„Ме удри со телефонот во глава, мислам дека и ме давеше“: Николина Пишек за хоророт кој го доживеала со покојниот сопруг
Николина Пишек се отвори за тешките моменти од бракот со Видоје Ристовиќ, откривајќи морничави детали за физичките напади кои ги доживеала од негова страна, дури и во месеците додека била бремена.
Во подкастот „Bad Advice Club“ со водителката Миа Ковачиќ, таа зборуваше за почетоците на физичкото и психичко малтретирање од покојниот историчар на уметност. Телевизиската водителка се присети на ноќта во Белград кога за првпат била физички малтретирана од него, а потоа и за нападите додека ја носела нивната ќерка.
Николина раскажа дека една ноќ во Белград сопругот испил повеќе од вообичаено, а во еден момент нагло му се променило однесувањето. Престанал да зборува и ја извлекол од клубот. По нив тргнале и двајца мажи, кои потоа заедно со нив влегле во автомобил. Едниот седнал зад воланот, а другиот на совозачкото место. Водителката тврди дека човекот кој го управувал автомобилот бил полицаец.
„Седнав во автомобилот свесна дека нешто не е во ред, но сè уште не сфаќав колку сум загрозена. Штом влегов, почна вербално да ме навредува. Посегнав по телефонот, а тој веднаш ми го одзеде за да не можам да го користам. Добив удар во главата, ме удри со телефонот“ – раскажа Пишек.
Ристовиќ подоцна грубо ја извлекол надвор од автомобилот и неколкупати ја удрил врз хаубата на возилото додека двајцата мажи останале внатре и набљудувале што се случува.
„Тогаш неколкупати ме удри на хаубата. Луѓето нормално поминуваа со автомобилите. Мислам дека и ме давеше, тоа исто така сакаше да го прави“ – раскажа таа.
Ниту еден од присутните мажи не се обидел да ѝ помогне, иако биле сведоци на нападот.
Откако ја нападнал, сопругот се вратил во автомобилот и ѝ наредил да влезе. Кога таа одбила, еден од мажите излегол и насила ја внел во возилото. Вербалното малтретирање продолжило и додека се движеле до нивниот стан.
Кога пристигнале пред зградат, Видоје се качил во станот, а Николина останала во автомобилот, исплашена и очајна да најде начин да избега. Се свртела кон совозачот и го замолила да ја однесат барем до границата или до железничката станица.
„Тој се сврти и ми рече: ‘Ајде, оди горе’. Му одговорив дека не сакам и го замолив да ме однесат до границата. Ме праша дали сум нормална и ми рече: ‘Тој те сака, ова беше само обично недоразбирање’. Потоа му реков дека не мора да ме носат до границата, туку барем до железничката станица. Но, повторно ми одговори да си одам дома“ – раскажа таа.
„Најтешки ми беа моментите кога требаше да одиме сами дома. Тогаш знаев дека не знам што ме чека“ – вели Николина, која раскажа за ситуација во која пријател се обидел да ѝ помогне кога била нападната во бременоста, но таа не му дозволила, бидејќи се плашела од реакцијата на Видоје.
„Бев трудна, бевме во клуб во Дубровник, некаде бев шест месеци бремена... Ескалира многу брзо. Ме извлече надвор од клубот. Ме влечеше трудна по скалите. Му пријде наш заеднички пријател, добро вербално се справи со него. Ми рече нема да одиш со него, доаѓаш со мене и со сопругата. Јас одбив, ми беше страв“ – раскажа Николина.
Во истиот подкаст, Пишек откри и друга вознемирувачка ситуација, кога сакала мирно да разговара со сопругот за разделба, но тој извадил пиштол и го ставил на масата пред неа. Поради таквите ситуации, таа се плашела да го пријави насилството или да побара од некој да ѝ помогне.
Николина и Видоје стапија во брак во 2013 година, а следната година ја добија ќерката Уна Софија. Тој ненадејно почина во Белград во 2022 година.
Неговите семејни односи и по неговата смрт беа предмет на јавни полемики, а неговиот татко, Виктор Ристовиќ, претходно остро ги демантираше тврдењата на снаата, изјавувајќи дека неговиот син никогаш не ја удрил сопругата.
Во разговорот, Николина се осврна и на честото прашање кое им се поставува на жените кои преживеале семејно насилство: „Зошто едноставно не си заминала?“. Таа објасни дека луѓето кои не поминале низ такво искуство не разбираат колку може да биде комплицирано заминувањето, особено кога во приказната се присутни стравот, заканите и грижата за децата.