„Јави ми се и започни да се пакуваш“: Маријa Шерифовиќ му понуди помош на млад пијанист кој е примен на докторатура во Виена
Адем Мехмедовиќ доби неочекувана поддршка од регионалната музичка ѕвезда Марија Шерифовиќ, откако јавно проговори за финансиските пречки кои му го отежнуваат продолжувањето на образованието во Виена.
Младиот пијанист и композитор од Нови Пазар е примен на докторски студии по пијано во австриската метропола, меѓу само десет студенти од целиот свет. Иако веќе успеал да собере најголем дел од потребните средства, за да го оствари својот академски сон му недостигала финансиска поддршка.
Тој не побарал донации, туку решил недостигот од средства да го надомести со сопствен труд и ги повикал сите кои сакаат да го ангажираат за настап на прослави и други настани, да му дадат можност преку музиката да го финансира своето понатамошно образование.
Неговата приказна стигна и до Марија Шерифовиќ, која не остана рамнодушна. Српската пејачка му во коментарите на социјалните мрежи му напиша:
„Слободно јави ми се во ДМ и започни да се пакуваш“.
Нејзиниот гест предизвика бројни позитивни реакции, а за Адем ова може да биде голем чекор поблиску до остварувањето на неговиот сон.
Адем Мехмедовиќ е пијанист, композитор и музички продуцент кој својот уметнички и истражувачки труд го посветил на севдалинката. Преку сложени аранжмани за соло пијано, тој сака традиционалната музика од овие простори да ја приближи до меѓународната концертна публика.
Во своите обработки ги задржува изворните мелодии, но им дава нов израз преку хармонија, ритам, импровизација и современи композициски форми. Тој има истакнато дека не успеал да пронајде податоци за некој кој пред него изработувал вакви аранжмани за соло пијано.
Во текот на кариерата, Адем освоил бројни награди на домашни и меѓународни натпревари, а на само 22-годишна возраст станал најмладиот соработник во наставата во историјата на Академијата за уметности во Нови Сад.
Во 2023 година пошироката публика го запозна и преку фестивалот „Песна за Евровизија“, каде што настапи со авторската композиција „Осмех“.