• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Моите 3 бебиња беа во инкубатори, денес се прекрасни девојчиња“: Лиле од Скопје за предвременото раѓање на тројката

27 ноември 2026, 09:16
  • cподели

За Лиле Ѓорѓиоска патот кон мајчинството започна со неочекувано изненадување. Најпрво, мајката од Скопје дознала дека носи две бебиња, а набрзо докторот ѝ кажал дека во нејзината утроба всушност расте тројка.

Нејзините три ќеркички Илина, Малена и Галена се родиле во 34. гестациска недела, со тежина помала од два килограми, а првите 18 дена ги поминале на интензивна нега.

Осум години подоцна, трите девојчиња се весели, здрави и неразделни сестри. Во разговор за Фемина, Лиле се потсетува на најтешките моменти, на борбата покрај инкубаторите, но и на најголемата радост денес да ги гледа своите 3 мали хероини како растат, се смеат и си ги остваруваат соништата.

Твојата приказна за мајчинството започна со три бебиња одеднаш. Како ја доживеа веста дека носиш тројка и како течеше бременоста?

Мојата приказна започна со една прекрасна вест – дека ќе станам мајка на две бебиња. Во тој момент, мислев дека веќе ме очекува најголемото животно изненадување. Но, во третиот месец од бременоста, дознав дека всушност носам три бебиња!

Одеднаш наместо две, имав три мали срца кои чукаа во мене

Тоа беше момент што никогаш нема да го заборавам. Од радост и неверување до огромна возбуда, но и страв од тоа што ме очекува. Одеднаш наместо две, имав три мали срца кои чукаа во мене.

Бременоста беше посебно искуство, исполнето со надеж, љубов, но и неизвесност. Во мислите постојано ми беа моите три девојчиња и единствената желба ми беше да ги донесам на свет живи и здрави.

Тогаш започна нашата приказна – приказна за три мали борци и една голема мајчинска љубов.❤️

Девојчињата се родени во 34. гестациска недела, а првите 18 дена од животот ги поминаа на Одделението за интензивна нега и терапија. Кои беа најтешките моменти и најголемите предизвици за тебе во тој период?

Тоа беа едни од најтешките денови во мојот живот. Денови исполнети со страв, неизвесност и постојана борба со сопствените мисли.

Најтешко ми беше кога ќе се јавев на неонатологија, а никој не ми креваше на телефон. Тие моменти на чекање беа бескрајни. Во главата ми се вртеа илјадници прашања, а срцето ми се стегаше од страв. Како мајка, најтешко е кога не можеш да бидеш покрај своите деца и кога не знаеш што се случува со нив.

Првите 18 дена ме научија колку многу една мајка може да издржи за своите деца

Посебен момент беше кога едното од моите бебиња го преместија на постинтензивна нега. Тоа беше мала, но за мене огромна надеж дека работите одат кон подобро.

Секој ден беше нова борба, секоја информација значеше многу, а секоја мала победа ми даваше сила да продолжам.

Тие 18 дена ме научија колку е силна мајчинската љубов и колку многу една мајка може да издржи за своите деца.

Во кој моментот првпат почувствува дека најголемата опасност поминала и дека сè ќе биде во ред со твоите ќеркички?

Денот кога конечно си заминавме дома беше посебен за целото наше семејство. По девојчињата отидовме сите заедно – јас, сопругот, бабите и дедовците. Сите со нетрпение го чекавме тој момент.

Моите три малечки беа толку ситни што облеката што ја имавме подготвено им беше голема. Таа слика никогаш нема да ја заборавам. По 18 дена исполнети со страв и неизвесност, конечно ги носевме дома.

Тоа беше денот кога нашата најголема желба се оствари – да бидеме сите заедно. ❤️

Како изгледаа првите месеци дома со три предвреме родени бебиња? Дали имаше посебни предизвици во грижата за нив, следењето на развојот и секојдневните обврски?

