Почетна » Новости » Животни стории » Исидора Бјелица: „Ракот баш има апетит, ја јаде како луд сета романтика, хуморот, веселоста, парите, сеќавањата...“

Исидора Бјелица: „Ракот баш има апетит, ја јаде како луд сета романтика, хуморот, веселоста, парите, сеќавањата...“

Исидора Бјелица вчера ја изгуби битката со ракот на јајници која неуморно ја водеше со години.

Српската писателка беше максимално отворена за секој аспект од соочувањето со истоштувачкиот здравствен предизвик, а особено во нејзиното емотивно писмо од 2017 година, кое сега, по нејзината смрт, уште повеќе ги трогнува нејзините обожаватели.

Исидора Бјелица

Се извинувам, многу се извинувам

Требаше да умрам во пролетта 2013, само благодарение на мојата пријателка д-р Душица Матовиќ, ми открија канцер на левиот јајник голем десет сантиметри кој веќе имаше метастазирано. Лоша прогноза од 6 до 8 месеци живот. Јас издржав цели 4 години. Да не си помислите погрешно, ова го пишувам од очај, а не за да се пофалам.

Напротив, од длабочините на душата жалам што и покрај сè, издржав толку многу.

Да умрев навреме, немаше да знам за многуте предавства, ќе ме жалеа од срце сите кои тврделе дека ми се пријатели, а имаше многу такви... не би поминала низ сите тешки терапии и уште потешки предавства, насамарувања и лаги, не би доживеала да ме обвинуваат дека сум ја измислила болеста и што ли уште не. На децата ќе им беше тешко, но барем немаше да го распродадам она што го поседувам за уште малку да си го продолжам животот и немаше да растат по болници и да ме гледаат во страшна состојба во која се губи секое достоинство. Ако убаво си умрев навреме, немаше да доживеам да им нанесувам толку болка на најмилите, да гледам како ракот не ме јаде само мене, туку и сè добро што сме имале во животот... а ракот баш има апетит, ја јаде како луд сета романтика, хуморот, веселоста, парите, сеќавањата, надежта. А сее страв, беда и патетика. Јаде сè на што ќе наиде и кога ќе поживееш предолго, не ти останува баш ништо...

Исидора Бјелица

Да, да не се борев толку многу за живот, ќе ми останеше барем илузија за мојот живот. А вака, кога сите илузии ќе ги закопате пред себе, малку останува за закопување... Да, да не се борев како лавица и фино да си умрев навреме со стил во моите 40-ти години, не само што ќе избегнев 30 хемотерапии, туку и никогаш немаше да знам како е да јадеш кубански бубачки и да пиеш чај од олеандер, како што немаше ниту да ја поминам агонијата од преку триста несигурни и луди алтернативни методи кои ги пробав, а кои никој нормален не би ги пробал... Да не се борев како луда, немаше да дознам дека им сметам на сите кои ги сакав и никогаш немаше да сфатам колку сум проклето сама, ниту пак ќе дознаев како е кога оние кои ве сакаат чекаат да заминете затоа што не можат повеќе да издржат да гледаат како секој ден има сè повеќе од болеста, а сè помалку од вас.

Да, да не се борев толку многу и да не поднесував сè храбро и одважно, ќе си заминев многу посакана и попочитувана и посреќна и синонимот за моето име немаше да биде болест.

Да, верував дека храброст е да се бориш за уште еден ден живот. Денес знам дека поголема храброст е да си одиш навреме. Затоа, им се извинувам на семејството, пријателите, читателите, на кои со своето крајно невкусно и предолго преживување, како и недолично однесување за човек болен од канцер, им предизвикав дополнителна болка, непријатности и маки.

Си се извинувам и себеси, затоа што ова не ми требаше, а секако мора да се умре. Не ми замерувајте што бев толку глупава, ве преколнувам. Една од работите, меѓу останатите, кои ги спознаваш кога живееш подолго одошто требало е колку си бескрајно глупав и колку човековиот ум е преценета категорија.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11343 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.