Кики Мукаетова исчекорува на светската сцена: Младата Македонка меѓу финалистките на Women in Tech Global Awards 2026
По националното и европското признание, Кики Мукаетова ја продолжува успешната приказна на глобално ниво. Младата Македонка обезбеди пласман во светското финале на престижните Women in Tech Global Awards 2026, на кои ќе ја претставува Македонија во категоријата Aspiring Teen Award.
На 3 декември, во Париз ќе се сретнат исклучителни жени и млади таленти од различни краишта на светот, чии идеи, иницијативи и достигнувања придонесуваат за обликување на иднината на технологијата. Меѓу нив ќе биде и харизматичната водителка на „Низ град со Кики“, која со својата работа покажува дека младите можат да бидат активни двигатели на позитивни општествени промени.
Веста за пласманот во светското финале доаѓа само неколку дена откако Кики беше наградена како една од двете најперспективни тинејџерки во Европа на Women in Tech Europe Awards, во раскошниот амбиент на францускиот Сенат.
Споделувајќи ја радосната вест, Кики се наврати на своите детски соништа и првите јавни настапи, откривајќи како низ годините се менувала нејзината мотивација: од желбата да биде видена и слушната до стремежот нејзиниот глас да има вистинско значење:
На пет години сонував да станам јутјуберка и сè уште имам безброј „Hi, guys“ видеа во телефон. Мојата прва „посериозна“ јавна улога во градинка беше да доделам плакета на министер, со говор и сè. 🌟💗
Тогаш, само сакав да бидам видена и слушната. Со текот на годините сфатив дека многу е поважно како го користам мојот глас, како технологијата може да му даде поголема моќ и какви позитивни промени можам да поттикнам.
По освојувањето на наградата Aspiring Teen на Women in Tech® Europe Awards 2026, во волшебниот амбиент на францускиот Сенат во Париз, приказната доби уште едно убаво продолжение: сега сум меѓу СВЕТСКИТЕ ФИНАЛИСТКИ! 🌎🌎🌎
Ако светот е сцена, за мене е огромна чест да ја споделувам со исклучителни умови кои ја обликуваат иднината. 🌟✨
Патот на Кики до глобалното финале започна во мај годинава, кога на свечениот настан на Women in Tech Macedonia ја прими наградата Најперспективна тинејџерка од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Националното признание ѝ донесе можност да се најде меѓу шесте европски финалистки, заедно со млади таленти од Албанија, Романија, Шпанија, Турција и Франција. Сега, како добитничка на европското признание, Кики ќе биде дел од глобалниот избор.
Наградата Aspiring Teen Award е посветена на девојки и млади жени на возраст од 13 до 21 година кои преку своите идеи, знаења и иницијативи покажуваат потенцијал да придонесат кон развојот на технологијата, иновациите и поголемата застапеност на жените во STEM-областите.
За Кики, која уште од најрана возраст го негува интересот за јавната комуникација, медиумите и креативното изразување, секое од овие признанија е поттик да продолжи да ја користи својата платформа за охрабрување и инспирирање на младите.