Насилството врз жените, фемицидот и сè почестите случаи на суровост во општеството отвораат прашања за тоа во каква средина живееме и колку навистина има солидарност меѓу луѓето. Особено загрижува кога наместо поддршка и разбирање, жените кои претрпеле насилство се соочуваат со осудување и недостиг на емпатија.
Поттикната од сето тоа што се случува периодов, професорката Татјана Алексиќ сподели силна објава, во која ја отвори и темата за женската солидарност, но и за зависта и злобата кои вели дека станале дел од нашето секојдневие.
Осврнувајќи се на книжевни и филмски примери во кои жените не застануваат една зад друга, Алексиќ испрати порака за потребата од колективно преиспитување и повеќе човечност. „Злобата е нашата реалност. Зависта ја има и во воздухот и во почвата, лебди и никнува насекаде“ - напиша таа.
Прочитајте ја нејзината објава во целост:
...Колективно да се преиспитаме од каде толку злоба и завист во една мала држава, патем најубава на свет. Зарем можеше од оваа наша, убавица Македонија, да никнува толку многу лошотија!
Мажи малтретираат, тепаат и убиваат жени. Мажиколики мажи, а всушност страшливци, исплашени од сопственото его неспособни да го скротат.
Жени, мајки, сестри, тетки и сите останати женски етикеции кои во фемицидот не може да видат лично страдање, тогаш се за лечење.
Сетете се само на филмот „Убавините на пороците" од режисерот Живко Николиќ. Неверната жена мажот ја убива удирајќи ја со токмак по наведната глава, врз која носи погача месена од сопствените раце. Уште пострашно е, што кон местото на егзекуција, за која нема ни судија ни кадија, оди колона од жени, мајки, сестри и тетки, како неми сведоци на еден „морален" чин.
Жените и низ историјата не се поддржувале една со друга. Исмена не ја поддржува сестра си Антигона во истоимената трагедија на Софокле;
Фантина, мајката на Козета во романот „Клетници" на Виктор Иго, не ја поддржуваат жените во фабриката и ја исфрлаат на улица;
Ана Каренина на Толстој, најмногу ја осудуваат жени понеморални од неа;
Доста Рожденката од романот ,,Крпен живот" на Стале Попов, не ја поддржуваат селанките, ниту јатрвата Митра, самo затоа што е во сѐ подобра од нив.
Не се случајни или само измислени книжевните ликови, тие се вечни сведоци на реалните, историски збиднувања, на сентиментот и културата на народите.
Злобата е нашата реалност. Зависта ја има и во воздухот и во почвата, лебди и никнува насекаде...