Првите месеци дома беа исполнети со многу грижа, љубов, но и страв. Девојчињата беа навистина малечки, ги пуштија дома со само по 2 килограми, па сите бевме многу внимателни.

За среќа, имав огромна поддршка од мајка ми, свекрва ми и јатрва ми. Сите беа вклучени во грижата за девојчињата. Дури и на сопругот му беше страв да ги држи во раце, толку беа ситни и нежни.

Во првите месеци напредуваа одлично, добиваа по 1.000 до 1.200 грама месечно. Редовно одевме на контроли – очни, ушни, како и контроли за следење на нивниот раст и развој.

Најтешкиот момент по доаѓањето дома беше кога на Малена ѝ открија ретинопатија на очињата.

Но, најтешкиот момент по доаѓањето дома беше кога на Малена ѝ открија ретинопатија на очињата. Беше потребно да прима инјекции во очињата, а немаше наполнето ниту еден месец.

Тоа беше уште еден голем страв за мене. Наместо да уживаме во првите денови со нашите бебиња, повторно се соочивме со неизвесност и нова борба. Како мајка, најтешко ми беше да гледам низ што поминува моето толку мало бебенце.

Но, и тогаш продолживме да се бориме и да веруваме дека сè ќе биде добро. Денес, кога ќе се сетам на тие денови и ќе ги погледнам моите три девојчиња, сфаќам колку многу пат поминавме.

Како напредуваа Илина, Малена и Галена низ годините?

Илина, Малена и Галена се развиваа нормално, и покрај тоа што се родени во осмиот месец. За наша среќа, немавме никакви развојни пречки. Рано прозбореа, рано проодеа и растеа во весели, љубопитни и активни девојчиња.

Денес се одлични ученички, дружељубиви и секогаш една покрај друга. Речиси никогаш не се двојат. Каде што е едната, таму се и другите две. Навистина се како три во едно.

Најважно ми е да пораснат во добри луѓе, полни со љубов, разбирање и емпатија

Особено сум горда на нивните настапи во Фолклорниот ансамбл „Никола Јонков Вапцаров“. Ги гледам внимателно, со солзи во очите и огромна гордост во срцето. Во тие моменти пред мене не гледам само три девојчиња кои настапуваат, туку ги гледам и трите мали бебиња за кои некогаш толку многу се плашев.

Многу ме радува и тоа што растат во деца со големи срца. Секогаш се подготвени да помогнат и да подадат рака на своите другарчиња, а особено внимание и разбирање покажуваат кон децата со попреченост. За мене, тоа е поголем успех од секоја оценка. Најважно ми е да пораснат во добри луѓе, полни со љубов, разбирање и емпатија.

Од инкубаторите до фолклорната сцена, од малите чекори до нивните денешни успеси – секој момент за мене е посебна победа. ❤️

Денес тие се 8-годишни девојчиња. Какви се нивните карактери, по што се разликуваат, а во што се најслични? Дали имаат сестрински несогласувања или се разбираат само со поглед?

Иако се тројка и се родени во ист ден, секоја од нив е приказна за себе. Сите три се различни, со свои карактери и свои мали особености.

Галена е голем инает, Илина секогаш мисли дека е во право, а Малена е нашиот дежурен миротворец – таа што секогаш се обидува да ги смири другите две. Кај нас никогаш не е досадно!

Три различни личности, три различни срца, но една нераскинлива врска.

Секако дека има сестрински расправии, понекогаш и за најситни работи, но тоа трае кратко. На крајот повторно се заедно. Колку и да се разликуваат, една без друга не можат. Се држат заедно и имаат посебна врска која само тие три можат целосно да ја разберат.

За мене најубаво е што, и покрај различните карактери, секогаш се една покрај друга. Три различни личности, три различни срца, но една нераскинлива врска. ❤️

Дали девојчињата се свесни колку биле мали кога се родиле и низ што поминале во првите денови од животот? 

