Благица и Александар Зикови имаат потреба од сопствен дом во кој среќно и безбедно ќе растат нивните четири дечиња.
Родителите и четворката од Штип во моментов живеат во деветчлено семејство, во една куќа, која со растењето на нивните малечки станува претесна.


Парот, кој ја доби четворката по години борба со неплодноста, добил земјиште и документи за изградба на куќа како донација од Општина Штип, но има потреба од финансии за изградба на живеалиштето.
„Во моментов живееме во куќа, девет члена сме и како што растат децата, станува сè потесно. Исто така, пристапот до куќата е многу лош, имаме многу скали. На децата им треба поголем простор каде што ќе бидат безбедни и ќе можат слободно да си играат“ – изјави Благица за Femina.mk.
Поради бројните обврски поврзани со грижата за нивните малечки Михаил, Теодор, Ведран и Леонтина, мајката Благица е спречена да работи и семејството го издржува таткото Александар.
„Секој ден си носи своја приказна зависи кои се обврските и плановите за тој ден. Понекогаш е многу напорен денот, целиот ден е испланиран. Со добра организација постигнувам да ги завршам обврските и да се посветам на децата. Откако одат во градинка, ги завршувам обврските за тие 8 часа, за кога ќе се дома да им се посветам нив“.
„Обврските ги делиме со сопругот. Тој ми помага колку што може, но сепак мора да работи за да имаме финансии, зависиме од неговата плата. Многу ми помага и золвата“ – додава Благица.
Александар Георгиевски од „Подај Рака Спаси Живот“ започна хуманитарна акција за собирање на потребните средства за изградба на нов дом за Зикови. Истовремено се одвива и кампања на Ecrowd.
Ако сакате да донирате, можете да го направите тоа ТУКА: „Дом за четворка срца“

„Најпрво од сè на хуманите граѓаните им посакувам да бидат живи и здрави, и да им се заблагодарам за одвоените финансии што ќе ги донираат за изградба на еден скромен дом каде што ќе растат нашите мали дечиња“ – вели Благица.
Еве го текстот од апелот:
Во градот Штип растат четири мали срца – четворка близнаци, симбол на живот, сила и благослов. Нивното семејство, иако полно со љубов, се соочува со голем предизвик – нема сопствен дом.
Започнуваме хуманитарна кампања за изградба на куќа во која овие деца ќе растат без страв од дождот, студот или неизвесноста.
Благодарение на поддршката од Општина Штип и градоначалникот, веќе се обезбедени плацот и сите потребни дозволи, а неколку градежни компании се подготвени да ја реализираат изградбата.
Изведбата ќе се одвива преку хуманитарната организација „Подај рака – спаси живот“, предводена од Александар Ѓоргиевски, пожарникар и хуманист од Штип, кој со години посветено им помага на семејства во ризик.
Иако децата бесплатно посетуваат градинка, животот со четири мали деца на иста возраст носи големи секојдневни трошоци – храна, облека, хигиена, медицинска грижа. За ова семејство, тоа е борба од ден за ден.
Сега сме ние на ред – да помогнеме во обезбедување на потребните средства за материјали и целосна изградба на новиот дом.
Овие четири мали животни радости заслужуваат безбедно, топло детство – под свој покрив и меѓу ѕидови изградени со љубов.
Да помогнеме – да изградиме нешто што ќе остане за Македонија. За нив. За сите нас.


Благица и Александар ги добија своите малечки по неколкугодишни обиди за зачнување.
„Четири години се боревме со неплодност. Првото инвитро ни беше неуспешно и по две години пак се одлучивме да пробаме... Како што велат постарите: ‘Ако желбата ти е голема, Господ ти подарува’“.
„Тоа чувство не може да се опише со зборови. Волшебно нешто. Прекрасно, радосно, необјасниво чувство, само си реков во себе: ‘Ти благодарам Боже за овој дар што ми го подари да станам мајка на четири дечиња истовремено’“ – рече Благица за Femina.mk во октомври 2023 година, неколку дена по добивањето на четирите бебиња.
