никогаш нема да биде самостојно ако Кели продолжи да биде толку заштитнички настроена.
Добродушната жена, која со својот сопруг има посвоено четири дечиња со Даунов синдром, била навредена од коментарот на случајната минувачка и решила да одговори со отворено писмо кое го објавила на Facebook.
„Драга жено во Таргет,
Сум го слушнала тоа и претходно. Дека ‘ќе го разгалам детето’. Ти беше убедена дека таа никогаш нема да научи да биде ‘самостојна’. Ти се насмевнав, ја бакнав нејзината глава и си продолжив со купувањето.
Кога само би го знаела тоа што го знам јас.

Кога само би знаела како таа ги помина првите 10 месеци од својот живот потполно сама во стерилно метално креветче, со ништо друго да ја теши освен цицањето на нејзините прстиња.
Кога само би знаела како изгледаше нејзиното лице во моментот кога негувателката од домот за доенчиња ми ја предаде за да ја нишам за првпат – кратки моменти на спокој помешани со огромен страв. Никој дотогаш ја немаше држено на тој начин и таа не знаеше што треба да прави.
Кога само би знаела дека таа лежеше во своето креветче откако ќе се разбудеше и никогаш не плачеше – бидејќи сѐ дотогаш никој не одговарал на нејзиниот плач.
Кога само би знаела дека анксиозноста беше стандарден дел од нејзиниот ден, заедно со чукањето на нејзината глава во решетките на креветчето и нишањето на нејзиното тело за утеха.
Кога само би знаела дека тоа бебе во кенгурот е „самостојно“ на начин кој ми го крши срцето и како ќе поминеме минути, часови, денови, недели, месеци, па дури и години во обиди да го избришеме тој дел од нејзиниот мозок кој вика ‘траума’ и ‘небезбедност’.
Кога само би го знаела тоа што го знам јас.
Кога само би знаела дека таа сега плаче кога ја оставам, а не кога ја подигнувам.
Кога само би знаела дека сега ова бебе наутро ‘пее’ гласно колку што го држат градите и откако ќе се разбуди од преспивање, бидејќи знае дека вревата ќе повика некого да го подигне од креветчето и да му ја промени пелената.
Кога само би знаела дека ова бебе сега заспива во рацете на мама или на тато, наместо да се заспива самото.
Кога само би знаела дека ова бебе нѐ расплака сите оној ден кога побара утеха, потполно самоиницијативно.
Кога само би го знаела тоа што го знам јас.
‘Разгалувањето на бебето’ е најважната работа којшто некогаш ќе ја имам и тоа е привилегија. Ќе ја носам уште малку или толку долго колку што ќе сака таа, затоа што таа учи дека е безбедна. Дека припаѓа. Дека е сакана.
Кога само би знаела...“
