Почетна » Новости » Занимливости » 15 цитати од Казуо Ишигуро, добитник на Нобеловата награда за литература за 2017 година

15 цитати од Казуо Ишигуро, добитник на Нобеловата награда за литература за 2017 година

Казуо Ишигуро ја доби Нобеловата награда за литература за 2017 година. Британскиот писател со јапонско потекло е еден од највлијателните писатели од англиско јазично подрачје и автор на седум романи, преведени на 40 различни јазици. Освен романи, Ишигуро пишува и драми, кратка проза и сценарија за филмови.

Казуо Ишигуро

Два од неговите романи имаат и филмувани верзии: „The Remains of the Day“ (1993) и „Never Let Me Go“ (2010). Од Шведската академија известуваат дека Ишигуро е автор со голем интегритет. „Тој не се огледува настрана. Има развиено сопствен естетски универзум“, велат од Академијата и додаваат дека неговиот стил наликува на комбинација од Џејн Остин, Франц Кафка и комедиите на карактери.

Прочитајте во прилог 15 цитати од делото на Казуо Ишигуро:

„Сеќавањата, дури и најскапоцените, исчезнуваат изненадувачки брзо. Сепак, не се согласувам со тоа. Сеќавањата кои ги ценам најмногу, не гледам дека избледнуваат.“

„Сите деца треба да бидат лажени за да растат без трауми.“

„Ако имаш впечаток дека веќе си се усовршил себеси, никогаш нема да се издигнеш до висините за кои си несомнено способен.“

„Многу парови започнуваат да се сакаат, па се заморуваат еден од друг и завршуваат со омраза. Сепак, редоследот е некогаш обратен.“

„Сите ние живееме во тела кои ќе се распаднат. Сепак, човечките суштества се способни за многу благородни нешта: љубов, лојалност. Кога времето истекува, никој не се грижи за имотот или статусот. Сите сакаат да ги исправат нештата за кои погрешиле.“

„И најпосле, што можеме да постигнеме со тоа што постојано гледаме назад и се обвинуваме себеси дека нашите животи не испаднале такви какви што сме сакале да бидат?“

„Беше токму како кога правиш потег додека играш шах и само што го подигнуваш прстот од фигурата, гледаш дека си направил грешка и веќе се јавува паниката поради тоа што сѐ уште не знаеш колкава катастрофа си отворил пред себе.“

„Велиш дека си сигурен? Сигурен дека си вљубен? Како можеш да знаеш? Мислиш дека љубовта е толку едноставна?“

„Мора да прифатиш дека понекогаш нештата се случуваат така на овој свет. Мислењата на луѓето, нивните чувства, прво одат во еден правец, а потоа во друг. Созреваш во одреден момент од овој процес.“

„Но, денес повторно се прашувам дали она што го чувствуваме во нашите срца е како дождовните капки кои паѓаат над нас од накиснатите лисја, иако небото веќе престанало да врне. Се прашувам дали без сеќавањата, на нашата љубов не ѝ преостанува ништо освен да избледнее и да умре.“

„Постојано брзаш или си премногу изморен за да водиш вистински разговор. За краток период, долгите часови, патувањата и недостатокот на сон се вовлекоа во твоето битие и стананаа дел од тебе, па сите можат да ги видат во твојот став, во твојот поглед, во начинот на кој се движиш и зборуваш.“

„Ти ја одзедовме уметноста бидејќи мислевме дека ќе ја открие твојата душа. Или, ако сме попрецизни, го направивме тоа за да докажеме дека имаш душа.“

„Кога си млад има многу нешта кои изгледаат глупави и безживотни. Но, како што растеш, сфаќаш дека токму овие нешта се најважни.“

„Тешко е да се цени убавината на светот кога човек се сомнева во неговата валидност... Но, јас одамна престанав да се сомневам. Кога ќе бидам старец и кога ќе погледнам назад кон мојот живот, ќе видам дека сум се посветил на задачата да ја дофатам убавината на овој свет и верувам дека ќе бидам задоволен. И никој нема да ме убеди дека сум го потрошил попусто своето време.“

„Кога стануваш родител или наставник, се претвораш во менаџер на еден цел систем. Стануваш личноста којашто го контролира и регулира оној меур на невиност околу детето.“

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11200 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.