Искрено, сметам дека сè уште се мали за целосно да ја разберат суштината на предвременото раѓање и низ што поминавме во тие први денови од нивниот живот.

Не почувствував ниту потреба да им ја раскажувам целата приказна додека се толку мали, особено затоа што се развиваа сосема нормално, без никакви развојни пречки. За нив детството беше исполнето со игра, смеа, училиште и секојдневни детски радости.

Кога ќе дојде време и кога ќе бидат доволно возрасни да разберат, ќе им ја раскажам нивната приказна. Сакам да знаат дека уште од првиот ден биле силни и дека нивниот живот започнал со една голема борба, но и со неизмерна љубов.

Со твојата објава за Светскиот ден на предвреме родендените деца испрати силна порака. Што би им кажала на мајките кои во моментов се соочуваат со страв, неизвесност и денови поминати покрај инкубаторите, чекајќи го секој нов грам и секоја мала победа?

На сите мајки кои во моментов минуваат низ оваа тешка борба би им порачала: Не губете надеж и не престанувајте да верувате!

Знам дека нема зборови што можат целосно да го отстранат стравот на една мајка кога нејзиното бебе се бори за своето здравје. Знам како е да чекаш телефонски повик, да се радуваш на секоја добра вест и да посакуваш само да можеш да го земеш своето бебе во прегратка.

Надежта секогаш треба да постои

Сакам да знаете дека секој мал напредок е голема победа. Секој грам, секој нов ден и секоја насмевка се причина за надеж. Верувајте им на лекарите и медицинскиот персонал кои се грижат за вашите малечки и не заборавајте да се грижите и за себе.

Мојата приказна започна со три мали бебиња во инкубатори, а денес пред мене стојат три прекрасни осумгодишни девојчиња. Токму затоа сакам да ви кажам дека надежта секогаш треба да постои.

Не знам каков пат ве очекува, но ви посакувам од срце еден ден и вие да ги прегрнете своите малечки дома и да ги гледате како растат, се смеат и ги остваруваат своите соништа.

На сите мали борци им посакувам сила, а на нивните мајки многу храброст. ❤️

Која е најважната лекција што ти ја донесе ова искуство?

Ова искуство ме научи дека животот е непредвидлив, дека треба да бидеме благодарни за секој ден, за секоја насмевка и за секој момент поминат со оние што ги сакаме.

Најважно од сè, научив дека мајчинската љубов е бескрајна и дека една мајка во себе носи сила за која понекогаш ни самата не е свесна.

Една мајка во себе носи сила за која понекогаш ни самата не е свесна

Мојата најголема желба денес е да бидам здрава мајка, храбра, силна и исполнета со љубов, да имам сила и здравје да ги водам моите три девојчиња низ животот и да ги изведам на вистинскиот пат. Да пораснат во добри, чесни и хумани луѓе, да веруваат во себе, да ги следат своите соништа и никогаш да не ја изгубат добрината во срцата.

А за мене, најголемата среќа е што денес ги имам покрај себе. Илина, Малена и Галена се мојата најголема гордост, мојата сила и мојот најголем животен подарок.

Три мали срца кои уште пред да се родат ме научија што значи вистинска борба, а денес секојдневно ме учат што значи безусловна љубов. ❤️

Tags
Лиле Ѓорѓиоска

Најнови

  • „Моите 3 бебиња беа во инкубатори, денес се прекрасни девојчиња“: Лиле од Скопје за предвременото раѓање на тројката

    Fri, 11/27/2026 - 09:16
  • Војаж ја покажа убавата вереница која му роди дете, уживаа на скијање

    Fri, 11/27/2026 - 08:47
  • Хејли и Џастин Бибер

    Тропска прослава: Хејли Бибер го прослави 30-тиот роденден на Бахамите со сопругот Џастин и пријателките Кендал и Кајли Џенер

    Thu, 11/26/2026 - 23:00
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.