13 фемициди за две години во Македонија, 129 згаснати женски животи секој ден во светот: Насилството мора да запре!
За многу жени домот е место на страв и секојдневна борба за сопствената безбедност. Најголемата закана за нив неретко доаѓа од човекот со кого го делат животот, со кого основале семејство и во кого некогаш имале безгранична доверба.
Денес се одбележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, а Македонија го дочекува со загрижувачки статистики и низа потресни случаи на насилство врз жени и девојчиња. Имено, во изминатите две години, во нашата земја се регистрирани 13 фемициди: шест во 2025 година и седум од почетокот на 2026 година.
Зад овие бројки стојат имиња, лица, згаснати животи, неостварени соништа и семејства кои засекогаш ќе ја чувствуваат празнината од загубата на своите најмили.
Да се потсетиме на 17-годишната Билјана од Богданци, која беше убиена и покрај активната забрана за приближување, на Росица од Велес, на Рамајана од Шуто Оризари, на Ивана од Скопје и нејзината ќерка. Нивните трагични судбини не смеат да бидат заборавени, ниту да останат само дел од црната статистика.
Во изминатиот период, јавноста ја вознемирија и сведоштвата за насилството врз Сара од Охрид, која беше претепана до бесознание, како и случајот со претепаната девојка од Битола, чија мајка јавно проговори за насилството кое го трпела нејзината ќерка и за решеноста да се бори за правда.
А тоа се само дел од случаите кои добија медиумско внимание. Колку жени во Македонија секојдневно се соочуваат со закани, понижувања, контрола и физичко насилство зад затворени врати, без нивните приказни некогаш да допрат до јавноста?
Според податоците презентирани во Собранието, во 2025 година во Министерството за внатрешни работи биле евидентирани 4.745 пријави од жени, додека центрите за социјална работа регистрирале 1.754 нови жртви на семејно насилство.
Во првите десет месеци од 2026 година, бројот на пријави за семејно насилство се зголемил за повеќе од 70 проценти, а биле поднесени 1.450 кривични пријави, што е за 50 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Зголемениот број пријави може да биде показател дека сè повеќе жртви се охрабруваат да побараат помош и не мора категорично да значи пораст на насилството. Сепак, пријавувањето е само првиот чекор. Од суштинско значење е институциите да им обезбедат навремена и ефикасна заштита на жените кои собрале храброст да проговорат.
„Борбата против родово базираното насилство не може да чека до следната загуба на човечки живот“ – порачува Рита Колумбија, постојана координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија.
На секои 11 минути во светот една жена или девојче е убиено од својот партнер или член на семејството.
Најновиот извештај на UN Women и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC), објавен по повод денешниот меѓународен ден, открива дека во 2025 година 47.000 жени и девојчиња биле намерно убиени од интимен партнер или член на семејството. Тоа се во просек 129 жени и девојчиња дневно, односно повеќе од пет секој час.
Околу 60 проценти од жените и девојчињата кои биле намерно убиени минатата година низ светот, го загубиле животот од рацете на интимен партнер или член на семејството.
Од Обединетите нации предупредуваат дека фемицидот ретко е изолиран чин. За многу жени и девојчиња, тој е последниот чин во долгата низа насилство, закани и злоупотреби кои можеле да бидат сопрени навреме.
Со денешниот ден започнува и глобалната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“, која трае до 10 декември, односно Меѓународниот ден на човековите права. Годинава таа се одвива под мотото „Обединети за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата: Обезбедете правда, заштитете ги преживеаните, ставете крај на неказнивоста“.
Токму на овој ден, иницијативата „Ниту една повеќе“ повика на протестен марш кој ќе започне во Парк Жена Борец во 17:00 часот.
Но, борбата против насилството врз жените не смее да се сведе само на одбележување меѓународни денови, декларативни заложби и изразување револт по секоја нова трагедија.
Ниту една жена не треба да го загуби животот за нејзините повици за помош конечно да бидат слушнати. Ниту една жена не треба да биде оставена сама во борбата за живот без насилство.