Ирена, која беше жртва на семејно насилство: „Не чекајте жена да биде убиена за да ѝ поверувате! Не чекајте да има мртво тело за да реагирате!“
Трагедијата во Богданци, во која 21-годишниот Виктор ја запали во автомобил неговата 17-годишна девојка Билјана, а потоа си го одзеде сопствениот живот, отвори длабоки рани и уште еднаш го вклучи алармот за нефункционалноста на системот за заштита на жените од семејно и родово базирано насилство.
Длабоко потресена од оваа страшна вест, својот револт го изрази и Ирена Китановска, жена која и самата минала низ пеколот на семејното насилство. Откако преживела физички напади од својот сопруг кој ѝ го скршил носот, Ирена собра храброст со двете деца да го напушти насилникот. Денес, нејзиниот глас е крик за сите жртви кои немаат среќа да ја раскажат својата приказна.
Во својата потресна реакција, Ирена упати остра порака до институциите и целокупната јавност:
Уште колку животи треба да згаснат?
Секоја пријава за насилство мора да биде сфатена сериозно. Веднаш, одговорно и без одложување.
Не смеат да се чекаат последните солзи, последниот повик за помош и трагедијата за некој да ја сфати опасноста.
Системот мора да ги штити жртвите!
17 години… Еден живот што требало допрва да живее. 🖤
НАСИЛСТВОТО МОРА ДА СЕ СПРЕЧИ ПРЕД ДА СТАНЕ УБИСТВО!
Само 17 години… На таа возраст требало да сонува, да се смее и да го живее животот, а не да стане уште една жртва на насилство.
Не чекајте жена да биде убиена за да ѝ поверувате! Не чекајте да има мртво тело за да реагирате!
ЕДНА ПРИЈАВА МОЖЕ ДА СПАСИ ЕДЕН ЖИВОТ. РЕАГИРАЈТЕ ДОДЕКА НЕ Е ПРЕДОЦНА!
Доста е жртви. Доста е молчење. Доста е фемицид! 🖤

Китановска го раскажа својот случај во ексклузивно интервју за Фемина:
Денес не зборувам за да ме сожалува некој, ниту за да се одмаздам. Зборувам затоа што зад мојата приказна стојат и моите деца. Сакам тие еден ден да знаат дека нивната мајка не се откажала, дека имала храброст да стане и да каже: „Ова ми се случи. Ова беше погрешно. И повеќе нема да молчам.
Последните закани од негова страна откако се разведовме беа дека јас ќе бидам Росица 2. Дека ќе бидам негова или мртва.
Колку и да се трудев да имаме нормална комуникација поради децата, тоа беше невозможно.
Не барам совршен систем, барам систем во кој жената нема да биде оставена сама кога најмногу ѝ треба заштита.
На жртвата ѝ треба некој да ѝ каже: „Ти верувам. Не си виновна. И не си сама.“