„Нема да ви дозволиме да закопате уште една жена“: Протестен марш во Скопје против насилството врз жените
„Ниту една повеќе!“, „Не се откажуваме!“ – одекнуваше вечерва низ улиците на Скопје, каде стотици граѓани се обединија во борбата против насилството врз жените и девојчињата, барајќи институционална одговорност, правда за жртвите и навремена заштита за сите кои се соочуваат со насилство.
По повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата, на иницијатива на „Ниту една повеќе!“, се одржа протестен марш на кој учесниците го изразија својот револт поради фемицидите, институционалните пропусти и неказнивоста на насилниците.
Протестот започна во 17 часот во паркот „Жена борец“ со моќен говор и едноминутен молк во чест на сите жени, девојки и девојчиња чии животи беа насилно одземени.
„Тука сме заедно, бесни, гневни, затоа што нè убиваат, нè замолчуваат, нè тераат да живееме во страв. Ова е протест против институциите кои цела година молчат, а денес, на Денот на елиминација на насилство против жените, слават и се веселат во скапи ресторани и хотели.
Нема повеќе изговори, нема да ви дозволиме да закопате уште една жена. Женската борба денес е борба за живот, продолжува со сите нас и со почит кон сите жени, девојки и девојчиња чии животи беа насилно одземени. Со едноминутен молк, нека почне оваа борбена ноќ“ – беше порачано на почетокот на протестот.
На транспарентите се читаа силни пораки кои го отсликуваа гневот на присутните, но и нивната решеност да продолжат со борбата:
„Не е љубов ако те убива“
„Не е трагедија, фемицид е“
„Тука сме и за вашите ќерки, сестри, жени, мајки“
„Не сте свесни колку сме бесни“
„Мртви жени се ваша семејна вредност“
„Што ѝ фали на пријавата? Убиство?“
„Не сме само број“
Пред седиштето на Министерството за внатрешни работи, каде заврши протестниот марш, симболично беше истурена земја и беше оформен импровизиран гроб во знак на почит кон жртвите на семејно насилство и фемицид во Македонија.
Годинешниот протест се одржа во период кога македонската јавност е вознемирена од серијата случаи на насилство врз жени од страна на нивните партнери, а статистиките за фемицидите се поразителни.
Во изминативе две години во Македонија се регистрирани 13 фемициди, од кои шест во 2025 година и седум од почетокот на 2026 година досега.
Вечерашниот марш беше гласен повик за промени и потсетување дека секоја жена има право на живот без насилство и страв.