„Млади, верувајте во себе!“: Кики Мукаетова прими Women in Tech награда од претседателката Сиљановска-Давкова
Во позитивна и мотивирачка атмосфера, денеска се славеше женската иновативност, лидерство и визија во дигиталниот свет. Инспиративни дами беа наградени за нивниот бесценет придонес во унапредувањето на технолошкиот сектор, дигиталните иновации и рушењето на родовите бариери на ексклузивниот настан на Women in Tech Macedonia, кој се одржа под покровителство на Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Свечена манифестација ги валоризираше досегашните успеси и истовремено ширум ја отвори вратата за новите генерации визионери. Како смела претставничка на новиот бран обликувачи на иднината, Кристина Мукаетова покажа дека возраста не е параметар за зрелост, посветеност и силна желба за промена.
Шармантната девојка ја прими наградата Најперспективна тинејџерка од македонската претседателка Силјановска-Давкова, за учество во кампањи и проекти кои поддржуваат млади.
Со срце исполнето со бескрајна благодарност и очи храбро вперени кон нови цели, среќната добитничка сподели:
Огромно БЛАГОДАРАМ @women_in_tech_macedonia
Самата номинација и можноста да се биде во друштво на реализирани, иновативни и инспиративни жени за мене претставува голема чест.
За мене, оваа награда е пред сѐ, мотив повеќе да продолжам да творам, создавам, да правам позитивни промени, да инспирирам и поддржувам млади луѓе, затоа што сѐ што правам, правам од срце!
Голема благодарност до Претседателката, Н.Е. Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова за денешниот настан. Почитувана Претседателке, Вие сте моја голема инспирација
МЛАДИ: Верувајте во себе! Ништо не е невозможно ако вистински се сака. Нема ништо поубаво од тоа да се чувствувате корисни: за себе, за најблиските, за општеството. Потребна ни е средина на поддршка, повеќе емпатија, да учиме од успесите на другите а не да се труеме со негативни наративи, омраза, завист и токсични коментари. Секој од нас има свој избор и не постои универзална формула за успех, но трудот, упорноста и добрите намери секогаш се ценат.
Осврнувајќи се на учеството во кампањи и проекти кои поддржуваат млади, за своите најнови активности Кики изјави:
Претходниве два месеци бев и на трибини со средношколци во 6 града низ Македонија. Многу талентирани млади имаат потенцијал, но често немаат доволно менторство, практично искуство или поддршка за да го развијат. Неодамна учествував и во кампања за разбивање на стереотипите и рушење на предрасудите за машките и женските професии. На овој ангажман се нафатив откако дознав дека во едно стручно средно училиште има само три девојчиња матурантки. Кампањата се одвиваше под слоганот „Да ги срушиме стереотипите, да ја изградиме иднината“.
Ние мора да ги срушиме стереотипите ако сакаме подобра иднина. Јас припаѓам на Gen Z, не сакам совршен имиџ туку автентичност, сакам да слушнам реални приказни, да решавам реални проблеми и да бидам фактор на промена.
Women in Tech Macedonia е организација која ги поддржува девојките и жените во технологијата, STEM и дигиталните професии преку едукација, менторство и заеднички настани. Претставувајќи ја Мукаетова, организаторите на настанот се навратија на повеќето од нејзините досегашни проекти:
Запознајте ја Кристина Мукаетова – артист, дигитален креатор и двигател на промени, која на сцената е од својата 9-та година.
На 11 години веќе има глумено во 84 епизоди од популарна детска ТВ-серија, а на 13 гордо ја претставувала Македонија на Јуниорскиот Евросонг.
Со желба славата да ја искористи за позитивнa промена во општеството, на 16 години го започнала серијалот „Низ град со Кики“, talk-show формат кој ги истакнува инспиративните приказни од македонското општество и создава простор каде тинејџерите се чувствуваат информирано, охрабрено и мотивирано да се соочат со секојдневните предизвици.
Надвор од екраните, таа волонтира во Црвениот крст, го поддржува СОС Детското село, има учествувано во иницијативи поддржани од UNICEF и придонесува во проекти што ги промовираат емпатијата, креативноста и инклузивноста.
Кристина е доказ дека не мора да пораснеш за да направиш промена. 💫
Честитки, Кристина! 🏆
На свечениот настан беа врачени награди во 9 категории и доделено 21 признание.
Покрај Мукаетова како Најперспективна тинејџерка, на пиедесталот застанаа и брилијантните:
- Маја Наумовска Савеска – Најголем поддржувач (Best Ally Award)
- Биљана Ристеска – Највлијателна иницијатива (Most Impactful Initiative Award) - MKSafeNet
- Д-р Моника Симјаноска Мишева – Најреволуционерна улога во технологија (Most Disruptive Award)
- Франка Граждани – Жена во Web3 (Woman in Web3 Award)
- Ина Најдановиќ Марковиќ – Стартап награда (Start-Up Award)
- Гордана Клинчарова – Награда за технолошка дипломатија (Tech Diplomacy Award)
- Елка Јошевска – Глобално лидерство (Global Leadership Award)
- Софче Јовановска – Награда за животно достигнување во технологијата (Women in Tech® Lifetime Achievement Award)
Претседателката Сиљановска-Давкова упати честитки до добитничките:
Денеска ги доделив наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech Macedonia Awards“. Искрени честитки до добитничките! Кога една жена ќе успее, нејзиниот успех е охрабрување за многу други жени, кои доаѓаат по неа.
Исклучителните дами остануваат светол пример и цврст доказ за бескрајниот потенцијал на женското лидерство во нашето општество.