Голема радост и гордост за Кики Мукаетова! Младата и амбициозна девојка беше прогласена за една од двете најперспективни тинејџерки во Европа на престижните награди Women in Tech Europe Awards 2026, кои се одржаа во Париз.
Харизматичната водителка на „Низ град со Кики“ беше меѓу шесте финалистки во категоријата Aspiring Teen Award, а од француската метропола се враќа со значајно признание за нејзината иницијативност и желба да поттикнува позитивни промени во општеството.
На свечената церемонија, младата Македонка го прими признанието и им се обрати на присутните, а радоста и возбудата од големиот успех ги сподели и со своите следбеници на социјалните мрежи:
„Кога го слушнав моето име, не можев да поверувам дека е вистина. Овој момент ми значи повеќе отколку што можам да изразам со зборови.
Бескрајно сум горда и навистина почестена што сум наградена како една од двете Најперспективни тинејџерки во Европа на Women in Tech Europe Awards 2026 во Париз!
Многу сум благодарна за ова неверојатно признание, а уште помотивирана да продолжам да сонувам големи соништа, да ги рушам бариерите и да создавам позитивни промени.
БЛАГОДАРАМ @womenintechorg @women_in_tech_macedonia.“
За време на престојот во Париз, македонските претставнички имаа средба и со македонскиот амбасадор во Франција, проф. д-р Игор Николов, кој им даде поддршка за нивното учество на европските награди.
Кики активно учествува во иницијативи и проекти насочени кон поддршка и охрабрување на младите. Во мај годинава, таа ја доби наградата Најперспективна тинејџерка на Women in Tech Macedonia Awards, која лично ѝ ја врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Националното признание ѝ го отвори патот кон европската сцена, каде што се најде во друштво на млади девојки од Албанија, Романија, Шпанија, Турција и Франција.