„Само да те имам“: Слаткар ја објави заедничката песна со Владо Јаневски на неговиот роденден
Смртта на Владо Јаневски остави голема празнина на македонската музичка сцена, но неговиот глас и стихови продолжуваат да живеат. На денот кога легендарниот пејач ќе го прославеше 66-тиот роденден, Марко Маринковиќ – Слаткар објави досега необјавена заедничка песна која ја снимиле пред неколку години.
Станува збор за музичка соработка која долго време останала во фиока, а која по ненадејното заминување на Владо, Слаткар вети дека ќе ја заврши и објави на неговиот роденден.
„Некои гласови не умираат, а некои луѓе остануваат засекогаш присутни преку она што го оставиле зад себе…
'Ти ќе знаеш, по човек песот лае само кога не го познава'
Ние помладите ќе го шириме неговото слово и ќе се погрижиме неговите песни да стигнат до новите генерации.
Вечна му слава ♾️“ - напиша македонскиот рапер на Instagram.
Ветено, сторено! Слушнете ја „Само да те имам“ и погледнете го видеозаписот.
Видео
Музиката е дело на Лазар Цветковски и Слаткаристика, кој се потпишува и како автор на текстот. За продукцијата, миксот и мастерингот се погрижи Лазар Цветковски.
По последното збогување со својот пријател и колега, Слаткар сподели дел од песната.
„Денес, кога го испративме Владо, сфатив колку работи останале недовршени.
Со години чувам една песна што ја снимивме заедно. Не затоа што не верував во неа, туку затоа што секогаш кога работам со некој што неизмерно го ценам, сакам да го дадам својот максимум. Постојано мислев дека може уште подобро и затоа ја одложував, убеден дека ќе имаме време повторно да работиме на неа.
За жал, тоа време не дојде.
Ова е само мал дел од песната.
Ветувам дека ќе ја довршам и ќе ја објавам на неговиот роденден.
Фала ти за довербата, Владо.
Фала ти за сè што направи за сите нас.
Ќе ми недостигаш. На сите ќе ни недостигаш“ - напиша тогаш Слаткар.
Тој воедно откри и колку длабоко го почитувал Јаневски, чија музика ја слушал уште од 1993 година. Во разговор за подкастот „Претрес со Ландов“, Слаткар искрено зборуваше за нивната блискост и за тоа колку тешко ја доживеал неговата загуба, споредувајќи го чувството со загуба на близок член од семејството.