„Силен маж НЕ тепа жени“: Адвокатот Јанаки Митровски револтиран од бруталното семејно насилство во Гостиварско
Само два дена по одбележувањето на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата, Македонија ја потресе нов случај на семејно насилство.
42-годишна жена од гостиварското село Топлица со тешки телесни повреди и во бессознание беше пренесена на скопските клиники по нападот за кој е осомничен нејзиниот 52-годишен сопруг.
Познатиот македонски адвокат Јанаки Митровски преку социјалните мрежи го изрази својот револт поради насилството врз жените, осврнувајќи се на воспитувањето, погрешните вредности и влијанието на содржините на интернет кои промовираат токсична машкост.
„Силен маж НЕ тепа жени!! Секој може да истепа жена, тоа не е достигнување, туку СРАМ!“ – порача тој.
Во својата објава, Митровски напиша:
Синоќа на скопските клиники, во животно загрозувачка состојба е донесена 42-годишна гостиварчанка, наш сограѓанин, нечија мајка, сестра и ќерка. Првичните информации се дека два дена е тепана од сопругот, со скршен череп и непрепознатлив лик.
Прашањето е КАКО? Како дојдовме од земја на честити мажи, домаќини, генерациите на татко ми беа пример како се сака и почитува жена, до секојдневна црна хроника, жени како вреќи за боксирање и скрпени носеви???
ПОГРЕШНИ ВРЕДНОСТИ И СЛАБИ МАЖИЊА!!!!
Да, слаби мажиња! Силен маж НЕ тепа жени!! Секој може да истепа жена, тоа не е достигнување, туку СРАМ! Ама отсуството на правилно татково воспитување и љубов, комбинирано со дигитално влијание си го стори своето. Маносфера, Ендру Тејт wannabe мажиња кои биле инфериорни цел живот па сурфаат ALPHA MALE за да се утешат „ова можам/требаше да бидам јас!!!“
Алфа мажјак е пред сè и над сè тој што си го сака и штити семејството, жена, сестра, мајка и ќерка се чуваат како зеница во око, чукнете тимбите фраери на батерии!!!!
Според полицискиот билтен, вчера во 14:10 часот полициски службеници го лишиле од слобода 52-годишниот М.М. од гостиварско село, откако неговиот татко пријавил дека тој физички ја нападнал неговата сопруга во семејниот дом, употребувајќи и остар предмет.
На жената првично ѝ била укажана медицинска помош во болницата во Гостивар, но поради сериозноста на повредите, била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
При лишувањето од слобода, осомничениот давал отпор и физички нападнал полициски службеници. Тој бил спроведен во Психијатриската болница во Скопје.
Според последните информации кои ги објави „Скопје1“, здравствената состојба на 42-годишната жена е стабилна, таа е свесна и контактибилна, но останува на интензивно лекување.
Директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски, соопштил дека кај неа биле констатирани четири скршени ребра, делумен пневмоторакс, мала плеврална ефузија и мало крварење во главата.
Новиот случај на семејно насилство доаѓа само неколку дена откако граѓани маршираа низ улиците на Скопје по иницијативата на „Ниту една повеќе!“, барајќи ефикасна институционална заштита на жените, правда за жртвите и крај на неказнивоста на насилниците.