„Ферхунде“ од „Кога лисјата паѓаат“ приведена во голема истрага за дрога и проституција
Турската актерка Дениз Чакир, која на регионалната публика ѝ е позната по улогите во хит-сериите „Кога лисјата паѓаат“ и „Величествениот“, е меѓу лицата приведени во голема полициска операција во Истанбул, поврзана со истрага за дрога и проституција.
Според информациите кои ги објавија турските медиуми, Обвинителството во Истанбул издало наредба за приведување на 35 лица од светот на забавната индустрија. Во операцијата спроведена вчера биле приведени 24 лица, меѓу кои, покрај Чакир, се и актерот и пејач Озџан Дениз, актерката Бурџу Озберк и телевизискиот водител Мурат Џејлан.
По приведувањето, осомничените биле однесени на тестирање во Институтот за судска медицина, а по завршувањето на полициските постапки и здравствените прегледи биле спроведени во Судската палата во Истанбул.
Од Обвинителството соопштиле дека истрагата опфаќа сомнежи за кривични дела поврзани со проституција, трговија и обезбедување наркотични и стимулативни супстанции, како и нивна употреба и поседување.
Како основа за истрагата се наведуваат искази на осомничени и сведоци, анализи на запленети мобилни телефони и дигитални материјали, како и искази на тајни сведоци.
Засега не се објавени конкретни детали за индивидуалната одговорност на Дениз, ниту е утврдена нејзина вина.
Чакир стекна голема популарност со улогата на Шах Султан, сестрата на султанот Сулејман, во серијата „Величествениот“, како и со улогата на Ферхунде во „Кога лисјата паѓаат“.